У.бр.95/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 03 февруари 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за постапката за станбено обезбедување на активниот воен и цивилен персонал на служба во Армијата на Република Македонија со купување на стан во лична сопственост, број 01-5270/1 од 22.09.2015 година, донесен од министерот за одбрана.

2. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорениот правилник бил донесен врз основа на членот 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа и членовите 196, 197 и 198 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, но во наведените законски одредби министерот за одбрана немал правен основ за донесување на оспорениот правилник, бидејќи единствено можел да го пропише начинот на субвенционирање на трошоците за купување на стан во лична сопственост. Ова од причина што согласно членот 196 став 2 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, субвенционирањето на трошоците на ставот 1 на овој член се врши согласно со Програмата за изградба на станови за припадниците на Армијата, донесена од Владата на Република Македонија.

Освен наведеното, оспорениот правилник немал правно дејство бидејќи не бил објавен во „Службен весник на Република Македонија“ согласно членот 52 ставови 1 и 2 од Уставот и членот 3 точка 4 од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Македонија“. Дека оспорениот правилник не бил објавен на наведениот начин произлегувало и од содржината на членот 30 од Правилникот, според кој: „Овој Правилник влегува во сила со денот на донесувањето“.

Врз основа на наведеното произлегувало дека оспорениот правилник не бил во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51, член 52 ставови 1 и 2 и член 96 од Уставот на Република Македонија, како и со членот 196 ставови 2 и 4 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, од кои причини се предлага поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот правилник, а потоа и негово укинување или поништување.

Воедно, со иницијативата се предлага донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорениот правилник, бидејќи со неговото натамошно извршување можеле да настанат тешко отстранливи последици.

3. Судот на седницата утврди дека, врз основа на членот 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010 и 51/2011) и членовите 196, 197 и 198 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2010, 23/2011, 47/2011, 148/2011, 55/2012, 29/2014 и 33/2015), министерот за одбрана донел Правилник за постапката за станбено обезбедување на активниот воен и цивилен персонал на служба во Армијата на Република Македонија со купување на стан во лична сопственост, заведен под број 01-5270/1 од 22.09.2015 година.

Правилникот содржи 30 одредби. Во членот 1 од Правилникот е определено дека, со овој правилник се уредуваат постапката за станбено обезбедување на активниот воен и цивилен персонал на служба во Армијата на Република Македонија (во натамошниот текст: Армијата), со купување на стан во лична сопственост. Во членот 30 од Правилникот е определено дека истиот влегува во сила со денот на донесувањето.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Поаѓајќи од правните елементи кои го определуваат прописот кој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и на неопределен број на субјекти во правото, наспроти содржината на оспорениот правилник со кој се разработува постапката за станбено обезбедување на активен воен и цивилен персонал на служба во Армијата на Република Македонија Судот оцени дека во конкретниов случај оспорениот правилник не е пропис. Овој акт по својот карактер и содржина претставува интерен акт на Армијата со кој се решава станбеното прашање на точно определен круг на субјекти од кои причини и не е објавен во „Службен весник на Република Македонија“.

Со оглед на тоа што оспорениот правилник нема карактер на пропис подобен за уставно-судска анализа Судот оцени дека се исполнети условите од членот 28 алинеја 1 од Деловникот за отфрлање на иницијативата.

Според сето наведено произлезе дека не се исполнети условите за донесување на решение согласно членот 27 од Деловникот на Судот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.95/2015
03 февруари 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева