97/1997-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 септември 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за определување висината на надоместокот за употреба на градежно земјиште на град Гостивар (“Службен гласник на Општина Гостивар” бр.6 од 28 март 1986 година) и Одлуката за измена на Одлуката за определување на висината на надоместокот за употреба на градежно земјиште на град Гостивар (“Службен гласник на Општина Гостивар” бр.4 од 9 јули 1993 година).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Ангеле Јанкоски, Софроние Данилоски, Велимир Манасиески и други, сите од Гостивар, му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на актите означени во точка 1 од ова решение, во која наведуваат дека во осумдесеттите години СИЗ-от за становање и комунално уредување во Гостивар донел одлука за наплаќање на комунален придонес од граѓаните во висина од 25% од цената за изнесување на смет. Во 1993 година, наместо да дојде до укинување на оваа јавна давачка, Јавното претпријатие за становање донело одлука за зголемување на комуналниот придонес за 400%. Согласност за ваквото зголемување дало Собранието на Општина Гостивар, а требало таква согласност да даде Републиката. Овој придонес кој се наплаќал од граѓаните погрешно се наменувал, додека уредувањето на градежното земјиште било регулирано со нови прописи. Предлагаат Судот да ги укине оспорените одлуки.

3. Судот на седницата утврди дека Одлуката за определување висината на надоместокот за употреба на градежно земјиште на град Гостивар е донесена од Собранието на самоуправната интересна заедница за уредување и употреба на градежно земјиште на 10 февруари 1986 година. На 25 март 1986 година Собранието на Општина Гостивар донело Решение за давање согласност на наведената одлука. Ова Решение и оспорената Одлука се објавени во “Службен гласник на Општина Гостивар” бр.6 од 28 март 1986 година.

Со оспорената одлука се определени висината, начинот на исплатата и користењето на средствата од надоместокот за употреба на градежното земјиште на град Гостивар со приградските населби.

Со Одлуката од 27 мај 1993 година, донесена од Собранието на Општина Гостивар и објавена во “Службен гласник на Општина Гостивар” бр.4 од 9 јули 1993 година, изменет е членот 9 од оспорената Одлука од 1986 година, во кој што член е утврдена висината на надоместокот за употреба на градежно земјиште, на начин што се утврдени други, повисоки износи на надоместокот за употреба на градежното земјиште.

4. Согласно член 44 став 1 од Законот за градежно земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/79), собранието на општината, односно самоуправната интересна заедница во согласност со собранието на општината, може да утврди надоместок за употреба на градежното земјиште според обемот и степенот на опременоста со комунални објекти и инсталации.

Оваа одредба е изменета со членот 25 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градежното земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.21/91), така што се избришани зборовите “односно самоуправните интересни заедници во согласност со собранието на општината”.

Оттука произлегува дека оспорената одлука, која е донесена во 1986 година од Собранието на самоуправната интересна заедница за уредување и употреба на градежното земјиште и за која дало согласност Собранието на Општина Гостивар, била донесена во согласност со тогаш важечката одредба од Законот за градежното земјиште, додека Одлуката за измена на Одлуката за определување на висината на надоместокот за употреба на градежното земјиште на град Гостивар, која е донесена во 1993 година, односно по цитираната измена на членот 44 од Законот за градежното земјиште, е донесена од Собранието на Општина Гостивар, како единствен овластен доносител согласно измената на членот 44 од Законот.

Имајќи предвид дека оспорените одлуки биле донесени од надлежни органи на кои со одредбата од член 44 од Законот за градежно земјиште им е дадено овластување да ја утврдуваат висината и начинот на плаќање на надоместокот за употреба на градежното земјиште, Судот најде дека нема основ за поведување постапка за оценување законитоста на овие одлуки, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.97/97)