97/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 јули 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на

а) член 92 од Законот за радиодифузна дејност (“Службен весник на РМ” бр.20/97) и

б) член 29 став 3 од Законот за основање на јавно претпријатие Македонска радио-телевизија (“Службен весник на РМ” бр.6/98).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на:

а) Решението бр.17-2136/1 од 20 април 1999 година, донесено од Владата на Република Македонија со кое Милан Пројковски е именуван за вршител на должноста директор на јавното радиодифузно претпријатие на ликално ниво – Центар за печат, радио и телевизија – Прилеп и

б) Решението бр.17-3419/2 од 11 јули 2000 година за повторно именување на Милан Пројковски за вршител на должноста директор на Јавно радиодифузно претпријатие на локално ниво – Центар за печат, радио и телевизија во Прилеп донесено од Владата на Република Македонија на 11 јули 2000 година.

3. Љупчо Мургоски од Прилеп, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста, односно уставноста и законитоста на актите означени во точките 1 и 2 на ова решение.

Според наводите во иницијативата членот 92 став 2 од Законот за радиодифузна дејност бил несогласен со Уставот затоа што зборот “радиостаниците” бил даден многу воопштено без да се наведе за кои радиостаници станува збор и во чија сопственост се, што и овозможувало на Владата да ја преземе управувачката функција воопшто во сите радиостаници.

Членот 29 став 3 од Законот за основање Јавно претпријатите Македонска радио-телевизија се оспорува затоа што ја овластувал Владата да ги врши основачките права на постојните локални радиостаници независно од тоа што не била сопственик на основните средства, ниту пак, основач на радиостаницата.

Давајќи и вакво овластување на Владата, законодавецот го нарушувал начелото на правната заштита на сопственоста како темелна вредност на уставниот поредок, а се повредувало и правото на управување кое, како такво, произлегувало од правото на сопственоста.

Со други зборови, подносителот на иницијативата поаѓа од фактот дека локалната радиостаница – Центар за печат, радио и телевизија во Прилеп, е регистрирана како акционерско друштво во мешовита сопственост и дека како такво не потпаѓа под надлежност на Владата на Република Македонија.

Одлуките наведени во точката 2 од ова решение се оспоруваат затоа што со нив Владата извршила именување на вршител на должноста директор за што не била надлежна.

4. Судот на седницата утврди дека согласно член 92 став 1 од Законот за радиодифузна дејност постојните локлани радиостаници основани според одредбите од Законот за радиодифузната дејност, продолжуваат со работа како јавни радиодифузни претпријатија кои вршат дејност на локално ниво.

Согласно ставот 2 на овој член од Законот општините, односно градот Скопје се должни да го усогласат работењето на радиостаниците од став 1 на овој член со одредбите на овој закон, во рок од девет месеци од денот на неговото влегување во сила.

Членот 29 став 1од Законот за основање на Јавно претпријатие Македонска радио-телевизија предвидува дека постојните локални радио станици, по склучување на меѓусебни спогодби меѓу општините за преземање на вршење на основачките права во чие седиште е лоцирана локалната радиостаница и одделните ново формирани општини од соодветните подрачја по претходната територијална поделба на Републиката, продолжуваат со работа како јавни радиодифузни претпријатија кои вршат дејност на локално ниво.

Според ставот 2 на овој член од истиот закон по склучувањето на меѓусебните спогодби став 1 на овој член, општините, односно градот Скопје се должни да го усогласат работењето на радиостаниците според Законот за радиодифузната дејност.

Согласно ставот 3 на овој член од Законот до склучувањето на меѓусебните спогодби и усогласувањето на работата на радиостаниците од став 1 на овој член, Владата на Република Македонија ги врши основачките права на постојните локални радио-станици во рокот утврден во член 92 став 2 (во рок од 9 месеци, односно до 30 јануари 1998 година) од Законот за радиодифузна дејност.

Во овој контекст, Судот имаше предвид дека како основ за донесување на оспорените решенија послужиле одредбите од членот 92 став 1 од Законот за радиодифузна дејност и членот 29 од Законот за основање на Јавно претпријатие – Македонска радиотелевизија според кои општините, односно градот Скопје се должни да го усогласат работењето на радио станиците во рок од 9 месеци од денот на влегувањето во сила на Законот за радиодифузна дејност, односно според кои до склучувањето на меѓусебните спогодби и усогласувањето на работата на радиостаниците, Владата на Република Македонија ги врши основачките права на постојните локални радио станици во рок од девет месеци од денот на неговото влегување во сила.

Тоа, во случајов значи дека крајниот рок за нивното усогласување бил 30 јануари 1998 година.

Со оглед на тоа што овие меѓусебни спогодби во определениот рок не биле склучени, а дејството на овие законски одредби, бидејќи се од времен карактер, е исцрпено, Владата не можела да го користи тоа веќе непостоечко право, односно не можела овие законски одредби да ги користи како основ за донесување на оспорените решенија со кои звршила именување и повторно именување вршител на должноста директор на јавното радиодифузно претпријатие на локално ниво – Центар за печат, радио и телевизија, поради што Судот ја отфрли иницијативата за оценување уставноста на оспорените закони од овој аспект.

6. Судот, на седницата, исто така, утврди дека со Решението У.бр.17-2136/1 од 20 април 1999 година Милан Пројковски е именуван за вршител на должноста директор на Јавното радиодифузно претпријатие на локално ниво -Центар за печат, радио и телевизија Прилеп и со Решението У.бр.17-3419/2 од 11 јули 2000 година Милан Пројковски е повторно именуван за вршител на должноста на ова јавно претпријатие.

7. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Судот меѓу другото одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Со оглед на тоа дека одлуките со кои Милан Пројковски е именуван, односно повторно именуван, за вршител на должноста на Јавното радиодифузно претпријатие на локално ниво – Центар за печат, радио и телевизија – Прилеп, не претставуваат прописи во смисла на член 110 од Уставот, Судот ја отфрли иницијативата за оценување на нивната уставност и законитост.

8. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 на ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.97/2001
28 јули 2001 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов