94/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 71 и 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, на седницата од 1 ноември 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 45 став 4 алинеја 1 од Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија(“Службен весник на РМ” бр.29/94, 30/94, 67/99 и 45/2000).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на член 56 став 5 алинеја 3 од Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и други правни лица кои вршат нестопанска дејност (“Службен весник на РМ” бр.39/94, 30/96 и 47/2000).

3. Весел Јашари, адвокат од Кичево, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од колективните договори означени во точките 1 и 2 од ова решение. Се смета дека, бидејќи двете одредби од колективните договори се различни (во едната се бара превозот да биде утврден како услов при работата, а во другиот не), и двете одредби се во несогласност со членовите 9 и 32 Уставот на Република Македонија.

Исто така се смета дека член 45 став 4 алинеја 1 од колективниот договор означен во точката 1 од ова решение, се однесувал само на работниците што засновале работен однос по неговото влегување во сила и со тоа ги ставил во неповолна положба оние работници што засновале работен однос пред тоа. Во контекст на оспорувањето на оваа одредба се наведува дека е нејасно што сакале да се договорат страните и дека терминот “локален сообраќај”, “превоз како услов при работа” се нејасни и создаваат можност работникот што живее подалеку од 2 км., не користи јавен превоз (а нема ни организиран) да нема право на трошоци за превоз ако превозот не бил предвиден како услов за вработувње.

4. На седницата Судот утврди дека во член 45 став 1 алинеја 1 од Колективниот договор означен во точката 1 од ова решение е предвидено покрај надоместоците од став 2 на овој член (исхрана, годишен одмор итн.), согласно колективен договор, на работникот да му се исплатува надоместок на:

– трошоци за превоз до и од работа над 2 км. во локалниот јавен сообраќај, во случаи кога нема организиран превоз, а превозот е утврден како услов при работа”.

Во член 56 став 5 алинеја 3 од Колективниот договор означен во точката 2 од ова решение е предвидено покрај примањата од став 3 на овој член, на работникот да му се исплатува и:

– трошоци за превоз во локалниот јавен сообраќај до и од работа над 2 км., само во случај кога нема организиран превоз.

5. Според член 32 став 5 од Уставот остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Согласно член 9 став 2 од Уставот граѓаните се еднакви пред Уставот и законите.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека правата од работен однос, покрај со закон, се уредуваат и со колективни договори како облик на меѓусебно уредување на односите, правата и обврските на социјалните партнери. Правото на надоместок на трошоците е секако едно од тие прашања, дотолку повеќе што тоа право не е непосредно уредено со Законот за работните односи.

6. Оттука Судот, разгледувајќи го член 45 точка 4 алинеја 1 од Колективниот договор означен во точката 1 од ова решение, оцени дека утврдувањето на правото на надоместокот за превоз до и од работа е израз на меѓусебната согласност на социјалните партнери, што не излегува надвор од концептот утврден во член 32 став 5 од Уставот.

Во поглед на наводите во иницијативата дека формулациите во тој член се нејасни и создаваат можност за нееднаквост помеѓу работниците, Судот оцени дека тие наводи се однесуваат на прашањето на примената на оспорената одредба врз определени фактички ситуации поврзани со квалитетот или, пак, отсуството на јавен или организиран превоз во одделно место. Исто така, Судот го ценеше и наводот во иницијативата дека предвидувањето превозот да биде услов при работата ги дискриминира работниците, но утврди дека таа формулација може да се однесува само на фактичката потреба на определен работник да користи превоз и не може да се смета како услов за засновање на работен однос.

Судот понатаму утврди дека оспорниот член воопшто не содржи одредба која ги става во различна положба работниците што засновале работен однос пред и по влегувањето во сила на Општиот колективен договор за да може да ја оспори уставноста на тој член и од тој аспект.

Конечно, фактот што оспорените членови од двата колективни договори содржат различни одредби, според мислењето на Судот, на ниеден начин не имплицира несогласност на двата члена со Уставот.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за соглансоста на член 45 ст.4 алинеја 1 од колективниот договор означен во точката 1 од ова решение со Уставот, по ниеден од основите наведени во иницијативата.

7. Разгледувајќи го оспорениот член од Колективниот договор означен во точката 2 од ова решение, Судот утврди дека за неговата уставност веќе одлучувал и со решение У.бр.29/2000 од 5 април 2000 година не повел постапка за оценување неговата уставност и законитост, поради што согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот одлучи да ја отфрли иницијативата во тој дел.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски,д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.94/2000
1 ноември 2000 година
С к о п ј е
лк/сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов