92/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 10 октомври 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 371 од Законот за парнична постапка во делот „освен одредбите за одговор на жалба“ („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008, 83/2009 и 116/2010).

2. Димитрија Атанасовски адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на дел од членот 371 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот дел на членот 371 од Законот не бил во согласност со член 8 алинеја 1 и 3, член 9 став 2 од Уставот, како и со член 13 од Европската конвенција за човековите права. Ова од причина што со оспорениот дел се скратувало правото на странката да се произнесе по наводите на странката која се жалела на решението. Странката која изјавила жалба може да ги спори фактите од решението, да ги коментира доказите и друго, а на противната страна не и е дозволено да се произнесе по ваквите наводи, при што постапката пред повисокиот суд станува еднострана.

Доколку не би постоел оспорениот дел на членот 371 од Законот во постапка по жалба на решение ќе се применуваат одредби од делот за жалба на пресуда, а Законот нема да изгуби ништо во поглед на остварувањето на правата на странките, ниту во ефикасноста на судовите, напротив правото на странката ќе се зголемат, а ефикасноста на судот ќе остане иста.

3. Судот на седницата утврди дека според член 371 од Законот за парничната постапка „Во постапката по жалба против решение согласно ќе се применуваат одредбите што важат за жалба против пресуда, освен одредбите за одговор на жалбата (оспорен дел) и за одржување на расправа пред второстепен суд.

4. Според член 8 став 1 алинеја 1 и 3, покрај другото, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се и основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдено со Уставот и владеењето на правото.

Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 13 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи и Протоколот 1, 4, 6 и 7, секој човек чии права и слободи признати со оваа Конвенција се нарушени има право на ефикасен правен лек пред националните власти дури и тогаш кога повредата на овие права и слободи ја сториле лица при вршење на службена должност. Според Амандман XXV од Уставот со кој е заменет член 98 од Уставот видовите, основањето, укинувањето, организацијата и составо на судовите, како и постапката пред нив се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнзинство гласови од вкупниот број пратеници.

Со Законот за парничната постапка Судот расправа и одлучува во спорови за основни права и обврски на човекот и граѓанинот, за личните и семејните односи на граѓанинот како што се работните, трговските имотните и другите граѓански – правни спорови, ако со закон за некои од тие спорови не е определен за нив судот да решава според правилата на некоја друга постапка.

Според член 121 од Законот за парничната постапка, Судот донесува одлуки во форма на пресуда или решение.

За тужбеното барање судот одлучува со пресуда, а во постапка поради смеќавање на владение со решение, а во постапка за издавање на платен налог решението со кое се усвојува тужбеното барање се донесува во форма на платен налог. Одлуката за трошоците во пресудата се смета за решение.

Во Законот за парничната постапка во поголем број на одредби се предвидени случаите кога судот во текот на постапката донесува решенија и тоа дали против тие решенија е дозволена посебна жалба, не е дозволена посебна жалба и решение против кои не е дозволена жалба.

Во поднасловот „Жалба против решение“ односно во членовите од 368 до 371 е уредено прашањето дека против решението на првостепениот суд е дозволена жалба, ако со овој закон не е определено дека жалбата, не е дозволена.

Ако овој закон изрично определува дека посебна жалба не е дозволена, решението на првостепениот суд може да се побива само во жалбата против конечната одлука.

Во случаите во кои според овој закон посебна жалба е дозволена против решението со кое постапката пред првостепениот суд не завршува, првостепениот суд ќе ги умножи списите и заедно со жалбата ќе ги достави до второстепен суд, а ќе ја продолжи постапката за решавање на прашања на кои жалбата не се однесува.

Во членот 371 од Законот е предвидено дека во постапката по жалба против решение согласно ќе се применуваат одредбите што важат за жалба против пресуда, освен одредбите за одговор на жалбата и за одржување расправа пред второстепениот суд.

Во Законот за парничната постапка односно во член 348 поместен во делот „постапка по жалба“, а кој не се применува на жалба против решение е предвидено дека примерок од навремено, целосно и дозволена жалба првостепениот суд ќе достави во рок од три дена до спротивната странка која може во рок од осум дена од приемот да поднесе до тој суд одговор на жалбата.

Примерок од одговорот на жалбата првостепениот суд ќе достави во рок од три дена до жалителот. Ненавремено поднесениот одговор по жалба нема да се отфрли туку ќе се достави до второстепениот суд кој ќе го земе предвид ако тоа е уште можно.

Во член 349 став 1 од Законот е предвидено дека по приемот на одговорот на жалба или по изминувањето на рокот за одговор на жалбата, претседателот на советот жалбата и одговорот на жалба, ако е поднесена, со сите списи ќе ги достави до второстепениот суд најдоцна во рок од осум дена.

Во натамошната постапка, а со цел да се увиди како било уредено прашањето за исклучување на одговор на жалба против решение донесено во прв степен е констатирано дека идентична содржина постоела во член 381 од Законот за парничната постапка („Службен лист на СФРЈ“ бр.4/1977, 36/1977, 36/1980, 69/1982, 58/1984, 74/1087, 57/1989, 20/1990, 27/1990 и 35/1991 кој согласно членот 5 од Уставот Законот за спроведување на Уставот на Република Македонија се применува како републички пропис, како и во член 367 од Законот за парнична постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.33/1998 и 44/2002).

Тргнувајќи од изнесените уставни одредби како и анализата на одделни одредби од Законот за парничната постапка наспрема наводите во иницијативата Судот оцени дека истите не се основани.

Ова од причина што целта на законодавецот не била да ги доведе во нееднаква положба странките во спорот туку имајќи предвид дека се работи за решение против кое е дозволена жалба на странките, дозволеното уставно право на жалба е обезбедено. Фактот што со оспорениот дел од одредбата е исклучено правото на одговор на жалба против решението има за цел парничната постапка да се заврши во еден разумен рок без притоа странките да бидат оштетени. Исклучувањето на одговор на жалба против решение според Судот има за цел да не се дозволи странката во спорот во суштина да ги напаѓа наводите во жалбата односно да спори со ставовите и мислењата на спротивната странка, на кој начин би се одолговлекувала самата постапка.

5. Врз основа на изнесеното,Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр. 92/2012
10 октомври 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски