94/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 12 септември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 7-в став 7 од Законот за продажба на станови во општествена сопственост (“Службен весник на Република Македонија”, број 36/1990, 62/1992, 7/1998, 24/2003 и 24/2011).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, не можело уплатените рати за купување на стан во општествена сопственост согласно договорот за купопродажба на станот, да се сметаат како надоместок за користење на станот (закупнина), кога договор за закуп не бил склучен. Оттука, оспорената законска одредба не била во согласност со член 1 став 1, член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8, член 9, член 30 ставови 1 и 3, член 35 став 1 и член 51 од Уставот на Република Македонија, бидејќи нешто не било во ред со оспорената законска одредба од уставно-правен аспект.

3. Судот, на седницата утврди дека оспорената одредба од членот 7-в став 7 од Законот за продажба на станови во општествена сопственост, уредува дека средствата за купување на станот уплатени согласно со договорот за купопродажба на станот до денот на раскинување на договорот ќе се сметаат како надоместок за користење на станот (закупнина) за периодот од денот на склучување на договорот до денот на раскинување на договорот.

4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Оспорената одредба од членот 7-в став 7 од Законот за продажба на станови во општествена сопственост, уредува дека средствата за купување на станот уплатени согласно со договорот за купопродажба на станот до денот на раскинување на договорот ќе се сметаат како надоместок за користење на станот (закупнина) за периодот од денот на склучување на договорот до денот на раскинување на договорот.

Според наводите од иницијативата, од уставно-правен аспект нешто не било во ред со вака уреденото законско решение, бидејќи не можело уплатените рати за купување на стан во општествена сопственост, да се сметаат како надоместок за користење на станот, кога договор за закуп уште не бил склучен.

Всушност, подносителот на иницијативата, цитирајќи ја содржината на оспорената одредба од членот 7-в став 7 од Законот, констатира дека имало некаков уставно-правен проблем во уредувањето на оспореното законско решение, односно не можела така да биде уредена кога отсуствувала идна правна работа-склучување на договор за закуп, па оттука таа била спротивна на низа одредби од Уставот. Од наведеното во иницијативата се добива впечаток дека за подносителот на иницијативата не е јасно уредувањето на нормата, па со нејзиното уставно проблематизирање, Уставниот суд да се впушти во толкување на оспорената законска одредба, што не е во надлежност на Судот, туку на доносителот на законите, а тоа е Собранието на Република Македонија.

5. Од овие причини, како и во отсуство на аргументација и образложени причини за спротивноста на оспорената законска одредба со одредбите на Уставот, Судот оцени дека во конкретниот случај, постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У. Бр. 94/2012
12 септември 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски