У.бр.95/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 28 јануари 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлука за донесување на детален урбанистички план за изменување и дополнување на ДУП „Злокуќани“, дел од Блок 5, деловни и сервисни дејности-општина Карпош-Скопје, бр.07-656/8 од 31.01.2014 година, донесена од Советот на општина Карпош („Службен гласник на општина Карпош“ бр.01/2014).

2. Реплек и Хубо ДОО Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорената одлука била незаконита, бидејќи била донесена спротивно на член 3, член 4 точка 2 алинеи 1, 2, 3, 4, 5 и 8, член 24 ставови 4, 7, 8 и 9, член 24-а став 3 и член 31 став 1 од Законот за просторното и урба-нистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.51/2005, 137/2007, 151/2007-исправка, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144/2012 и 55/2013).

Во 2000 година на подносителот на иницијативата му било доделено на користење градежно земјиште на КП бр.12276/3, на кое земјиште во 2003 година, по спроведена соодветна постапка, бил изграден деловен објект (маркетот „Хубо“ и ресторанот „Ден и ноќ“). Со цел да функционираат изградените објекти било направено комплетно уредување на паркинг просторот, како и хортикултурно уредување. Воедно, подносителот на иницијативата во целост го финансирал археолошкото истражување на Н.У.Конзерваторски центар Скопје и надвор од границите на парцелата што ја користи, за што од Министерството за култура во 2012 година добил и соодветно решение.

По повод организирана јавна анкета и јавна презентација во периодот 06.09.2013 до 20.09.2013 година, подносителот на иницијативата поднел приговор во кој укажал на сериозни нарушувања на неговите права кои произлегувале од правото на сопственост, како и заради нарушување на одредбите од Законот за просторното и урбанистичко планирање. Во приговорот било укажано на целосно нарушување на функционалноста на постојните деловни објекти, транспортна одсеченост на деловните објекти, нарушувањето на доделеното право на трајно користење на земјиштето и друго. Меѓутоа, општината Карпош, воопшто не доставила соодветен одговор за прифаќање или одбивање на приговорот. Ова било спротивно на член 24 ставови 4, 7 и 9 од споменатиот закон.

На повторната јавна анкета подносителот на иницијативата дал забелешки на Планот во вид на приговор, но повторно не добил одговор со соодветно образложение за прифаќање или непифаќање на забелешките со што била сторена повреда на член 24 ставови 4, 7 и 9 од Законот за просторното и урбанистичко планирање. Надвор од предвидениот законски рок, или на 30.01.2014 година на рака им бил доставен одговор, без печат и потпис. Имено во членот 24-а од Законот биле утврдени рокови по кои извештајот од јавната анкета се изработува за 5 работни дена по завршувањето на јавната анкета, но иако анкетата завршила на 05.12.2013 година, одговор на подносителот на иницијативата му бил даден по истекот на 55 календарски денови и тоа во форма на „невалиден документ“, без печат и потпис.

Еден ден по врачување на ваквиот одговор (без печат и потпис) или на 31.1.2014 година Советот на општина Карпош ја донел оспорената одлука. Заради незаконски водената постапка подносителот на иницијативата се обратил до повеќе надлежни органи, меѓу кои и Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и Државниот управен инспекторат, кој на 24.02.2014 година спровел вонреден надзор во општина Карпош, а на 26.02.2014 година биле донесени заклучок и решение за натамошно постапување на Општината. Одговорот по повод анкетниот лист на подносителот на иницијативата му бил доставен на 30.05.2014 година, односно по три месеци од вонредниот надзор. Подносителот на иницијативата на 5.06.2014 година го вратил анкетниот лист до Општината со образложение дека бил доставен надвор од сите рокови и спротивно на утврдената законска процедура.

Имајќи предвид дека подносителот на иницијативата не добил одговор за прифаќање или неприфаќање на приговорот, односно му бил доставен невалиден документ надвор од сите законски и разумни рокови, подносителот на иницијативата смета дека одлуката била донесена спротивно на одредбите од Законот за просторното и урбанистичко планирање, поради што предлага по поведената постапка за оцена на законитоста, Судот да ја поништи оспорената одлука. Воедно се предлага донесување на решение за запирање на извршувањето на оспорената одлука согласно член 27 од Деловникот на Судот.

Во дополнувањето на иницијативата подносителот на иницијативата го известува Судот дека Општината ја нудела на продажба градежната парцела ГП.бр.4.20, иако била поднесена иницијатива за оценување на оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека, Советот на општина Карпош на седницата одржана на 31 јануари 2014 година ја донел оспорената одлука во која со членот 1 е определено дека се донесува предметниот план за опфат како во насловот на одлуката.

Во членот 2 од Одлуката е определена границата на планскиот опфат со површина од 19,14 ха.

Во членот 3 од Одлуката е утврдена намената на објектите и земјиштето.

Во членот 4 од Одлуката е определено дека текстуалниот дел,графичките прилози, основните параметри за уредување на просторот и табеларниот приказ на урбанистичките параметри се составен дел на одлуката.

Според членот 5 од Одлуката, Деталниот урбанистички план се заверува со печат на Општината и потпис на претседателот на Советот на општината Карпош.

Во членот 6 од Одлуката е определено каде се чува деталниот план, заедно со неговите делови.

Во членот 7 е определено дека Одлуката влегува во сила осмиот ден од објавувањето во „Службен гласник на општина Карпош“.

Одлуката е заведена под бр. 07-656/8 од 31 јануари 2014 година.

Судот, исто така, врз основа на увидот во прибавената и доставена документација, утврди дека:

-Општината Карпош во Програмата за изработка на урбанистички планови за 2012 година („Службен гласник на општина Карпош“ бр.19/2011) во точките 43 и 43.1 предвидела донесување на Детален план за предметниот опфат. Донесувањето на одлука за предметниот план е дел од програмата за работа на општината Карпош за 2013 и 2014 година.

– Министерството за култура-Управа за заштита на културното наследство во решение УП.бр.17-619 од 31.07.2012година одобрило заштитно конзерваторски основи за културното наследство во рамките на опфатот на Планот.

-Стручната ревизија на Планот е изготвена од Друштвото за планирање, проектирање и инжинеринг „Простор“ ДОО Куманово во август 2012 година.

-Одговорот на стручната ревизија е изготвен од Институтот за урбанизам, сообраќај и екологија „ИН-ПУМА“- Скопје во август 2012 година.

– Комисијата формирана од градоначалникот на Општината дала мислење бр.34-1476/3 од 10.09.2012 година по Нацрт-Планот.

-Советот на Општината донел Одлука бр.07-6111/22 од 11.09.2012 година за утврдување на Нацрт-Планот.

– Градоначалникот на општина Карпош донел одлука бр.08-1476/4 од 25 септември 2012 година за организирање на јавна анкета и јавна презентација за што издал соодветно соопштение.

-Соопштението е објавено во „Вест“ и „Утрински весник“ на 26.09.2012 година.

-Јавната презентација се спровела на 3.10.2102 година, а јавната анкета во периодот 26.09.2012 до 9.10.2012 година.

-На јавната презентација ЈП Водовод и канализација и АД ЕВН изјавиле дека писмено ќе се произнесат за Нацрт-Планот. Подоцна ЈП Водовод и канализација ја известува Општината дека нема забелешки на Планот.

-Решението на градоначалникот за формирање на стручна комисија за изработка на извештајот од спроведената јавна анкета и јавна презентација е со бр.08-1476/18 од 16.11.2012 година.

На јавната анкета од 10 анкетни листови, 5 биле целосно, а 5 делумно прифатени, видно од извештајот на Комисијата бр.34-1475/19 од 16.11.2012 година. Забелешката на Реплек и Хубо ДОО Скопје делумно била прифатена.

Фотокопија од десетте анкетни листови е приложена во постапката пред Судот.

Дирекцијата за заштита и спасување во допис бр.09/5-242 од 14.11.2012 година дал мислење дека со предметниот план се реализирани мерките за заштита и спасување.

На 25.01.2013 година градот Скопје со допис бр.154/5 дал позитивно мислење по однос на Деталниот план.

Со допис бр.33-154/6 од 29.01.2013 година општината Карпош побарала согласност на Планот од Министерството за транспорт и врски, кое со допис бр.14-3683/2 од 30 април 2013 година не дало согласност и ја вратило документацијата.

– Градоначалникот на општина Карпош донел соопштение бр.09-154/12 од 5 септември 2013 година за повторно организирање на јавна анкета и јавна презентација, за што донел соодветна одлука бр.09-154/11 од 3.09.2013 година.

-Соопштението за организирање на јавна анкета и јавна презентација е објавено на 6.09.2013 година во „Дневник“ и „Утрински весник“.

-Јавната презентација се спровела на 17.09.2013 година, а јавната анкета во периодот 06.09.2013 до 20.09.2013 година.

Поднесени се пет анкетни листови, (брот 3 е од подносителот на иницијативата).

-Според Заклучокот бр.33-154/22 од 20.11.2013 година на Комисијата прифатените забелешки довеле до значителни промени на Планот, односно ја измениле регулационата линија, поради што дала предлог за спроведување на повторна јавна презентација и повторна јавна анкета.

– Градоначалникот на општина Карпош донел одлука бр.09-154/23 од 20.11.2013 година за повторно организирање на јавна анкета и јавна презентација, за што е издадено соодветно соопштение.

-Соопштението за организирање на јавна анкета и јавна презентација е објавено на 21.11.2103 година во „Дневник“ и „Утрински весник“.

-Јавната презентација се спровела на 2.12.2013 година, а јавната анкета во периодот 21.11.2013 до 5.12.2013 година.

Според извештајот на Комисијата бр.33-154/35 од 24.12.2013 година од вкупно поднесени 11 анкетни листови, 3 биле прифатени, 2 не биле прифатени, 4 делумно биле прифатени и 2 немале конкретна забелешка. Забелешката на Реплек и Хубо ДОО не е прифатена. ЕВН на 24.01.2014 година дал писмен допис дека нема забелешки на Планот.

Стручната комисија донела заклучок бр.33-154/35 од 24.12. 2013 година дека со прифатените забелешки предлог-Планот не претрпел значителни промени.

За прифатените и одбиени забелешки дел од граѓаните биле известени преку пошта, видно од приложените копии од повратен рецепис, а дел од граѓаните (двајца) известувањето го примиле лично, на рака. Известувањата се изготвени на меморандум на Општината и сите немаат соодветен печат и потпис на овластено лице.

На 21.01.2014 година градот Скопје со допис бр.13-166/2 дал позитивно мислење по однос на Деталниот план.

– Министерството за транспорт и врски со допис бр.14-1885/2 од 31 јануари 2014 година дало согласност на Предлог-Планот.

-На 31.01.2014 година Советот на општина Карпош ја донел оспорената одлука.Одлуката е објавена во „Службен гласник на општина Карпош“ бр.1/2014 на 3.02.2014 година.

Од Записникот и Решението (Ип1бр.21-158?2014 од 26.02.2014 год) на Државниот управен инспекторат при Министерството за информатичко општество, произлегува дека Инспекторатот при извршениот вонреден инспекциски надзор утврдил дека доставувањето на допис до граѓаните без печат и потпис на овластено лице преставува постапување спротивно на Упатството за начинот и техниката на постапување со документираниот материјал и архивска граѓа во канцелариското и архивско работење („Службен весник на Република Македонија“ бр.60/1997). Заради ваквата констатација градоначалникот на Општината Карпош со наведеното решение е задолжен да ги отстрани констатираните недостатоци во рок од 15 дена по добивањето на решението. По однос на можните повреди на Законот за просторното и урбанистичко планирање наведениот орган констатирал дека Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам е надлежен за соодветен инспекциски надзор.

4. Условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесувањето на плановите, како и другите прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.51/2005, 137/2007, 151/2007-исправка, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144/2012, 55/2013 и 163/2013), во чие време на важење е донесена оспорената одлука.

Во членот 3 од наведениот закон е утврдено дека изработувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија и на урбанистичките планови се работи од јавен интерес.

Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во посебен дел од Законот означен и насловен со “II. Планирање на просторот”, кој ги опфаќа членовите од 7 до 48.

Според членот 7 од овој закон, во зависност од просторот кој е предмет на планирањето се донесуваат следните планови: Просторен план на Република Македонија и урбанистички планови во кои спаѓаат генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место.

Согласно член 11 ставовите 1 и 2 од Законот, детален урбанистички план, за каков што се работи во конкретниот случај, се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план. Деталниот урбанистички план содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфраструктурата.

Според ставот 3 од овој член од Законот, графичките прикази на планот одржат: граница на планскиот опфат, регулациони линии, парцелација на градежното земјиште, површини за градење на градби определени со градежни линии, максимална висина на градбата изразена во метри до венец, намена на земјиштето и градбите, планско решение на секундарната сообраќајна мрежа со нивелманско решение и плански решенија на сите секундарни комунални и телекомуникациски инфраструктури.

Според ставот 4 од овој член од Законот, текстуалниот дел од планот содржи: општи услови за изградба, развој и користење на земјиштето и градбите, посебни услови за изградба на поединечни градежни парцели, податоци за сообраќајните, комуналните и телекомуникациските инфраструктури и други параметри за спроведување на планот, мерки за заштита на културното наследство, природата и животната средина, мерки за заштита од разурнување и друго.

Во членот 11 став 7 од Законот е определено дека деталниот урбанистички план, како план од пониско ниво, мора да биде усогласен со генералниот урбанистички план.

Според член 17 став 1 од Законот, за изработување на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, општините и градот Скопје донесуваат годишна програма. Според ставот 2 од истиот член од Законот, програмата од ставот 1 на овој член општините и градот Скопје ја доставуваат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот и задолжително ја објавуваат во јавните гласила.

Во ставот 4 на членот 17 од Законот е определено дека, градоначалникот на општината, односно градоначалниците на општините во градот Скопје формираат Комисија составена најмалку од три члена од кои еден архитект со овластување за изработка на урбанистичките планови и две стручни лица од областа на урбанистичкото планирање, која дава мислење на нацрт плановите од членот 7 точка 2 на овој закон и дава предлог до градоначалникот за одобрување на локална урбанистичка планска документација. Градоначалникот на градот Скопје формира Комисија составена најмалку од пет члена од кои двајца архитекти со овластување за изработка на урбанистичките планови и три стручни лица од областа на урбанистичкото планирање, која дава мислење на нацртот на Генералниот урбанистички план на градот Скопје. Во комисијата формирана од градоначалникот на општината, односно градоначалниците на општините во градот Скопје е потребно најмалку еден член да не е лице вработено во општинската администрација, а во комисијата формирана од градоначалникот на градот Скопје најмалку два члена да не се лица вработени во администрацијата на градот Скопје.

Според ставот 6 од истиот член од Законот, за обезбедување на стручност и јавност во процесот на просторното и урбанистичкото планирање советот на општината и Советот на градот Скопје формира партиципативно тело кое ги пренесува ставовите, мислењата и потребите на граѓаните и правните лица, ги следи состојбите во планирањето преку давање иницијативи, насоки и сугестии за изготвување на плански решенија за соодветната општина и градот Скопје. Партиципативното тело се состои од: претставници од советот, стручно лице од општинската администрација, истакнати стручни лица од областа на урбанистичкото планирање, претставници од здруженија на граѓани и граѓани од подрачјето на општината. Бројот на претставниците се утврдува со статутот на општината и Статутот на градот Скопје и не може да биде поголем од десет члена.

Понатаму, согласно член 18 од Законот, изработување на урбанистички планови вршат правни лица кои поседуваат лиценца, што ја издава органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот под услови утврдени во овој член од Законот.

На нацртот на плановите, согласно членот 21 став 1 од Законот се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон, прописите донесени врз основа на овој закон и друг закон. Стручна ревизија на плановите од член 7 точка 2 на овој закон финансирани од буџетот на општината и буџетот на градот Скопје врши овластено правно лице од член 18 став 1 на овој закон, определено од градоначалникот на општината или на градот Скопје (став 4). Согласно став 5 на овој член, забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапување по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.

Според членот 22 став 1 од Законот плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план.

Во член 24 од Законот, се утврдува дека по нацртот на деталниот урбанистички план, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета (став 1). Организирањето на јавната презентација и јавната анкета на плановите од став 1 на овој член го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредување на просторот (став 2). За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај (став 3). Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози на анкетни листови (став 4). Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа (став 5). Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината (став 6).

Според член 24 став 7 од Законот, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање. Според став 8 на овој член од Законот, извештајот е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот, а согласно ставот 9, врз основа на извештајот, комисијата е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози.

Доколку комисијата од ставот 7 на овој член оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промена на намената на земјиштето и промени во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацртот на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета (член 24 став 10).

Во членот 24 став 11 од Законот утврдено е дека времето и местото каде ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со соопштение во најмалку две јавни гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположба и површина на опфатот на планот.

Според член 24-а став 1 од Законот, урбанистичките планови за кои Владата на Република Македонија донела програма за приоритетна изработка согласно со членот 16 став (4) од овој закон се донесуваат по скратена постапка во која урбанистичкиот план се изработува и донесува како предлог на планот. Според став 3 од истиот член од Законот, Комисијата од членот 17 став (4) на овој закон дава стручно мислење на предлогот на планот во рок од пет работни дена по доставувањето на предлогот на планот од страна на изработувачот.

Според член 25 став 1 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, изработени во форма на нацрт на план се дава мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, заради согледување на степенот на усогласеноста на плановите со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Во ставот 2 на овој член од Законот утврдено е дека на плановите изработени во форма на предлог на план се дава согласност од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Согласно ставот 3 на член 25 од Законот мислењето од ставот 1 и согласноста од ставот 2 на овој член се дава во рок од 15 работни дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на доносителот на планот. Доколку надлежниот орган за издавање на мислењето и согласноста не одговори во наведениот рок ќе се смета дека мислењето и согласноста се издадени.

Според ставот 5 на истиот член од Законот, градоначалникот на општината, општината во градот Скопје и градот Скопје е должен најдоцна 15 дена по добивањето на согласноста од ставот (2) на овој член да го достави предлогот на планот до советот на општината, општината во градот Скопје и градот Скопје, а претседателот на советот е должен во рок од 15 дена од приемот на предлогот на планот да го стави на седница на советот, а советот е должен да одлучи по истиот на истата седница.

Во членот 31 став 1 од Законот, помеѓу другото е предвидено дека во постапката за изработување на плановите задолжително се применуваат стандардите и нормативите за уредување на урбанистич-кото планирање, со кои се уредуваат основите за рационално планирање, уредување и користење на просторот, заради создавање на услови за хумано живеење и работа на граѓаните.

Од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот, во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Со Решението за доделување на градежно земјиште на користење со непосредна спогодба бр.18-1312 од 14.06.2000 година на подносителот на иницијативата, му е доделено на користење земјиште со површина од 16.430 м². Според дополнувањето на одговорот на општината Карпош, блокот на кој се наоѓа објектот на подносителот на иницијативата и земјиштето кое трајно го користи е со површина од 26.310 м², односно предмет на планирање покрај површината која ја владее и користи Реплек и Хубо ДОО Скопје е и уште земјиште сопственост на државата Република Македонија во површина од 10.000 м².

Во конкретниот случај подносителот на иницијативата смета дека оспорената одлука била донесена спротивно на членот 24 ставови 4, 7 и 9 и членот 24-а од Законот за просторното и урбанистичко планирање.

Врз основа на увидот извршен во доставената и прибавена документација во претходната постапка Судот го утврди следното:

Во постапката за планирање членот 24 став 4 од Законот не е повреден бидејќи за конкретниот план биле организирани три јавни анкети и јавни презентации, со соодветно огласување во јавните гласила, кои треле најмалку десет работни денови. Впрочем, на трите организирани анкети подносителот на иницијативата земал учество со поднесување на соодветни приговори.

Од приложената документација произлегува дека по однос на првата спроведена јавна анкета во периодот 26.09.2012 до 9.10.2012 година, од страна на општината Карпош е доставен извештајот на Комисијата бр.34-1475/19 од 16.11.2012 година, за постапување согласно членот 24 став 7 од Законот, како и анкетните листови, но не е приложен доказ за постапување согласно членот 24 став 9 од Законот и исполнување на законската должност за известување на секое лице кое поднело анкетен лист со образло-жение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози.

Исто така, во постапката не е приложен доказ за примена на членот 24 став 10 од Законот, според кој Комисијата од ставот 7 е должна да донесе заклучок за тоа дали прифатените забелешки значително го промениле нацртот на планот, а имајќи предвид дека по спроведената јавна анкета од 10 анкетни листови 5 биле целосно, а 5 делумно прифатени.

Според Судот ваквиот недостаток делумно е амортизиран со фактот што Министерството за транспорт и врски со допис бр.14-3683/2 од 30 април 2013 година, не дало согласност поради бројните неправилности и ја вратило документацијата со напомена да се одржи нова јавна анкета.

Втората јавна анкета се спровела во периодот 06.09.2013 до 20.09.2013 година. Биле поднесени пет анкетни листови. Од страна на општината Карпош не е доставен Извештај на Комисијата (член 24 став 7) за прифатените и неприфатени забелешки, како и за доставување на одговор на заинтересираните лица за прифатените и неприфатени забелешки (член 24 став 9).

Вака направените пропусти, според Судот не ја доведуваат во прашање законитоста на целата постапка за донесување на Планот, бидејќи според Заклучокот бр.33-154/22 од 20.11.2013 година на Комисијата прифатените забелешки ја измениле регулационата линија, и довеле до значителни промени на Планот, поради што бил даден предлог за спроведување на повторна јавна презентација и повторна јавна анкета.

Во третоспроведената јавна анкета одржана во периодот 21.11.2013 до 5.12.2013 година, според Судот биле запазени сите законски одредби во врска со организирање на јавната анкета, на која можеле да земат учесто вклучително и граѓаните учесници на претходните јавни анкети, Комисијата донела извештај согласно член 24 став 7 од Законот, а граѓаните се известени согласно член 24 став 9 од Законот. Донесен е и Заклучок согласно членот 24 став 10 од Законот дека поради прифатените приговори и забелешки Деталниот план не претрпел значителни измени.

Инаку, сите учесници во третата анкета се известени со допис на Општината направен на меморандум, без потпис и печат, вклучително и подносителот на иницијативата.

Според Судот тоа што заинтересираните лица биле известени со допис на Општината кој не содржел печат и потпис од овластено лице е пропуст од административен карактер, кој не може да ја доведе во прашање законитоста на целокупно спроведената постапка. Впрочем, Државниот управен инспекторат при Мини-стерството за информатичко општество утврдил дека Општината постапила спротивно на Упатството за начинот и техниката на постапување со документираниот материјал и архивска граѓа во канцелариското и архивско работење („Службен весник на Република Македонија“ бр.60/1997), кое пак Упатство е подзаконски акт, каков што карактер има и оспорената одлука. Согласно членот 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да ја оценува меѓусебната согласност на два или повеќе акти од ист правен ранг, или во овој случај подзаконски акти.

По однос на наводот за сторена повреда на членот 24-а од Законот на начин што Комисијата не го испочитувала рокот од 5 дена за составување на извештајот од јавната анкета Судот оцени дека е неоснован. Ова од причина што членот 24-а од Законот се однесува на донесување на урбанистичките планови за кои Владата на Република Македонија донела програма за приоритетна изработка кои се донесуваат во скратена постапка, а оспорениот план е донесен во редовна постапка.

Судот оценувајќи ја постапката за донесување на конкретниот урбанистички план од аспект на наводите во иницијативата и прибавените и доставени докази утврди дека при донесувањето на оспорената одлука општината Карпош ги сторила наведените попусти при спроведувањето на првата и втората анкета, но истите според својот карактер не ја доведуваат во прашање законитоста на целокупно спроведената постапка, од причина што била спроведена и трета анкета, на која бил презентиран нацрт план со вградени забелешки од претходно спроведените две анкети, а заинтересираните субјекти имале можност да земат учество на последната анкета. Исто така, пропустот од областа на административното работење, според Судот не може да ја доведе во прашање законитоста на целокупно спроведената постапка за урбанистичко планирање.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.95/2014
28 јануари 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева