У.бр.93/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 1 февруари 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 5 став 2 од Законот за Собранието на Република Македонија (Службен весник на Република Македонија“ бр.104/2009).

2. Новица Наков од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорените одредби било пропишано мандатот на пратениците да трае од денот на неговото верификување до денот на верификувањето на мандатот на новоизбраните пратеници, но не подолго од четири години. Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У.бр.87/2006 од 15 ноември 2006 година утврдил дека мандатот на пратениците е уставно уредено прашање. Неспорно било дека мандатот на пратениците започнува да тече од конститутивната седница на Собранието, дека трае 4 години и единствено може да се продолжи во случај на воена или вонредна состојба, како и да се скрати, во случај на распуштање на Собраниетo или кога новото Собрание се конституира пред истекот на четири години. Со Уставот не било утврдено мандатот на пратениците да продолжи во случај на распуштање на Собранието, ниту пак било предвидено во таков случај тие да продолжат со должноста. Според подносителот на иницијативата, мандатот на пратениците во Собранието, а со тоа и вршењето на законодавната функција на овој орган на државната власт, биле ставени во временски рамки кои не дозволувале вршење на власт по истекот на четирите години или по распуштањето на Собранието, како и по конституирање на новото Собрание пред истекот на 4 години.

Со оспорените одредби се повредувал член 63, член 51 и член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 5 од Уставот, поради што се предлага Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одлука и истата да ја поништи.

3. Судот на седницата утврди дека според член 5 став 2 од Законот за Собранието на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.104/2009), мандатот на пратениците трае од денот на неговото верификување до денот на верификувањето на мандатот на новоизбраните пратеници, но не подолго од четири години.

4. Според членот 1 став 1 од Уставот, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава, а согласно членот 2 став 2, граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.

Според членот 8 став 1 алинеја 3, 4 и 5 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон (став 1). Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (став 2).

Според член 61 од Уставот, Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката. Организацијата и функционирањето на Собранието се уредуваат со Уставот и со Деловникот.

Според членот 63 став 1 од Уставот пратениците во Собранието се избираат за време од четири години. Мандатот на пратениците го верифицира Собранието. Мандатот почнува да тече од конститутивната седница на Собранието. Новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори. Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав.

Според ставот 2 на овој член од Уставот, доколку не се закаже конститутивна седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на дваесет и првиот ден од денот на завршувањето на изборите.

Во ставот 3 од членот 63 од Уставот е определено дека избори за пратеници во Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието.

Со одредбата од ставот 4 на овој член од Уставот е утврдено дека мандатот на пратениците во Собранието може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба.

Според ставот 6 од овој член од Уставот Собранието се распушта ако за тоа се изјасни мнозинството од вкупниот број пратеници.

Според членот 66 од Уставот, Собранието е во постојано заседание и работи на седници кои ги свикува претседателот на Собранието.

5. Од изнесените уставни одредби произлегува дека остварувањето на власта преку демократски избрани претставници е уставен принцип врз основа на кој е уредена и организацијата на државната власт со одредбите во III дел од Уставот.

Собранието на Република Македонија е определено како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт во Републиката.

Статусните прашања на овој орган на државната власт се уредени со Уставот. Единствено организацијата и функционирањето на Собранието и начинот и условите за избор на пратеници, покрај со Уставот, се уредуваат со Деловникот, односно со Законот за Собранието на Република Македонија кој е донесен на 17 август 2009 година и објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 104/2009.

Законот содржи 9 глави, при што оспорената одредба од членот 5 став 2 е содржана во глава II од Законот насловена како „Започнување и престанување на мандатот и неспојливост на функцијата пратеник со вршење на други јавни функции или професии“, на која и припаѓаат членовите 5-7 од Законот.

Според член 5 став 1, мандатот на пратениците го верифицира Собранието. Според ставот 2 кој е оспорен со иницијативата, мандатот на пратениците трае од денот на неговото верификување до денот на верификувањето на мандатот на новоизбраните пратеници, но не подолго од четири години. Според ставот 3, доколку Собранието не го верифицира мандатот на пратеникот, се смета дека тој не е избран за пратеник. Според ставот 4, со верификацијата на мандатот пратеникот стекнува права и должности утврдени со Уставот, со закон, Деловникот и со други прописи и општи акти. Начинот, постапката за верификацијата, како и причините поради кои Собранието може да не го верификува мандатот на пратеникот се уредуваат со Деловникот (став 5).

Во членот 6 од Законот се утврдени случаите во кои на пратеникот му престанува мандатот пред истекот на времето за кое е избран, а во членот 7 од Законот е утврдена неспоjливоста на функцијата пратеник со вршењето на други јавни функции или професии.

Неповедувајќи постапка за оценување на уставноста на Законот за Собранието во целина, во Решението У.бр.197/2009 од 23 март 2011 година, Уставниот суд изразил став дека: „Законот треба да се разбере како правен акт со кој се разработуваат и прецизираат уставните определби поврзани со организацијата и функционирањето на Собранието на Република Македонија, со што законодавецот не ја повредува својата уставна положба да донесува закони во рамките на уставните овластувања определена во член 68 алинеја 2 од Уставот“ и дека со тоа не се дерогираат Уставот и Деловникот на Собранието, како што сметал подносителот на иницијативата.

Тргнувајќи од содржината на оспорената одредба од член 5 став 2 од Законот за Собранието, како и од нејзината систематика во глава II од Законот со наслов „Започнување и престанување на мандатот и неспојливост на функцијата пратеник со вршење на други јавни функции или професии“, Судот утврди дека со неа се прецизира и разработува уставната одредба од членот 63 кој го уредува траењето на мандатот на пратениците и го определува моментот од кога започнува да тече мандатот. При тоа, Судот оцени дека право е на законодавецот – Собранието на Република Македонија, во законот со кој ја регулира сопствената работа да го уреди и ова прашање, односно да го утврди моментот кога престанува мандатот на пратениците. Судот смета дека подносителот несоодветно се повикува на Одлуката У.бр.87/2006 од 15 ноември 2006 година, во која една од причините поради која што била укината одредбата од членот 15 став 4 од Изборниот законик е и тоа што одредбата уредувала прашање што е надвор од предметот на уредување на Изборниот законик кој има уставен основ само да го уредува начинот и условите за избор на пратеници, а не да го регулира мандатот на пратениците.

Мандатот на пратениците е веќе уставно уредено прашање. Од означените одредби од Уставот е неспорно дека мандатот на пратениците започнува да тече од конститутивната седница на Собранието и трае 4 години и единствено може да продолжи во случај на воена или вонредна состојба, како и да се скрати во случај на распуштање на Собранието или кога новото Собрание се конституира пред истекот на четири години.

Факт е дека уставотворецот во одредбите од членот 63 од Уставот не го определил точниот момент кога престанува мандатот на пратениците од еден пратенички состав. Затоа, поаѓајќи од уставната одредба со која е утврдено дека четиригодишниот мандат на пратениците започнува да тече од конститутивната седница на Собранието, законодавецот во оспорената одредба го определил моментот кога престанува мандатот на пратениците – а тоа е моментот на верификацијата на мандатот на новоизбраните пратеници. Со тоа законодавецот траењето на мандатот на пратениците го ставил во прецизна временска рамка од 4 години, што не допушта во никој случај продолжување на мандатот подолго од 4 години, освен во случај на исклучокот предвиден со член 63 став 5 од Уставот кој се однесува на воена или вонредна состојба.

Врзувањето на моментот на престанок на мандатот на пратениците од еден пратенички состав со моментот на верификацијата на мандатите на новоизбраните пратеници има за цел да се обезбеди континуитет во работата на Собранието и да се избегнат ситуациите на правен вакуум на законодавниот орган.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека оспорената одредба е во духот на Уставот и ја почитува уставната одредба за траење на мандатот на пратениците во Собранието на Република Македонија за време од четири години, поради што не го постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со одредбите од член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 5, член 51 и член 63 од Уставот.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.93/2016
01.02.2017 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски