У.бр.92/2007

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 20 јуни 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 7 став 3 алинеја 3, во делот „и донесува подзаконски акти од областа на воздухопловството согласно со ЕУ, ИЦАО, ЕЦАЦ, ЕУРОЦОНТРОЛ и ЈАА/ЕАСА“, од Законот за воздухопловство („Службен весник на Република Македонија“ бр.14/2006 и 24/2007).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорениот дел од означената законска одредба не бил во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51, член 91 алинеи 1 и 5, член 95 став 3 и член 96 од Уставот на Република Македонија „затоа што подзаконските акти од областа на воздухопловството не може непосредно да се донесуваат во согласност со ЕУ, ИЦАО, ЕЦАЦ, ЕУРОЦОНТРОЛ и ЈАА/ЕАСА“ како што е тоа пропишано во оспорениот законски дел, бидејќи подзаконските акти мораат да бидат во согласност само со Уставот и со закон согласно член 51 став 1 од Уставот на Република Македонија“.

3. Судот на седницата утврди дека со член 7 од Законот се основа Агенција за цивилно воздухопловство (став 1) како самостоен орган на државната управа со својство на правно лице (став 2) и со определени надлежности (став 3). Во оспорената алинеја 3 на став 3 се определува дека Агенцијата „подготвува предлог на закони и донесува подзаконски акти од областа на воздухоловството согласно со ЕУ, ИЦАО, ЕЦАЦ, ЕУРОЦОНТРОЛ и ЈАА/ЕАСА“,

Судот исто така утврди дека на 9 јуни 2006 година во Луксембург е склучена, а на седница на Собранието на Република Македонија од 26 февруари 2007 година е ратификувана со закон Мултилатералната спогодба помеѓу Европската заедница и нејзините земји членки, Република Албанија, Босна и Херцеговина, Република Бугарија, Република Хрватска, Република Македонија, Република Исланд, Република Црна Гора, Кралство Норвешка, Романија, Република Србија и мисијата на Обединетите нации за привремена администрација на Косово за основање на Европска заедничка воздухопловна област („Службен весник на Република Македонија – Меѓународни договори“ бр.27/2007).

Во став 3 од Преамбулата на означената спогодба се наведува дека договорните страни се согласуваат дека правилата на Европската заедничка воздухопловна област се засноваат на соодветните прописи на Европската заедница наведени во Анекс I од оваа спогодба.

Во Анекс I од Спогодбата се набројани регулативите и директивите на Европската заедница систематизирани по потесни области.

Во Протокол V од Спогодбата се утврдува динамиката на усогласување на правилата меѓу Европската заедница и земјите членки, од една страна, и Република Македонија, од друга страна (две фази, и по наведените области).

Во Спогодбата се наведуваат одредби и од други меѓународни организации, не само од ЕУ (Чикашката конвенција за цивилно воздухопловство на ИЦАО – член 2 став 1 точка (и); Документ 30 на Европската конференција за цивилно воздухопловство ЕЦАЦ – член 2 од Протоколот V на Спогодбата; ….).

Покрај тоа, Судот утврди дека Законот за воздухопловство како целина е систематизиран по потесни области согласно наведените од Мултилатералната спогодба (организација на воздушен сообраќај – дел трети; воздухопловна безбедност – дел четири, пет, шест; воздухопловно обезбедување – дел осми; социјални аспекти – дел седми; …).

Во член 4 точка 67 од Законот се определува дека „прифатените стандарди и препорачани практики“ се дел од воздухопловните прописи на Република Македонија.

Според член 192 став 3 од Законот „Доколку меѓународните договори кои ги ратификувала Република Македонија содржат одредби кои се разликуваат од одредбите на овој закон и подзаконските акти донесени врз основа на овој закон, тогаш ќе се применуваат одредбите од меѓународните договори“.

4. Според член 118 од Уставот на Република Македонија „меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон“.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека ратификуваните меѓународни договори односно правилата содржани во нив се дел од правниот поредок на Република Македонија, при што тие правила не можат да се менуваат еднострано со закон.

Со оглед на тоа што наведената мултилатерална спогодба е ратификувана со закон и правилата од таа спогодба станаа дел од правниот поредок на Република Македонија (што се утврдува и со член 4 точка 67 од Законот за воздухопловство), како и што Законот определува усогласувањето со меѓународните правила на ЕУ, ИЦАО, ЕЦАЦ, ЕУРОЦОНТРОЛ и ЈАА/ЕАСА“ да се врши со подзаконски акти на Агенцијата за цивилно воздухопловство (член 7 став 3 алинеја 3 од Законот) без можност за нивно менување (член 192 став 3 од Законот), произлегува дека оспорениот дел на член 7 став 3 алинеја 3 од Законот не е во несогласност со член 118 од Уставот на Република Македонија, а поради тоа ни со членовите 91, 95 и 96 од Уставот бидејќи подзаконските акти на Агенцијата не можат да ги менуваат ратификуваните меѓународни правила, па ниту со членовите 8 и 51 од Уставот бидејќи нема повреда на владеењето на правото, ниту подзаконските прописи на Агенцијата не се несогласни на Уставот и на закон.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски и Игор Спировски.

У.бр.92/2007
20 јуни 2007 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи