92/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 14 јули 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на

2. Панче Докузов од Штип и Фармацевтската комора на Република Македонија, застапувана од Дељо Кадиев од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативите, оспорените одредби од Законот биле несогласни со Уставот затоа што не предвидувале услови под кои ќе се врши трансформацијата; се повредувало начелото на еднаквост во смисла што јавните аптеки што се приватизирале по пат на продажба биле ставени во попривилегирана положба во однос на стоматолошките ординации кои се издавале во закуп; се повредувало начелото на еднаквоста помеѓу вработените во аптеките што се приватизирале по пат на продажба и оние што се трансформирале по пат на закуп; директорите на јавните аптеки имале можност да вршат злоупотреба на својата положба на начин што можеле вработените да ги прераспоредуваат од една во друга аптека (од аптека што се продава во аптека што се издава во закуп); се повредувало начелото на еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот, што била загарантирана со Уставот, затоа што јавните аптеки се трансформирале по пат на продажба, а стоматолошките ординации по пат на закуп; се повредувала слободата на пазрот и претприемништвото кои единствено можеле да бидат ограничени со закон во точно определени случаи во Уставот и на Владата на Република Македонија и се давала можност со подзаконски акт да уредува прашања што се законска материја.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 200-а од Законот постојните јавни здравствени организации основани за вршење на фармацевтска дејност во целина или нивни делови, како и делови од постојните здравствени домови и медицински центри во кои се врши фармацевтска дејност (во натамошниот текст: јавни аптеки) можат да се приватизираат и да се организираат, односно да се основаат како приватни здравствени установи за вршење на фармацевтска дејност (во натамошниот текст: приватни аптеки), врз основа на одлука што Владата на Република Македонија ќе ја донесе по предлог на министерот за здравство.

Приватизацијата на јавните аптеки може да се врши во делови под условите за вршење на фармацевтска дејност, пропи-шани со овој закон и со друг закон.

Ако приватизацијата на јавните аптеки се врши во делови, деловите во кои се вршат административно правни, финансиски, технички и помошни работи можат да се приватизираат и да се организираат, односно да се основаат како трговски друштва соглас-но со одредбите на овој закон и Законот за трговските друштва.

Согласно член 200-б од Законот предмет на приватизација е вкупно проценетата вред-ност на јавната аптека.

Трошоците за процената и за другите дејствија во постапката за приватизација паѓаат на товар на купувачите.

Согласно член 200-в од Законот јавната аптека се приватизира на начин што од вкупно проценетата вредност:

– 5% се отстапува бесплатно на вработените;
– 20% се откупуваат под повластени услови од врабо-тените и
– 75% се продаваат на јавна берзанска аукција.

Согласно член 200-г од Законот делот од уделот во висина од 5% од вкупно проценетата вредност на јавната аптека се отстапува бесплатно на вработените кои тој статус го имале на денот на влегувањето во сила на одлуката од членот 200-а став 1 на овој закон.

Согласно член 200-д од Законот делот од уделот во висина од 20% од вкупно процене-тата вредност на јавната аптека може да се откупи под повластени услови со основен попуст од 30% од номиналната проценета вредност на уделот, зголемен за 1% за секоја полна година на работен стаж во јавната аптека од страна на:

– вработените во јавната аптека што се приватизира ако работеле најмалку две години пред денот на влегувањето во сила на одлуката од членот 200-а став 1 на овој закон;

– лицата чиј работен однос престанал во јавната аптека што се приватизира и кои во неа непрекинато работеле најмалку две години и

– пензионираните работници кои во јавната аптека што се приватизира непрекинато работеле најмалку две години.

Износот на купениот удел со попуст од став 1 на овој член од Законот поединечно не може да надмине 30% од уделот што се продава со попуст, но не повеќе од 12.500 евра.

Согласно член 200-ѓ од Законот преостанатиот дел од уделот во висина од 75% од вкупно проценетата вредност на јавната аптека, како и делот од уделот кој нема да биде откупен под повластени услови, се продава по пат на јавна берзанска аукција со почетна продажна цена на уделот која не може да биде пониска од неговата номинална вредност.

Согласно член 200-е од Законот приватизацијата на јавната аптека се смета за реализирана ако биде целосно откупен уделот од членот 200-ѓ на овој закон.

Ако уделот не биде продаден по пат на јавна берзанска аукција во рок од 60 дена од денот на неговата прва понуда јавната аптека може да се издаде под закуп согласно со одредбите на овој закон.

Согласно член 200-ж од Законот плаќањето на уделите од членот 200-в алинеи 2 и 3 од овој закон се врши во готово со денари или со хартии од вредност издадени во Република Македонија.

Согласно член 200-з од Законот процедурите за тргување со уделите издадени од јавна аптека што се приватизира ги определува Македонската берза за долгорочни хартии од вредност.

Согласно член 200-ѕ од Законот имателите на уделите од членовите 200-г, 200-д и 200-ѓ на овој закон кои го откупиле уделот на јавната аптека склучуваат договор за основање на приватна аптека со кој ги уредуваат меѓусебните права и обврски, како и договор со Министерството за здравство со кој особено го уредуваат начинот на вршењето на дејноста и обврската за континуирано вршење на дејноста.

Основањето на приватната аптека се запишува во судскиот регистар, при што особено се приложува решението од член 93 став 1 на овој закон и договорите од ставот 1 на овој член.

Согласно член 200-и од Законот приватната аптека е должна да ги преземе вработените кои тој статус го имале на денот на влегувањето во сила на одлуката од членот 200-а став 1 на овој закон.

На вработените од став 1 на овој член од Законот не може да им престане работниот однос врз основа на технолошки вишок во рок од една година од денот на уписот на приватната аптека во судскиот регистар.

Согласно член 200-ј од Законот средствата остварени со приватизација на јавните аптеки се приход на Буџетот на Република Македонија.

Согласно член 200-к од Законот објектите и опремата на постојните јавни здравствени организации и просторот и опремата на нивните делови во кои се врши фармацевтска дејност што не се приватизирале според овој закон, како и просторот и опремата на деловите на јавните здравствени организации во кои се врши примарна стоматолошка дејност, можат да се издаваат под закуп под услов да се основа приватна здравствена установа за вршење на соодветната дејност согласно со овој закон.

За вршење на дејноста од став 1 на овој член во јавните здравствени установи под закуп се издаваат просторот и опремата на деловите кои претставуваат организациона, просторна, техничка и функционална целина, во кои се вршат фармацевтска, односно стоматолошка дејност (во натамошниот текст: организациона едини-ца).

Под закуп не можат да се издаваат организациони едини-ци во јавните здравствени установи што вршат стоматолошка здравствена заштита на деца до 14 годишна возраст и итна стомато-лошка здравствена заштита.

4. Министерството за здравство на Република Македонија, во одговор на наводите во иницијативите наведе дека трансформацијата се врши на имот што е сопственост на Република Македонија и дека истата се врши на два начина: по пат на продажба и по пат на закуп.

Во тој контекст наведе дека постојат разлики меѓу аптекарската и стоматолошката дејност поради различната природа на дејноста што ја вршат и организационата поставеност на аптеките во однос на стоматолош-ката здравствена дејност. Исто така, во одговорот наведе дека се запазува работно правниот статус на вработените во аптеките што се приватизираат или издаваат под закуп и дека постојат три вида на јавни аптеки: а) јавни аптеки чии објекти односно простории се во сопственост на Република Македонија, кои се лоцирани самостојно, односно нивната дејност не се одвива во состав на дејноста на здрав-ствените домови; б) јавни аптеки (кои исто така, се во сопственост на Република Македонија), кои работаат во состав на дејноста на здравствените домови и медицински центри и в) јавни аптеки (исто така, сопственост на Република Македонија) кои дејноста ја вршат во простории земени под закуп чии сопственици се други физички и правни лица.

Во одговорот на Министерството, посебно се нагласува дека ситуацијата во Република Македонија е таква што не се создадени услови за приватизација на дејноста на здравствените домови и медицинските центри.

Од тие причини се предвидува трансформација на простор и опрема во стоматолошката дејност по пат на издавање под закуп, а не со продажба, а приватизацијата по пат на продажба ќе се врши според реално проценетата вредност на просторот и опремата кои се сопственост на Република Македонија и дека проценката на реалната вредност ќе ја вршат специјализирани агенции регистрирани за тоа.

5. Согласно член 9 став 2 од Уставот на Република Македонија, граѓаните се еднакви пред Уставот и законите.

Имајќи ја предвид оваа уставна одредба Судот оцени дека со предвидувањето на различните начини на трансформација на аптеките во однос на стоматолошките ординации не се повредува уставното начело на еднаквост.

Ова, затоа што природата на дејноста на аптеките и нивната организациска поставеност е дијаметрално различна во однос на стоматолошката здравствена дејност, па според тоа согласно е со Уставот трансформацијата на различните дејности да се врши на различен начин и под различни услови.

Согласно член 55 став 1 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.

Според ставот 2 на овој член од Уставот, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесу-вање на пазарот.

Ставот 3 на овој член од Уставот предвидува слободата на пазарот и претприемништвото да можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Имајќи предвид дека јавните аптеки вршат дејност од јавен интерес и дека нивната трансформација, односно приватизација се врши со цел за зачувување на здравјето на луѓето, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за уставноста на Законот од аспект на член 55 став 3 од Уставот на Република Македонија.

Во врска со прашањето дали оспорениот закон ги утврдува условите според кои се врши трансформација на јавните аптеки и стоматолошките ординации, Судот смета дека условите се утврдени.

Имено, условите за приватизацијата зависат и се опреде-луваат според тоа: дали аптеката (сопственост на Република Македонија) е самостојна; дали аптеката (сопственост на Република Македонија) е во состав на некоја здравствена организација; дали аптеката (сопственост на Република Македонија) е под закуп на објект кој е во сопственост на правно или физичко лице.

Во врска со прашањето дали се запазува работно правниот статус на вработените во аптеките што се приватизираат или издаваат под закуп, Судот оцени дека постојат две категории на така наречени повластени лица и тоа:

– лицата кои се во работен однос на денот кога стапува во сила одлуката на Владата. Тие спаѓаат во онаа категорија на која и се отстапува 5% бесплатно од проценетата вредност на аптеката.

– во втората категорија спаѓаат лица кои имаат право на откуп под повластени услови на 20% од проценетата вредност на аптеката доколку:

а) имаат најмалку две години работен стаж пред денот на стапувањето во сила на одлуката на Владата;

б) лица кои се пензионери но имаат најмалку две години работен стаж во аптеката и

в) лица кои не работаат повеќе во таа аптека, но во неа работеле најмалку две години, односно имаат најмалку две години работен стаж во неа.

Според Судот овие лица се затекнале во аптеките што се приватизираат и ја користат поволноста што им ја дава Законот, поради што и во овој случај не може да стане збор за повреда на начелото на еднаквоста загарантирано со Уставот.

Што се однесува до прашањето за приватизацијата на аптеките по пат на одлука на Владата а не со закон, Судот смета дека одлуката на Владата, во случајов, не претставува пропис донесен во функција на операционализација на Законот, туку дека со неа само се утврдува кои аптеки, објекти или простор (сопственост на Република Македонија) ќе бидат предмет на приватизација по пат на продажба и при тоа одлучува за начинот на продажбата (дали тие можат да се продаваат во целина како правно лице или делови, да одлучи или да задолжи надлежен орган за начинот на избор на агенција овластена за проценување на вредноста и да одобри приватизација по пат на продажба).

Тоа, во суштина, според Судот, значи дека одлуката на Владата претставува конкретен поединечен акт за продажба на одредена аптека под условите утврдени во Закон, поради што Уставниот суд не е надлежен за нејзиното оценување.

Во врска со наводите во иницијативата според кои членот 200-г од Законот со својата непрецизна формулација доведувал до забуна, Судот утврди дека отсуството на зборовите “во аптеката што се приватизира”, не ја прави одредбата нејасна, затоа што истата гласи “Јавната аптека се приватизира на начин што…

Имено, според Судот законодавецот е јасен, поради што не е потребно додавање на зборовите “во аптеката што се приватизира”.

Инаку, ценејќи ги останатите оспорени одредби од Законот, Судот утврди дека со нив се решаваат прашања претежно од техничка природа: определуваат кога ќе се смета дека приватизацијата на аптеката е реализирана; го решаваат прашањето ако уделот не биде продаден по пат на јавна берзанска аукција во рок од 60 дена од денот на неговата прва понуда во смисла што во тој случај аптеката може да се издаде под закуп; начинот на плаќањето на уделите; процедурата за тргувањето со уделите; начинот на склучување на договор со Министерството за здравство за основање на приватна аптека; статусот на вработените во аптеката по нејзината приватизација во смисла што истите остануваат во неа и во рок од една година, од денот на уписот на приватната аптека, да не може да им престане работниот однос врз основа на технолошки вишок; го решава прашањето во врска со средствата остварени со приватизацијата на јавните аптеки во смисла што тие се приход на Буџетот на Република Македонија и оцени дека не може основано да се постави прашањето за нивната согласност со Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.57/2004 и
У.бр.92/2004
14 јули 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова