96/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 28 мај 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 1 став 1 алинеја 5 во делот

2.СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот во кој се бара поведување на постапка за оценување на меѓусебната согласност на оспорените одредби означени во точката 1 од ова решение со член 3 став 1, член 4 ставови 2, 3 и 4 и член 11 од Европската повелба за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.23/1997).

3. Стрезо Стрезовски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот за енергетика означени во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека според членот 22 став 1 алинеја 4 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) снабдувањето со топлинска енергија било комунална дејност во надлежност на локалната самоуправа. Со оспорените одредби кои прогласувале „некаков си“ пазар на топлинска енергија, за што немало техничка и друга основаност, на единиците на локалната самоуправа им била укината оваа надлежност и целосно се пренела на Органот на централната јавна власт-Регулаторната комисија за енергетика. Локалната самоуправа со оспорените одредби немала никаква улога во снабдувањето со топлинска енергија, освен што градоначалникот добивал годишни извештаи за продадената количина на енергија, согласно членот 118 став 5 од Законот за енергетика.

Оттаму, оспорените одредби ги повредувале член 8 став 1 алинеја 9, член 114 став 1, член 115 став 2, член 117 став 4, Амандманот XXVI и Амандманот XXVII на Уставот, како и член 3 став 1, член 4 ставови 1, 2, 3 и 4 и член 11 од Европската повелба за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.23/1997).

Во натамошниот текст на иницијативата се појаснува дека пазарот на топлинска енергија, всушност подразбирал централно затоплување на станови, а во Република Македонија такви системи имало во Скопје, односно до пред некоја година постоеле и во Битола и Македонска Каменица. Потоа, преку примери, се појаснува како од практичен аспект функционирале системите и кога, односно на која оддалеченост бил можен транспорт на топлата вода.

Според подносителот на иницијативата, прашањето, како граѓаните на една општина ќе се затоплуваат, не било прашање кое требало да ги засега граѓаните на сите општини во Република Македонија, што значи било прашање од локално значење и интерес. Според нему познатите системи за снабдување со топлинска енергија, тој не сретнал дека тамошните централни власти се мешале во работењето на вакви системи, напротив оваа надлежност била препуштена на локалната самоуправа. Тоа било исто локално прашање и секаде: единиците на локалната самоуправа, комерцијалните претпријатија или самите граѓани ги граделе и управувале ваквите системи, а не регулаторни комисии или други органи на централната власт. Тоа било со цел да се има подобро и поевтино затоплување.

Во иницијативата се посочуваат линкови од медиуми на кои можат да се прочитаат изјави на градоначалниците на Скопје во врска со оваа проблематика.

Инаку, според содржината на иницијативата, очигледно подносителот на иницијативата ја оспорува одредбата само по однос на делот: „пазар на топлинска енергија“, а не и по однос на останатите видови пазари на енергија, од каде предмет на оцена и анализа е член 1 став 1 алинеја 5 во делот: „пазар на топлинска енергија“, а не целината на одредбата.

4. Судот на седницата утврди дека според член 1 став 1 алинеја 5 од Законот за енергетика, со овој закон се уредуваат, меѓу другото, пазарот на електрична енергија, пазарот на природен гас, пазарот на сурова нафта, нафтени деривати и горива за транспорт и пазарот на топлинска енергија.

Во главата IX.-ПАЗАР НА ТОПЛИНСКА ЕНЕРГИЈА се содржани членовите 111 до 121 од Законот за енергетика.

Во членот 111 од Законот е утврдена должност за потрошувачите, на своето подрачје на единиците на локалната самоуправа, да овозможат извршување на енергетски дејности производство на топлинска енергија, дистрибуција на топлинска енергија и снабдување со топлинска енергија со цел сигурно, безбедно, непрекинато и квалитетно снабдување со топлинска енергија.

Членот 112 од Законот содржи уредување по однос на обврските на производителот на топлинска енергија, меѓу кои спаѓа и доставувањето на годишни извештаи до Регулаторната комисија за енергетика и до градоначалникот на единицата на локалната самоуправа во врска со опремата, капацитетите, плановите за одржување, како и планираната расположливост.

Со членот 113 од Законот се уредени обврските на регулираниот производител на топлинска енергија, условите за вршење на дејноста, и како се определува надоместокот.

Членот 114 од Законот уредува проблематика што се однесува на дистрибуцијата на топлинска енергија.

Членовите 115, 116 и 117 од Законот, ги уредуваат обврските на операторот на системот за дистрибуција на топлинска енергија, и друга проблематика поврзана со дистрибуцијата.

Според член 118 став 1 од Законот, снабдувачот со топлинска енергија на потрошувачите со кои има склучено договор е должен да обезбеди сигурно, континуирано и квалитетно снабдување со топлинска енергија во согласност со Правилата за снабдување со топлинска енергија, договорите за снабдување склучени со потрошувачите и издадената лиценца.

Снабдувачот со топлинска енергија, за секој систем за топлинска енергија на којшто снабдува потрошувачи, е должен да склучи годишен договор со операторот на системот за дистрибуција на топлинска енергија за набавка на топлинска енергија за потребите на своите потрошувачи, како и договор за користење на дистрибутивниот систем, по цени и тарифи одобрени и претходно објавени од Регулаторната комисија за енергетика (став 2).

Договорите од ставот 2 на овој член ги одобрува Регулаторната комисија за енергетика и со нив подетално се уредуваат меѓусебните односи на снабдувачите и операторите на дистрибутивните системи, а се засновани на мрежните правила за дистрибуција и правилата за снабдување со топлинска енергија (став 3).

Снабдувачот со топлинска енергија е должен да доставува податоци до Регулаторната комисија за енергетика и годишни извештаи за продадената топлинска енергија, според условите утврдени во лиценцата(став 4).

Годишните извештаи од ставот 4 на овој член снабдувачот со топлинска енергија е должен да ги достави и до министерството и градоначалниците на единиците на локалната самоуправа на чиишто подрачја снабдувачот ја врши дејноста (став 5).

Во членот 119 од Законот ја уредува проблематиката поврзана со мерните уреди.

Членот 120 став 1 од Законот го утврдува правото на потрошувачите на топлинска енергија на слободен избор на снабдувач од кој ќе бидат снабдувани.

Членот 120 ставови 2 и 3 од Законот уредуваат како снабдувачот врши отчитување на мерните уреди и како ја врши наплатата на потрошената топлинска енергија, кој, како и на каков начин го определува највисокиот износ за снабдување.

Во членот 121 од Законот е определено кои лиценци и под кои услови можат да бидат издадени лиценците за носителите на лиценца за дејност.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 9 од Уставот на Република Македонија една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е локалната самоуправа.

Според член 114 став 1 од Уставот на Република Македонија, на граѓаните им се гарантира правото на локална самоуправа.

Според Амандманот XVI на Уставот, со кој се заменува ставот 5 од членот 114 од Уставот, локалната самоуправа се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Законите за локалното финансирање, локалните избори, општинските граници и за градот Скопје, се донесуваат со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Со точка 1 од Амандманот XVII од Уставот, со која е заменет ставот 1 од членот 115 од Уставот, е утврдено дека во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Според член 115 став 2 од Уставот, општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на нејзината работа го врши Републиката.

Според членот 117 став 1 од Уставот, градот е посебна единица на локалната самоуправа, чија организација се уредува со закон. Според Амандманот XVII, со точката 2 на Амандманот се менува ставот 2 од членот 117 од Уставот, а текстот на овој Амандман е поставен кон членот 115. Според оваа одредба, во градот Скопје граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашањата од значење за градот Скопје, особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштита на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Според член 117 став 4 од Уставот, градот Скопје е самостоен во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на неговата работа ја врши Републиката.

Тргнувајќи од содржината на членовите 115 став 2 и 117 став 4 од Уставот, произлегува дека општините и градот Скопје се самостојни во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон.

Собранието на Република Македонија на 14 мај 1997 година донесе Закон за ратификација на Европската повелба за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.23/1997) од кога истата стана дел од внатрешниот правен поредок на Република Македонија и не може да се менува со закон.

Согласно член 2 точка 6 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.29/2002), под поимот „Надлежност на општината” се подразбира збир на работи од јавен интерес од локално значење кои општината, во согласност со закон, има право да ги врши на своето подрачје и е одговорна за нивното извршување. Во точката 11 од истиот член од Законот е определено дека под поимот „Јавни услуги” се подразбира вршење на работи од јавен интерес од локално значење за корисниците.

Според член 20 од Законот, општините, во рамките на законот, во согласност со начелото на супсидијарност, имаат право на своето подрачје да ги вршат работите од јавен интерес од локално значење, што не се исклучени од нивна надлежност или не се во надлежност на органите на државната власт.

Според член 22 став 1 точка 4 од Законот, општините се надлежни, меѓу другото, за комуналните дејности, меѓу кои спаѓа и снабдувањето со природен гас и топлинска енергија.

Според подносителот на иницијативата оспорените одредби не биле во согласност со посочените уставни одредби, бидејќи единиците на локалната самоуправа требале да бидат надлежни за снабдувањето со топлинската енергија, која надлежност подразбира централно затоплување на становите, што преставувало пазарот на топлинска енергија.

Во оспорениот член 1 од Законот за енергетика, како општа одредба, се одредува што е предмет на уредување на овој закон, односно дека со означениот закон, меѓу другото, се уредува и пазарот на топлинска енергија. Станува збор за воведна, општа норма, чиј составен дел е пазарот на топлинска енергија, и истата заради ваквиот карактер не може да се доведе во релација со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

Од друга страна, од анализата на оспореното Поглавие VIII „Пазар на топлинска енергија“ од Законот за енергетика произлегува дека пазарот на топлинска енергија не е едноставна правна проблематика, поврзана исклучиво со снабдувањето со топлинска енергија што ја засега само единицата на локалната самоуправа и кој се однесува само на затоплувањето на становите. Во пазарот на топлинска енергија, како комплексна правна и економска проблематика покрај снабдувањето припаѓаат и: дистрибуцијата, користењето, добивањето на лиценци, формирање на цените, регулирањето и друго. Пазарот на топлинска енергија не е само централно затоплување на становите, туку и на голем број други субјекти корисници на топлинската енергија. Притоа, корисниците, дистрибутерите, снабдувачите и други имаат јасно определени права, обврски и одговорности, се со цел непречено функционирање на пазарот на топлинска енергија.

Прашањето каква надлежност ќе имаат единиците на локалната самоуправа на пазарот на топлинска енергија и снабдувањето со овој вид на енергија е прашање што не го уредува Уставот, туку, согласно членовите 115 став 2 и 117 став 4 од Уставот, надлежноста на општините и градот Скопје воопшто, па и по однос на пазарот на топлинска енергија се уредува со закон.

Во главата VIII, Пазар на топлинска енергија, членови 111 до 121 од Законот отсуствува регулатива што директно упатува на положбата на единицата на локална самоуправа на пазарот на топлинска енергија, што е главниот проблем, според подносителот на иницијативата, бидејќи единиците на локалната самоуправа, според уредувањето во Законот за локалната самоуправа, биле надлежни да ја вршат комуналната дејност снабдување со топлинска енергија, што овде не било случај.

Според оцена на Судот вака изнесените наводи се неосновани, од причина што Законот за енергетика и Законот за локалната самоуправа, можат да користат иста правна терминологија, како што се „Снабдување со топлинска енергија“, „Пазар на топлинска енергија“ и слично, за потребите на матичниот закон, во иста или пак различна конотација. Во случај да два или повеќе закони со еден ист правен термин, израз и слично уредуваат на ист или различен начин одредена правна проблематика тоа не е прашање од уставно-правен аспект, туку би можело да биде прашање на усогласеност на законите, за што Уставниот суд нема надлежност да постапува.

Треба да се има предвид дека државата има право да определи кој субјект и под кои услови може да се јави во улога на снабдувач со топлинска енергија, како дел од спроведувањето на државна политика на целокупниот пазар со енергија. Од друга страна, единиците на локалната самоуправа, согласно законските одредби имаат можност да изберат вршители на дистрибуција и снабдување со топлинска енергија, во законски спроведена постапка, по што се склучува договор за јавно приватно партнерство, а имајќи предвид дека правото се дава на еден вршител на дејност за одредено подрачје.

Имајќи го предвид наведеното Судот оцени дека оспорените одредби од Законот, ценети од аспект на наводите во иницијативата се во согласност со член 8 став 1 алинеја 9, член 114 став 1, Амандманот XVI, Амандманот XVII од Уставот, член 115 став 2 и членот 117 ставови 1 и 4 од Уставот.

6.Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од анализата на цитираните одредби, а по однос на можната повреда на член 3 став 1, член 4 ставови 2, 3 и 4 и член 11 од Европската повелба за локална самоуправа, произлегува дека Уставниот суд нема надлежност да ја оценува меѓусебната усогласеност на оспорените одредби со означените одредби од Европската повелба, од каде произлезе по однос на овој дел иницијативата да се отфрли.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.96/2013
28 мај 2014 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева