97/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 19 март 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на 144 став 1, член 146 ставовите 2 и 5 и член 146-б од Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр. 47/1996, 3/1998, 98/2002, 04/2005 и 131/2007)

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на:

– уставноста на член 144 став 2 од Законот означен во точката 1 на ова решение и

– уставноста и законитоста на член 9 став 1 од Правилникот со тарифа за користење на авторски музички дела („Службен весник на Република Македонија“ бр. 31/2007).

3. Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора на Македонија, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот и Правилникот означени во точките 1 и 2 на ова решение.

Според подносителот на иницијати­вата, со оспорените одредби од Законот било дадено овластување на извесно здружение и министерот за култура со подзаконски акти да ја предвидуваат висината на надоместокот за користење на авторски музички права, што немало уставна основа и отстапувало од принципот на поделба на власта на законодавна, извршна и судска. Имено, ваквото овластување на здружението (во случајов Здружение за заштита на авторски музички права ЗАМП на Република Македонија) дадено од министерот за култура не било во согласност со Уставот, затоа што случаите во кои се наплаќа надоместок биле прашања кои можат да се уредат само со закон, а не и со подзаконски акт. Ова дотолку повеќе што Законот не само што не ги пропишувал случаите во кои се наплаќа надоместок за користење авторски музички права, туку тој не содржел ниту критериуми и мерила за утврдување на тие случаи и висината на надоместокот за користење на авторските музички права од страна на корисниците. Со тоа, овластувањето на ЗАМП да ги пропишува случаите кога се наплатува надоместокот за користење на авторски музички права, без постоење на законски утврдени критериуми и рамка за тоа, туку со Правилник со Тарифа за користење на авторски музички права, не бил во функција на операционализација и разработка на одделни законски утврдени критериуми заради нивно извршување, туку водело во крајна линија кон утврдување на права и обврски за граѓаните и правните лица, што ниту со Уставот ниту со законите не било дозволено. Поради тоа, оспорените одредби од Законот биле спротивни на член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот.

Во однос на оспорениот член 9 став 1 од Правилникот со Тарифа за користење на авторски музички права на ЗАМП, се наведува дека утврдувањето на основата за пресметка на надоместокот претставувала бруто приходот остварен при јавното изведување, односно објавувањето кога се врши наплатување на влезници или друго наплатување ( дотации, спонзорства, реклами, резервации, консумации и сл.) не било во согласност со Уставот, затоа што само даноците имале третман на јавни давачки и се пресметувале и наплаќале од бруто приходот, односно од бруто добивката на правните субјекти, па давањето на ист таков третман на надоместоците на ЗАМП, кое дури оди дотаму што самото ЗАМП да ја определува нивната висина надвор од закон, т. е. со свој правилник, било противуставно и противзаконито, затоа што ниту со подзаконски акти кои ги донесува министерот не можело за граѓаните и за другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, а уште помалку тоа да се правело со акти на здруженија кои не претставуваат органи на државната управа. Поради наведеното, оспорената одредба била во спротивност со член 33 од Уставот и со член 55 став 1 и член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

Во иницијативата е содржан и посебен предлог за доне­сување решение за запирање на извршувањето на оспорениот правилник, до конечното одлучување од страна на Судот, од причина што истиот предизвикувал материјални трошоци по однос на субјектите на кои се однесувал, а со тоа ги зголемувал и трошоците за деловното работење на правните субјекти, а воедно неговото извршување предизвикувало тешко отстранливи последици по правата на правните лица.

4. Судот на седницата утврди дека според член 144 став 1 од Законот за авторското право и сродните права, Министерството за култура издава дозвола на здружението врз основа на јавен конкурс што се објавува во „Службен весник на Република Македонија“. Согласно став 2 на овој член, за колективно остварување на утврдените права од членовите 160 и 161 на овој закон, за ист вид авторски дела, по правило се издава дозвола само на едно здружение.

Согласно член 146 став 2 од овој закон, доколку надоместокот не е определен согласно со ставот 1 на овој член, тој се плаќа согласно со правилникот за користење на авторските дела со тарифата за висината на надоместоците на здружението за колективно остварување, на кој согласност дава Министерството за култура. Според став 5 на истиот член, до склучувањето на договор од ставот 1 на овој член се пресметува и се наплаќа авторски надомест во аконтативен износ, пресметан под услови, начин и висина определена во правилникот со тарифата. Аконтативниот износ од овој став се засметува во масата на средствата за исплата на надоместоци, определена со договорот од ставот 1 на овој член.

Според член 146-б став 1 од овој закон, доколку користењето на авторското дело е нужно за вршење на дејноста на корисникот на начин што дејноста на корисникот зависи од користењето на делата, како во случај на радиодифузното користење, концертните, танчерските и другите користења, висината на надоместот во правилникот со тарифата се определува, по правило, во процент од приходот, односно добивката којашто корисникот ја остварува со користењето на авторското дело. Според став 2 на овој член, доколку со користењето на авторското дело не се остварува приход, односно добивка, висината на надоместот во правилникот со тарифата може да се определи во процент од трошоците потребни за користење на делото, како што се: надоместоците или платите на уметниците, трошоците за користење на просторот при користење на делата или други соодветни трошоци. Согласно ставот 3 на истиот член, со надоместоците што се определуваат во проценти се определува и најнискиот износ на надоместот. Според ставот 4 на овој член, доколку користењето на авторското дело не е нужно за вршење на дејноста на корисникот, меѓутоа е корисно или пријатно за корисниците на нивните услуги, како во случај на: хотелските објекти или другите објекти за сместување, изложбените простори, угостителските објекти, превозните средства и другите јавни објекти, висината на надоместокот во правилникот со тарифата се определува во паушален износ, и тоа како за постојаните така и за повремените користења на делата, а според ставот 5 на овој член, при определувањето на висината на паушалниот надоместок во правилникот со тарифата, како и во случај на надоместокот од став 3 на овој член се земаат предвид околностите на користењето, како што се: видовите на користење, подрачјето на користење (бројноста на потенцијалните корисници), категоријата и големината на просторот, траењето и бројот, како и разликата во висината на цените во работењето на корисникот.
Судот, исто така, утврди дека согласно член 9 став 1 од Правилникот со тарифа за користење авторски музички дела, основа за пресметка на надоместокот претставува бруто-приходот остварен при јавното изведување, односно објавувањето кога се врши наплатување влезници или друго наплатување (дотации, спонзорства, реклами, резервации, консумации и сл.).

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на власта на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 20 став 2 од Уставот, граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и поитички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истпуваат.

Според член 30 став 3 од Уставот, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според член 47 став 2 од Уставот се гарантираат правата што произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид интелектуално творештво.

Со Законот за авторското право и сродните права се уредува правото на авторите над нивните дела во областа на книжевноста, науката и уметноста и правата на изведувачите на фонограмските, филмските и сценските продуценти, на радио и телевизиските организации и на изведувачите над нивните изведби и предмети на сродните права, како и остварувањето и заштитата на авторското право и сродните права.

Според член 14 од наведениот закон авторско право е единствено право и неразделно од авторско дело што содржи лично правни овластувања (морални права) исклучиви имотно правни овластувања (материјално право) и други овластувања на авторот.

Според член 18 од Законот, материјалните права ги штитат имотните интереси на авторот. Користењето на авторското дело е дозволено кога авторот го пренел материјалното авторско право согласно со овој закон и согласно со условите што ги определил, доколку со овој закон не е поинаку определено.

Според член 19 став 1 од Законот, авторот има исклучиво материјално право да го користи своето дело и да дозволува или забранува користење на делот за: издавање, репродукција, дистрибуција, вклучувајќи и изнајмување и позајмување, јавно изложување, јавно соопштување и преработување.

Во Глава VI од Законот посебно е уредено прашање на остварување на авторските права. Имено, во член 135 и член 136 е предвидено дека авторот своите морални, материјални или други права може да ги остварува лично или преку застапник, при што авторското право се остварува одделно за секое авторско дело (индивидуално остварување) или доколку со овој закон е определено заедно со повеќе авторски дела од повеќе автори (колективно остварување).

Според член 141 од Законот, колективно остварување вршат здруженија на автори, односно здрженија на носители на сродни права, основани за таа цел, како здруженија на граѓани во согласност со Законот за здруженијата на граѓани и фондациите, односно стопански интересни заедници во согласност со Законот за трговските друштва ( во натамошниот текст на Законот: здруженија). Здружението работи со непрофитна цел и може да врши само колективно остварување. Со здружението управуваат членовите, во согласност со овој и друг закон.

Согласно член 143 од Законот, здружението се регистрира во надлежен орган, а почнува со работа по издадена дозвола од Министерството за култура. Дозволата се издава на здружение кое ги исполнува законски пропишаните услови.

Според член 144 став 1 од Законот, Министерството за култура издава дозвола на здружението врз основа на јавен конкурс што се објавува во „Службен весник на Република Македонија“. Согласно став 2 на истиот член, за колективно остварување на утврдените права од членовите 139 и 140 на овој закон, за ист вид авторски дела, по правило се издава дозвола само на едно здружение.

Согласно член 145 став 1 од истиот закон, Министерството за култура ќа ја одземе издадената дозвола, доколку здружението не ги остварува обврските утврдени со статутот и овој закон.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби произлегува дека законодавецот се определил во сферата на остварување на авторските права, авторите и носителите на сродни права да можат да основаат здруженија на граѓани кои ќе вршат колективно остварување на авторското право. Во оваа смисла, дозволата која Министерството за култура ја издава на здружението согласно член 144 од Законот за авторското право и сродните права претставува доверување вршење на јавно овластување, кое поблиску се уредува со овој закон. Притоа, државата го задржала правото на надзор над остварувањето на пренесеното јавно овластување, така што согласно член 155 од Законот, се утврдува дека надзор над колективното остварување на авторското право и на сродните права врши Министерството за култура, согласно со овој и со друг закон.

Во рамките на пренесеното јавно овластување, законодавецот го овластил здружението кое има дозвола, да учествува во определувањето на надоместоците за користење на делата. Така, со ставот 1 на член 146 од Законот, се утврдува дека надоместоците за користење на делата првенствено се утврдуваат со договор меѓу здружението за колективно остварување и националниот радиодифузен сервис, како и со договор меѓу здружението за колективно остварување и соодветно здружение на корисниците, односно нивна комора. Во таа смисла, со ставот 4 на истиот член се утврдува обврска за двете страни да преговараат за висината на надоместокот, при што одбивањето на овие преговори од страна на здружението за колективно остварување претставува основа за одземање на дозволата, а одбивањето на преговорите од страна на корисниците, ќе подразбира основ за примена на правилникот со тарифата на здружението, донесен во согласност со ставот 2 на истиот член.

Според оспорениот став 2 на овој член, доколку надоместокот не е определен согласно со ставот 1 на овој член, тој се плаќа согласно со правилникот за користење на авторските дела со тарифата за висината на надоместоците на здружението за колективно остварување, на кој согласност дава Министерството за култура. Според оспорениот став 5 на истиот член, до склучувањето на договор од ставот 1 на овој член се пресметува и се наплаќа авторски надомест во аконтативен износ, пресметан под услови, начин и висина определена во правилникот со тарифата. Аконтативниот износ од овој став се засметува во масата на средствата за исплата на надоместоци, определена со договорот од ставот 1 на овој член.

Со оспорениот член 146-б од Законот се пропишува основот и начинот на определувањето на висината на надоместокот за користење на авторско дело, во зависност од начинот и условите на користење на делото. Така, се утврдува дека доколку користењето на авторското дело е нужно за вршење на дејноста на корисникот на начин што дејноста на корисникот зависи од користењето на делата, како во случај на радиодифузното користење, концертните, танчерските и другите користења, висината на надоместот во правилникот со тарифата се определува, по правило, во процент од приходот, односно добивката којашто корисникот ја остварува со користењето на авторското дело. Доколку со користењето на авторското дело не се остварува приход, односно добивка, висината на надоместот во правилникот со тарифата може да се определи во процент од трошоците потребни за користење на делото, како што се: надоместоците или платите на уметниците, трошоците за користење на просторот при користење на делата или други соодветни трошоци. Доколку користењето на авторското дело не е нужно за вршење на дејноста на корисникот, меѓутоа е корисно или пријатно за корисниците на нивните услуги, како во случај на: хотелските објекти или другите објекти за сместување, изложбените простори, угостителските објекти, превозните средства и другите јавни објекти, висината на надоместокот во правилникот со тарифата се определува во паушален износ, и тоа како за постојаните така и за повремените користења на делата. При определувањето на висината на паушалниот надоместок во правилникот со тарифата, како и во случај на надоместокот од став 3 на овој член се земаат предвид околностите на користењето, како што се: видовите на користење, подрачјето на користење (бројноста на потенцијалните корисници), категоријата и големината на просторот, траењето и бројот, како и разликата во висината на цените во работењето на корисникот.

Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби, како и од целокупното нормативно уредување на остварувањето на авторското право со Законот за авторското право и сродните права, а имајќи ја предвид содржината на оспорените одредби и причините поради кои истите се оспоруваат, Судот оцени дека тие не можат да бидат доведени под сомнение од уставен аспект.

Ова од причина што здружението за колективно остварување врши јавни овластувања пренесени од страна на Министерството за култура, кое пак, преку давањето согласност на правилникот со тарифата за надоместоците за користење на авторските дела ја потврдува контролата и надзорот на државата врз пренесеното јавно овластување. Во оваа смисла, Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У. бр. 112/2001, ценејќи ја уставноста на членот 144 став 2 од истиот закон, искажал став дека од Законот јасно произлегува дека работите што му се ставени во делокруг на здружението за колективно остварување, тоа ги врши како јавно овластување што му е пренесено со издавање на дозволата за колективно остварување, што е аргумент повеќе дека ова здружение е непрофитна организација и дека неговото работење и дејствување не подлежи на целосно влијание на пазарните законитости поради што истото и не може да се третира како субјект на пазарот во смисла на членот 55 од Уставот.

Освен тоа, правото на надоместок за користење на авторските дела е утврдено со Законот, поради што немаат основа наводите во иницијативата дека со правилникот, како подзаконски акт, се утврдувале права и овбврски за правните субјекти. Од друга страна, со оспорениот член 146-б од Законот, законодавецот ја утврдува основата за утврдување на висината на надоместокот за користење на авторско дело и околностите од кои зависи висината на надоместокот во конкретен случај на употреба, поради што, според Судот, наводите во иницијативата дека Законот не содржел мерила и критериуми за определувaње на случаите кога се наплатува надоместокот за користење на авторски дела и за утврдување на висината на надоместокот, се неосновани.

Тргнувајќи од наведеното, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на член 144 став 1, член 146 ставовите 2 и 5 и член 146-б од Законот за авторското право и сродните права со одредбите на член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот.

6. Според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеите 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

а) Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У. бр. 112/2001, помеѓу другото, не повел постапка за оценување на уставноста на член 144 став 2 од Законот за авторското право и сродните права (“Службен весник на РМ” бр.47/96, 3/98).

Во цитираното решение Судот изразил став дека оспорениот став 2 на член 144 од Законот, во кој е предвидено дека дозвола за колективно остварување на утврдените права во напред наведените членови од Законот за ист вид авторски дела по правило да се издава само на едно здружение на автори основано за таа цел, сам по себе однапред не ја исклучува можноста од здружување и основање на повеќе вакви здруженија затоа што вака формулирана законската одредба допушта во практиката да се издаде дозвола за колективно остварување и на повеќе здруженија. Тоа, со други зборови значи дека ограничувањето на слободата на здружување на граѓаните во здруженија заради колективно остварување на авторските права и сродните права во крајна линија не произлегува од содржината на оспорената одредба на членот 144 став 2 од Законот, но од нејзината применливост во практиката, а чија примена Уставниот суд не е надлежен да ја оценува. Освен тоа, Судот утврдил дека со Законот за здруженијата на граѓани и фондациите, здруженијата на граѓаните се дефинирани како непрофитни организации, а таков елемент посебно е утврден во член 141 од Законот за авторското право и сродните права и за здруженијата на автори основани со цел за вршење на колективно остварување. Имајќи го предвид наведеното и целиот концепт на Законот за здруженијата на граѓани и фондациите, а и смислата на членот 20 од Уставот, произлегува дека здруженијата на граѓаните, а во таа смисла и здружението на кое му е издадена дозвола за колективно остварување, не можат да се третираат како стопански или друг субјект на кои единствена цел им е преку продавање на стоки или давање на услуги на пазарот да стекнат добивка, односно профит за себе. Во прилог на тоа треба да се истакне и фактот дека колективното остварување здружението го остварува само врз основа на издадена дозвола. Ваквата дозвола, пак, согласно Законот за авторското право и сродните права, како и Законот за здруженијата на граѓани има карактер на акт со кој всушност се пренесува вршење на јавно овластување.

Со оглед на тоа што со оваа иницијатива повторно се бара оценување на уставноста на член 144 став 2 од Законот, а нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата во овој дел.

б) Уставниот суд на Република Македонија, со Одлука У. бр. 74/2007 („Службен весник на Република Македонија“ број 27/2008), помеѓу другите, го укина и член 9 од Правилникот со тарифа за користење на авторски музички дела („Службен весник на Република Македонија“ бр.31/2007).

Со оглед на тоа што со оваа иницијатива се бара оценување на уставноста и законитоста на член 9 став 1 од наведениот правилник, која одредба повеќе не е дел од правниот поредок во Република Македонија, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување, поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата во овој дел.

7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.97/2007
19 март 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски