93/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 19 јануари 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 40 став 1 алинеја 6 од Законот за јавните набавки (“Службен весник на Република Македо- нија” бр.19/2004).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорената одредба не била во согласност со Уставот на Република Македонија затоа што правните последици од осудата настапувале по сила на закон, а не како конкретна санкција што ја изрекува суд со правосилна судска одлука.

Исто така, по однос на оспорената одредба се наведува дека законодавецот не се придржувал кон принципот за забрана на барање на докази од граѓаните за нивната осудуваност или неосудуваност определен во членот 106 став 5 од Крвичниот законик, што не било во согласност со владеењето на правото како темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Оттаму, смета дека одредбата не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 9, член 13 став 1, член 14 став 1, член 51 став 1 и член 98 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 40 став 1 алинеја 6 од Законот за јавните набавки за својата финансиска и економска способност, понудувачот обезбедува и доставува со понудата соодветни документи, меѓу кои и уверение дека со правосилна пресуда не му е изречена мерка на безбедност забрана на вршење на дејност.

4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.
Според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според член 2 точка 4 од Законот за јавните набавки, понудувач е домашно или странско правно или физичко лице-снабдувач или обезбедувач на стоки, услуги или работи, кое поднесува понуда.

Тргнувајќи од содржината на оспорената одредба, меѓу другите документи за утврдување на финансиската и економската способност, понудувачот треба да достави и уверение дека со правосилна пресуда не му е изречена мерка на безбедност – забрана на вршење на дејност, а како составен дел на целокупната документација што е потребно да се достави заедно со понудата.

Оттаму, според мислење на Судот доставувањето на бараното уверение е во непосредна врска со способноста на понудувачот успешно да ја изврши бараната услуга или работа на која се однесува понудата.

Впрочем на овој начин и се оживотворува, реализира правното дејство на изречената мерка на безбедност забрана на вршење на дејност, должност или професија. Во спротивно изречената мерка во правосилната пресуда би останала без правен ефект.

Оттука, определувањето во Законот за јавните набавки, исполнување на условот спрема понудувачот да не е изречена мерка забрана на вршење на дејност, според Судот, не може да се смета за несогласно со одредбите од Уставот на Република Македонија на кои се темели иницијативата.

Врз основа на наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот со член 8 став 1 алинеа 3 и 4, член 9, член 13 став 1 член 14 став 1, член 51 став 1 и член 98 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 93/2004
19 јануари 2005 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова