96/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 24 април 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 418-д став 1 од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/96, 80/99, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 87/2007, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011, 135/2011, 185/2011, 142/2012 и 166/2012).

2. Емилија Алексовска, Ѓоко Алексовски и Јордан Серафимовски-адвокати од Куманово, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Кривичниот законик означена во точката 1 од ова решение.

Подносителите на иницијативата ги цитираат одредбите од член 8 став 1 алинеите 1 и 3 и став 2, член 11 став 2 и член 27 ставовите 1, 2 и 3 од Уставот, а се повикуваат и на членовите 50 и 51 од Уставот.

При таква уставна уреденост, иницијаторите сметаат дека дејствијата наведени во оспорената законска одредба биле во директна спротивност со наведените уставни одредби затоа што, прво, не го определувале местото на извршувањето на недозволеното дејствие ниту местото на настанувањето на последиците, второ, поради наведениот недостаток можно било органите на прогонот и на пресудувањето во пракса да прифаќаат секое движење и договарање за патување во земјите членки на Европската унија да го сметаат за недозволено дејствие иако тие дејствија биле преземени на територијата на Република Македонија и, трето, не можело да се санкционираат наведените дела и движењето на нашите граѓани на територијата на Републиката се до преминот на државната граница бидејќи членот 27 од Уставот определувал дека секој граѓанин има право слободно да се движи на територијата на Републиката.

3. Судот на седницата утврди дека членот 418-д од Кривичниот законик се однесува на кривичното дело „Злоупотреба на безвизниот режим со државите членки на Европската унија и на Шенгенскиот договор“.

Во оспорениот став 1 од член 418-д на Кривичниот законик се определува дека „тој што врбува, поттикнува, организира, засолнува или превезува лица во држава членка на Европската унија и на Шенгенскиот договор, заради стекнување или остварување на социјални, економски или други права, спротивно на правото на Европската унија, на прописите на државите членки на Европската унија и Шенгенскиот договор и на меѓународното право, ќе се казни со затвор најмалку четири години.“

4. Со член 8 став 1 алинеите 1 и 3 од Уставот се определува дека темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, како и владеењето на правото.

Ставот 2 од истиот член на Уставот определува дека „во Република Македонија е слободно с’е што со Уставот и законот не е забрането“.

Според член 11 став 2 од Уставот, „се забранува секој облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување.“

Во член 27 од Уставот се утврдува дека „секој граѓанин на Република Македонија има право слободно да се движи на територијата на Републиката и слободно да го избира местото на своето живеалиште“ (став 1); „Секој граѓанин има право да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во Републиката“ (став 2); „Остварувањето на овие права може да се ограничи со закон, единствено во случаите кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето“ (став 3);

Според член 50 став 1 од Уставот, „секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија“.

Според член 51 од Уставот, „во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон“ (став 1); „Секој е должен да ги почитува Уставот и законите“ (став 2).

Во конкретниот случај, членот 418-д став 1 од Кривичниот законик ги определува субјектот („тој што врбува, поттикнува, организира, засолнува или превезува лица во држава членка на Европската унија и на Шенгенскиот договор“), дејствијата („врбува, поттикнува, организира, засолнува или превезува лица во држава членка на Европската унија и на Шенгенскиот договор“), во рамките на кои дејствија е определено, покрај времето, и местото на извршувањето на дејствието (тоа е местото на врбувањето или местото на поттикнувањето или местото на организирањето,…), објектот (лица кои сакаат стекнување или остварување на социјални, економски или други права) и околностите под кои определеното однесување се смета за недозволено (спротивно на правото на Европската унија, на прописите на државите членки на Европската унија и Шенгенскиот договор и на меѓународното право).

Имајќи ја предвид изнесената содржина на оспорената законска одредба, Судот оцени дека членот 418-д став 1 од Кривичниот законик е прецизен и овозможува објективност во примената недоведувајќи ги во прашање наведените уставни одредби, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со наведените уставни одредби.

Во однос, пак, на примената на таа законска одредба во практиката, тоа прашање е надвор од опсервација на Уставниот суд поради ненадлежност.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У. бр.96/2012
24 април 2013 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски