У.бр.94/2013

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 15 октомври 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 13 став 2 од Правилникот за критериумите, начинот на работата на автошколите, наставниот план и програма за обука, стручниот кадар, опремата со која треба да располагаат, како и евиденциите што треба да ги водат автошколите за оспособување на кандидатите за возачи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 90/2013).

2. Ивица Петров, адвокат од Скопје и Илија Паласкаров од Гевгелија до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 на ова решение.

Во првата иницијатива поднесена од страна на Ивица Петров, адвокат од Скопје, во својство на полномошник на 11 физички лица подносители на иницијативата и на Друштвото за сообраќајно воспитување Авто Школа Шкорпион ДООЕЛ, застапувано од управител Александар Спасовски, се оспорува целиот член 13 од Правилникот бидејќи на бил во согласност со одредбите од член 247 став 1 алинеа 2 и членот 248 алинеа 3 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Во иницијативата се цитира ставот 2 од оспорениот член 13 и се предлага да се поведе постапка за оценување на уставноста, од причини што се доведувале во нерамноправна положба возачите-инструктори со дозвола, бидејќи дотогаш биле ангажирани од автошколите врз основа на договори за вработување и истите покрај полното работно време кај друг работодавач вршеле практична обука на кандидатите за возачи со скратено работно време, но не повеќе од 10 часа неделно, по претходна согласност на работодавачите каде биле вработени со полно работно време. Во иницијативата се предлага да се поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот член 13 од Правилникот, но не се наведуваат членови од Уставот со кои не е во согласност оспоренета одредба.

Со иницијативата, поднесена од Илија Паласкаров од Гевгелија, се оспорува член 13 став 2 од оспорениот Правилник во делот „со полно работно време„ од причина што истиот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 9 став 2, член 32 и член 51 од Уставот. Според наводите во оваа иницијатива се бара да се донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одредба, поради можноста да настанат тешко отстранливи и штетни последици за голем дел од автошколите и возачите инструктори во Република Македонија од причина што им се ускратувала можноста да вработуваат или ангажираат возачи-инструктори со неполно (скратено) работно време и со тоа и губење на работа на возачите – инструктори кои во автошколите биле вработени со неполно (скратено) работно време.

Понатаму во иницијативата се наведува дека членот 13 став 2 од оспорениот Правилник не бил во согласност со член 247 став 1 алинеја 2, член 248 став 4 и член 422 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и членот 48 од Законот за работните односи, и поради тоа бил неуставен. Тоа значело дека ѓи дискриминирал граѓаните, бидејќи ги ставал во нерамноправна положба оние граѓани кои сакале своето право на работа да го остварат со неполно работно време односно немало гаранција на основните слободи и права на граѓаните на кои во конкретниот случај со оспорената одредба им се ускратувала можноста да бидат вработени како возачи-инструктори во автошкола со неполно работно време.

3.Судот на седница утврди дека врз основа на член 422 алинеја 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 54/07, 86/08, 98/08, 64/09, 161/09, 36/11, 51/11, 114/12 и 27/2014 ) министерот за образование и наука во согласност со министерот за внатрешни работи го донесе Правилникот за критериумите, начинот на работата на автошколите, наставниот план и програма за обука, стручниот кадар, опремата со која треба да располагаат, како и евиденциите што треба да ги водат автошколите за оспособување на кандидатите за возачи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 90/2013), под број 19-8318/5 од 20 јуни 2013 година.

Правилникот содржи пет глави: I Општа одредба; II Критериуми, начин на работа на автошколите, стручниот кадар и опремата со која треба да располагаат; III Наставен план и програма за обука; IV Евиденции што треба да ги водат автошколите за оспособување на кандидатите за возачи и V Преодни и завршни одредби и има вкупно 31 член.

Во членот 1 од Правилникот е наведено дека се пропишуваат критериумите, начинот на работа на автошколите, наставниот план и програма за обука, стручниот кадар, опремата со која треба да располагаат, како и евиденциите што треба да ги водат автошколите за оспособување на кандидати за возачи.

Согласно оспорениот член 13 став 1 од овој правилник, кандидати за возачи од определена категорија на возила се оспособуваат од страна на возач-инструктор за спроведување на наставна програма од делот управување со возило (практичен дел), согласно дозволата за возач-инструктор и лиценцата за оспособување на кандидати за возачи, на начин и постапка утврдени со закон. Согласно оспорениот став 2 од истиот член 13, заради сложеноста и спецификата на работа, возачот-инструктор се ангажира од страна на автошколата на определено или неопределено работно време со полно работно време, согласно закон.

4.Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Во член 9 став 1 од Уставот, е утврдено дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Според ставот 2 од овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 ставови 1 и 2 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност и секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во насока на операционализација на наведените уставни одредби, покрај другите донесени се Законот за работните односи и Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Според член 48 став 1 од Законот за работни односи, („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 03/2006, 44/2006, 66/2006, 16/2007, 57/2007, 77/2007, 106/2008, 161/2008, 63/2009, 114/2009, 10/2010, 50/2010,52/2010, 58/2010, 124/2010, 132/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013,170/2013, 187/2013, 34/2014, 104/2013 и 113/2014), Договор за вработување може да се склучи, исто така, и за работно време пократко од полното работно време (неполно работно време). За неполно работно време се смета времето кое е пократко од полното работно време кај работодавачот. (став 2) Работникот кој склучил договор за вработување со неполно работно време, има договорни и други права и обврски од работниот однос како работникот кој работи полно работно време и ги остварува пропорционално на времето, за кое што склучил договор за вработување, освен тие за кои со закон поинаку е определено. (став 3) Работникот има право на годишен одмор со минимално времетрање од десет работни дена. (став 4) Ако во договорот за вработување поинаку не е определено, работодавачот на работникот кој работи со неполно работно време, не смее да му наложи на работникот да работи подолго од договореното работно време, освен во случаите од членот 119 на овој закон. (став 5) Работодавачот е должен во договорот за вработување со неполно работно време да го утврди почетокот и завршетокот на неполното дневно работно време на работникот и да води посебна евиденција за работниците со неполно работно време, а за склучените договори со неполно работно време Агенцијата за вработување на Република Македонија еднаш месечно го известува Државниот инспекторат за труд.(став 6)

Во членот 49 став 1 од истиот закон е утврдено дека работникот може да склучи договор за вработување со неполно работно време со повеќе работодавачи и така да го постигне полното работно време определено.

Според член 121 став 1 од овој закон, работникот, кој работи полно работно време, може по исклучок да склучи договор за вработување со неполно работно време со друг работодавач, меѓутоа најмногу за десет часа неделно, со претходна согласност на работодавачите, каде што е вработен со полно работно време. Обврзен составен дел на договорот за вработување според ставот 1 на овој член е договорот за начинот на остварувањето на правата и обврските од овој работен однос со оглед на правата и обврските на работникот кај работодавачот, каде што е вработен со полно работно време. (став 2) На работникот, кој склучува договор за вработување според ставот 1 на овој член, престанува да му важи договорот за вработување во согласност со овој закон, по изминувањето на договореното време, или ако е повлечена согласноста на работодавачот, каде што работникот е во работен однос со полно работно време.

Според член 247 став 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.54/2007, 86/2008, 98/2008, 64/2009, 161/2009, 51/2011, 114/2012 и 27/2014) е уредено дека заради оспособување на кандидати за возачи, авто-школата задолжително треба да ги исполнува следните услови: да има вработено стручен раководител и најмалку еден предавач по наставната програма од членот 244 став 3 алинеја 1 на овој закон; да има вработено најмалку два возачи-инструктори од категорија ,,Б“, за спроведување на наставната програма од членот 244 став 3 алинеја 2 на овој закон; да има соодветно опремена просторија (училница); да има соодветно уреден простор за прием на кандидати за возачи и за работа на стручниот раководител на авто-школата; – да има сообраќаен автодром (полигон) во сопственост на авто-школата или под закуп; алинеја 6 – укината (Одлука на Уставен суд на Република Македонија-,,Службен весник на РМ“ бр. 16/09); да има најмалку две возила од ,,Б“ категорија, а за останатите категории – по едно сопствено возило или возило под закуп и да располага со наставни средства, помагала и информатичка опрема за спроведување на наставната програма од членот 244 став 3 алинеја 1 на овој закон.

Согласно член 248 став 4 од истиот закон, возач-инструктор од членот 247 став 1 алинеја 2, може да биде лице кое има завршено специјалистичко образование за занимањето возач-инструктор согласно посебна програма, кое има дозвола за возач-инструктор за одредена категорија на возила и лиценца за оспособување на кандидати за возачи од Министерството за внатрешни работи, на начин и постапка утврдени со овој закон.

Во оспорениот член 13 став 2 од Правилникот е утврдено дека возачот – инструктор е ангажиран од страна на автошколата на определено или неопределено работно време со полно работно време и тоа претставува операционализација на членот 121 од Законот за работните односи и на членот 247 став 1 алинеја 2 и член 248 став 4 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, бидејќи само дополнително се допрецизира работното време за кое го засновал работниот однос возачот-инструктор во авто-школата, поради природата, сложеноста и спецификата на работата, која бара целосна посветеност за успешно реализирање на работните обврски.

Имајќи ги предвид наведените уставни и законски одредби наспрема целината на Правилникот и неговите оспорени одредби Судот констатира дека не се основани наводите во иницијативите дека со оспорените одредби од Правилникот се уредува работното време на возачите-инструктори, без притоа подетално да биле прецизирани критериумите и причините поради кои истите морале задолжително да бидат ангажирани на определено или неопределено работно време со полно работно време и дека поради тоа биле доведени во нерамноправна положба, од причина што дотогаш биле ангажирани од автошколите врз основа на договори за вработување во согласност со член 121 од Законот за работни односи.

Исто така, Судот утврди дека не се основани наводите во иницијатива дека оспорениот член 13 став 2 од Правилникот не бил во согласност со член 247 став 1 алинеја 2, член 248 став 4 и член 422 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и членот 48 од Законот за работните односи, и поради тоа бил неуставен, без прецизно утврдени причини за нивната неуставност.

Имено, право е на законодавецот да цени и по потреба да ги менува, дополнува или укинува условите за вработување и да го допрецизира работното време за кое го засновал работниот однос возачот-инструктор во авто-школата, поради природата, сложеноста и спецификата на работата, која бара целосна посветеност за успешно реализирање на работните обврски. Едукацијата на кандидатите за возачи од областа на сообраќајните правила и прописи претставува битен сегмент од неформалното образование и стекнувањето со сообраќајна култура на однесување на патиштата што придонесува за поголема безбедност на учесниците и намалување на сообраќајните незгоди.

Оттука, Судот оцени дека нема повреда на уставните норми на кои се повикуваат иницијаторите, од причина што интенција, а и право на законодавецот е да ги определи прецизно посебните услови како за основање така и за работа на автошколите, особено од кадровски аспект, оценувајќи ја како целисходна потребата од ваквото решение во однос на регулирањето на работното време заради практичното функционирање на автошколите во процесот на оспособување на кандидатите за возачи, кое овозможува кандидатите за возач да се стекнат со потребните знаења од теоретски и практичен аспект со предавачите односно возачите-инструктори.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за уставноста и законитоста на оспорената одредба на Правилникот за согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 9 став 2, член 32 и член 51 од Уставот и со член 247 став 1 алинеја 2, член 248 став 4 и член 422 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и членот 48 од Законот за работните односи.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.94/2013
15.10.2014 година
С к о п ј е
мдш

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева