93/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 9 октомври 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување на составот на Републичкиот совет за заштита на поредокот утврден со Уставот (“Службен весник на РМ” бр.45/91).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одлука не била во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот, како и со членовите 41 став 1, 43 став 1 и 45 од Законот за Агенцијата за разузнавање затоа што истата била донесена врз основа на Уставот од 1974 година, а сегашниот Устав не содржел основ за постоење и егзистирање на посебен орган, како што е Републичкиот совет за заштита на поредокот на Република Македонија, утврден со Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека од насловот и содржината на оспорената одлука, произлегува дека со неа се утврдува составот на Републичкиот совет за заштита на поредокот утврден со Уставот, или како што поконкретно е утврдено во точката I, со оваа одлука се определуваат и именуваат претседател и членови на овој совет.

Во точките II, III и IV од оваа одлука е определено дека претседател на овој совет е претседателот на Република Македонија, а членови по својата положба се: претседателот на Владата на Република Македонија, министерот за внатрешни работи, министерот за народна одбрана, а членови се и: претседателот на Собранието на Република Македонија и републичкиот јавен обвинител.

Во точката В, се утврдува престанокот на важноста на претходната одлука, а во точката В – влегувањето во сила на оваа одлука (според точката В оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето) а ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”).

Судот на седницата, исто така, ја утврди правната и фактичката состојба која е релевантна за одлучување по оваа иницијатива.

Имено, Судот утврди дека оспорената одлука е донесена на 26 септември 1991 година од тогашниот претседател на Република Македонија – Киро Глигоров и тоа врз основа на членовите 3, 15 и 16 од Законот за републичките совети (“Службен весник на СРМ” бр.27/75).

Во членот 1 од наведениот закон е утврдено дека, покрај другите совети, се формира и Републичкиот совет за заштита на поредокот утврден со уставот, и тоа како советодавно тело во рамките на делокругот утврден со овој закон.

Според членот 14, овој совет ја разгледува положбата, системот и политиката од областа на заштитата на поредокот утврден со уставот, прашањата од значење за политичко насочување и усогласување работата на органот што врши работи на државната безбедност и за општествената контрола над таа работа, како и други прашања од значење за безбедноста на земјата.

Според членот 15 од овој Закон, Републичкиот совет за заштита на поредокот утврден со Уставот го сочинуваат претседател и определен број членови кои ги именува Претседателството на Република Македонија.

Претседателот на Извршниот совет на Собранието на СРМ, републичкиот секретар за внатрешни работи и републичкиот секретар за народна одбрана, според ставот 2 на член 15, се членови на овој совет по својата положба. Во ставот 3 на овој член е утврдено дека, во Советот свои претставници определуваат раководните органи на општествено-политичките организации, кои договорно ги утврдуваат Претседателот на Република Македонија и тие органи.

Законот за републичките совети, освен одредбите што се однесуваат на Републичкиот совет за заштита на поредокот утврден со уставот, престана да важи со влегувањето во сила на Законот за општествените совети и за републичките општествени совети (“Службен весник на СРМ” бр.24/80), а овој закон, пак, престана да важи со денот на прогласувањето на Уставниот закон за спроведување на Амандманите ЛВИИ до ЛЏЏЏ на Уставот на СРМ од 1974 година, во 1990 година.

Во членот 86 став 1 од Уставот на Република Македонија од 17 ноември 1991 година е утврдено дека Претседателот на Републиката е претседател на Советот за безбедност на Република Македонија.

Според ставот 2 на истиот овој член од Уставот, Советот за безбедност на Република Македонија го сочинуваат: претседателот на Републиката, претседателот на Собранието, претседателот на Владата, министрите кои раководат со органите на државната управа во областа на безбедноста, одбраната и надворешните работи и тројца членови кои ги именува претседателот на Републиката. При именувањето на тројцата членови, претседателот ќе обезбеди составот на Советот, како целина, соодветно да го одразува составот на населението во Република Македонија.

Во ставот 3 на членот 86 од Уставот е утврдено дека Советот ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и Владата.

4. Од наведената правна и фактичка состојба произлегува дека оспорената одлука е донесена пред донесување на Уставот на Република Македонија од 1991 година и тоа врз основа на одредбите од Законот за републичките совети од 1975 година, со кој закон е формиран и Републичкиот совет за заштита на поредокот утврден со Уставот (од 1974 година), а одредбите од овој закон што се однесуваат за овој совет, како и оспорената одлука, формално правно не престанале да важат.

Понатаму, од вака утврдената правна и фактичка состојба, произлегува и тоа дека со Уставот на Република Македонија од 1991 година е востановен Советот за безбедност на Република Македонија, а истовремено неговиот состав и делокруг на работа се, исто така, утврдени во самиот Устав.

Според тоа, посматрајќи ја оспорената одлука во корелација со Уставот на Република Македонија, а посебно со членот 86, произлегува дека таа фактички уредува прашања кои сепоред сегашниот уставно-правен систем на Република Македонија се исклучиво уставна материја и како такви се уредени во Уставот. Имено, со Уставот на Република Македонија од 1991 година е утврден Советот за безбедност на Република Македонија кој според положбата, надлежноста и составот, е скоро идентичен на Републичкиот совет за заштита на поредокот утврден со уставот, формиран со Законот за републичките совети од 1975 година.

Имајќи го предвид наведеното, Судот утврди дека оспорената одлука со прогласувањето на Уставот на Република Македонија од 1991 година де фацто е дерогирана, и престанала да важи и да се применува, а истовремено престанале да важат и одредбите од Законот за републичките совети што се однесуваат на Републичкиот совет за заштита на поредокот утврден со уставот, врз чија основа е донесена оваа одлука.

5. Поради тоа што во конкретниот случај постојат процесни пречки за одлучување по барањето во иницијативата, во смисла на член 28 од Деловникот, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.93/2002
9 октомври 2002 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов