93/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 13 јули 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 21 став 1 точка 8 од Законот за гробишта и погребални услуги („Службен весник на Република Македонија“ бр.86/2008, 156/2010 и 53/2011).

2.Јавното претпријатие „Охридски комуналец“ од Охрид, застапуван од полномошник Владо Павловски-адвокат од Охрид, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точка 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, не биле јасни причините за определбата содржана во означениот член од Законот, како и намерата и интенцијата на законодавецот односно не било јасно зошто управителот на градските гробишта, било да е јавно претпријатие кое врши комунални дејности или друго правно лице, доколку ги исполнувало условите за добивање на дозвола за вршење на погребални услуги не може да ги врши погребалните услуги.
Подносителот на иницијативата смета дека со оспорената законска одредба се нарушувала еднаквоста на сите субјекти на пазарот и се повредувало правото на слободно определување на претприемачите во изборот на својата дејност во ситуација кога правните субјекти ги исполнуваат законски предвидените услови за конкретната дејност. Поради тоа, наведената законска одредба не била во согласност со член 55 од Уставот.
Во иницијативата се наведува дека ЈП „Охридски комуналец“ од Охрид, како управител на градските гробишта во Охрид и долгогодишен вршител на погребални услуги, со ова законско решение се ставало во дискриминирачка и нееднаква положба во однос на другите правни лица иако ги исполнувале сите услови за добивање на дозвола за вршење на погребални услуги кои и претходно ги вршеле.

3.Судот на седницата утврди дека во Главата I. „Општи одредби“ од Законот се определува дека со овој закон се уредуваат начинот на определување, изградба, одржување, употреба и видови гробишта, управување со гробиштата, употреба на гробно место и гробница, условите и начинот на вршење на погребални услуги, изградба на надгробни споменици, како и надзор над спроведување на овој закон (член 1).
Со член 2 од Законот се утврдува дека гробиштата како добра во општа употреба се во сопственост на Република Македонија, уживаат посебна заштита и се користат под услови и на начин утврдени со овој закон.

Во член 3 точка 1 од Законот се определува дека гробишта се градежни изградени или неизградени земјишта предвидени за градба на гробни места и придружни објекти наменети за погреб (закоп), при што во точка 10 од истиот член на Законот се утврдува дека управител на гробишта е јавно претпријатие или друго правно лице кое врши работи на изградба, реконструкција, управување и одржување на гробиштата. Во точка 7 од овој член на Законот се предвидува дека погребални услуги се вид на комунална дејност што подразбира преземање, чување, опремување и превоз на умрено лице до местото на погреб и погреб или кремирање, а во точка 13 од овој член на Законот се определува дека оператор на погребални услуги е физичко или правно лице кое врши работи на преземање на умреното лице од местото каде што починало, превезување до мртовечница, чување, опремување и превоз на умреното лице до местото на погреб, погребување или кремирање.

Според член 4 став 1 од Законот, основните цели на овој закон се: одвојување на управувањето и одржувањето на гробиштата како објекти на основната комунална инфраструктура (алинеја 1) и вршење на погребални услуги (алинеја 2), а според ставот 2 од истиот член на Законот вршењето на дејноста управување со гробишта и вршење на дејноста погребални услуги се неспојливи.

Главата II. „Гробишта“ од Законот е посветена на правата на користење на гробиштата и на гробните места (член 7), начинот на определувањето на гробиштата (член 8), изградбата, реконструкцијата и одржувањето на гробиштата (член 9), изградбата и одржувањето на надгробни споменици на гробното место (член 10), затворањето и преместувањето на гробиштата (член 11), престанокот на изградба на нови гробни места (член 12) и видовите на гробишта (член 13).

Во Главата III. „Управување со гробишта“ од Законот се определува дека управувањето со гробишта го врши управител на гробишта (член 14 став 1), управувањето со гробишта општината, општините во градот Скопје, односно градот Скопје, го врши преку јавно претпријатие за комунални услуги или преку правно лице кое има дозвола за управување со гробишта, врз основа на јавен конкурс (член 14 став 2), јавното претпријатие од ставот 2 на овој член е должно за вршење на работите управување со гробишта да води посебно сметководство за приходите остварени од вршењето на оваа дејност (член 14 став 3), правното лице од ставот 2 на овој член меѓусебните права и обврски со општината, општините во градот Скопје, односно градот Скопје ги уредува со договор (член 14 став 4), при што во член 15 став 1 од Законот се утврдува дека правно лице за да добие дозвола за управување со гробишта, мора да го исполнува, покрај другите, и условот да не поседува дозвола за вршење на погребални услуги (точка 8).
Главата IV. „Употреба на гробно место или гробница“ од Законот се однесува на употребата на гробно место или на гробница.

Во Главата V. „Погребални услуги“ од Законот се определува дека погребалните услуги ги вршат физички и правни лица кои имаат дозвола за вршење на погребални услуги (член 20).

Во член 21 од Законот се утврдуваат условите кои физичкото или правното лице мора да ги исполнува за да добие дозвола за вршење на погребални услуги.
Во оспорениот член 21 став 1 алинеја 8 од Законот се определува дека услов за физичкото или правното лице да добие дозвола за вршење на погребални услуги е „да не поседува дозвола за управување со гробишта.“

4. Според член 55 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.

Според став 2 од истиот член на Уставот, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Според став 3 од истиот член на Уставот, слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбрана на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Според член 56 став 1 од Уставот, сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.

Според став 3 од истиот член на Уставот, со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека слободата на пазарот и претприемништвото е уставно загарантирана слобода која може да се ограничи само со закон и во три уставно утврдени ситуации и тоа заради одбрана на Републиката, зачувувањето на природата и на животната средина или на здравјето на луѓето, при што Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба или монополското однесување на пазарот. Во однос на добрата од општ интерес за Републиката, кои како такви се утврдуваат со закон и во кои спаѓаат и добрата во општа употреба, Уставот определува дека уживаат посебна заштита и се користат под услови и на начин утврдени со закон.

Членот 2 од Законот за гробишта и погребални услуги определува дека гробиштата се добра во општа употреба во сопственост на Република Македонија, членот 4 од Законот предвидува посебна заштита на гробиштата како добро во општа употреба, така што определува управувањето со гробиштата да биде посебна дејност одвоена од дејноста давање погребални услуги, а членот 15 став 1 точка 8 и членот 21 став 1 точка 8 од Законот ги конкретизираат претходно наведените законски одредби така што определуваат дека услов за управување со гробишта е правното лице да не поседува дозвола за вршење на погребални услуги односно услов за вршење на погребални услуги е физичкото или правното лице да не поседува дозвола за управување со гробишта.

Според тоа, оспорената законска одредба определува посебен услов за вршење на погребални услуги-непоседување дозвола за управување со гробишта, што е посебна заштита на гробиштата како добра во општа употреба за Републиката, а таквото значење на член 21 став 1 точка 8 од Законот има основа во член 56 ставовите 1 и 3 од Уставот. Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за уставноста на оспорената законска одредба.

5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6.Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.
У бр.93/2010
13 јули 2011 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски