У.бр.92/2003

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 26 ноември 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 139 од Колективниот договор за уредување, односно доуредување на правата, обврските и одговорностите од работен однос во Министерството за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.78/2002).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 139 од Колективниот договор означен во точката 1 од ова решение.
Како причина за оспорување на наведената одредба од Колективниот договор подносителот го наведува членот 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.25/2003). Според овој член од Законот, работникот има право на надомест на плата за времето додека е отстранет од работното место или од кај равотодавецот, во висина утврдена со колективен договор, но не помал од 75% од основната плата.
Со оглед на тоа дека според оспорената одредба овој надомест е помал дури за 15% во однос на законски утврдениот процент, подносителот на иницијативата смета дека се доведува во прашање темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото и еднаквоста на вработените во Министерството за одбрана, од една страна, и вработените во другите институции во земјата, од друга страна, и тоа на штета на првите. Понатаму, наведува и тоа дека колективниот договор не може да содржи одредби со кои на работниците им се утврдуваат помали права од правата утврдени со закон.
Според тоа, со оспорената одредба од Колективниот договор се повредувале членовите 8 став 1 алинеја 3, 9 и 51 од Уставот на Република Македонија, како и членовите 86 став 1и член 90 став 2 од Законот за работните односи.
Затоа предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 139 од Колективниот договор за уредување, односно доуредување на правата, обврските и одговорностите во Министерството за одбрана.
3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 139 од Колективниот договор, за време од отстранувањето од работното место или од Министерството во случаите од претходниот член, на работникот му се утврдува и исплатува плата во висина од 60% од износот на платата што работникот ја остварил пред отстранувањето од работното место.
4. Во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија утврдено е начелото – владеење на правото.
Во членот 9 на Уставот утврдено е дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според членот 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Согласно наведениот член од Уставот, остварувањето на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавецот од работен однос на општ начин се уредени со Законот за работните односи и општите колективни договори склучени на ниво на Републиката, а кои се однесуваат на работниците и работодавците во стопанството и за јавните служби, јавните претпријтија, државните органи, органите на локалната самоуправа и други правни лица кои вршат нестопанска дејност.
Меѓутоа, определени права, обврски и одговорности од работниот однос на специфичен начин се уредени и со други закони, како и со колективни договори склучени на ниво на гранка и на работодавец.
Според член 96 став 1 од Законот за работните односи, колективниот договор не може да содржи одредби со кои на работниците им се утврдуваат помали права или понеповолни услови за работа од правата и условите утврдени со закон, а ако содржи такви одредби, се применуваат соодветните одредби од законот.
Со оглед на тоа што правото на надомест на плата за времето додека работникот е отстранет од работното место или од кај работодавецот е утврдено и уредено во Законот за работните односи, во Законот за државните службеници и во Законот за служба во Армијата на Република Македонија, при оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба од Колективниот договор, Судот ги имаше предвид и соодветните одредби од овие закони.
Имено, според членот 73-а од Законот за работните односи, кој како нов е додаден со член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.25/2003), правото на надомест на плата за време додека е отстранет од работно место или од кај работодавецот работникот го остварува во висина утврдена со колективен договор, но не помал од 75% од основната плата.
Во членот 59 од Законот за државните службеници утврдено е дека додека трае суспендирањето државниот службеник има право на плата во висина од 60% од последната исплатена плата во месецот пред покренувањето на дисциплинската постапка што се утврдува со решението од член 73 на овој закон.
Во членот 178 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, за професионалните војници и воените старешини е содржано скоро идентично решение, како и во членот 59 од Законот за државните службеници.
Според член 249 од истиот закон, цивилните лица на служба во Армијата (кои што според членот 5 од Законот засноваат работен однос со Министерството за одбрана, како и воените лица: офицер, подофицер и професионален војник), имаат право на надоместоци на плата утврдени со овој закон под исти услови како и воените лица. Тоа значи дека висината на платата додека трае суспендирањето на цивилното лице на служба во Армијата, исто така, изнесува 60% од последната исплатена плата пред поведувањето на дисциплинската постапка.
Со оглед на тоа што основа за оспорувањето на членот 139 од Колективниот договор е членот 73-а од Законот за работните односи, Судот е на мислење дека подносителот на иницијативата погрешно и неосновано се повикува на овој член од Законот. Ова од причини што во конкретниот сучај правото на надомест на плата додека трае суспендирањето на работниците во Министерството за одбрана, посебно е утврдено и уредено во напред наведените членови од Законот за државните службеници и Законот за служба во Армијата на Република Македонија, кои како леџ специалис ја исклучуваат примената на членот 73-а од Законот за работните односи во овие случаи.
Според тоа, релевантни членови за оценување на законитоста на оспорената одредба од Колективниот договор, според Судот, се соодветните членови од Законот за државните службеници и Законот за служба во Армијата на Република Македонија, а не членот 73-а и другите членови од Законот за работните односи во однос на кои се оспорува нејзината законитост.
Дополнителен аргумент за ваквото мислење е и фактот што правото на плата за време на отстранување, односно суспендирање на државните службеници и воените и цивилните лица на служба во Армијата на Република Македонија кои засноваат работен однос со Министерството за одбрана, целосно е уредено со член 59 од Законот за државните службеници и член 178 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, што значи, за разлика од членот 73-а од Законот за работните односи, дека во овие членови не се остава можност ова право да се регулира и со колективен договор. Тоа е уште една причина поради која оспорената одредба од Колективниот договор не може да се разгледува во корелација не само со член 73-а , туку и со членот 86 став 1 и член 90 став 2 од Законот за работните односи, во однос на кои, исто така, се оспорува нејзината законитост.
Освен тоа, Судот утврди дека според членот 96 од Законот за државните службеници и членот 262 од Законот за служ ба во Армијата на Република Македонија, со денот на влегувањето во сила на овие закони престанува примената на одредбите од колективните договори по прашањата кои се уредени со овие закони.
Според тоа, за Судот не е спорно дека оспорената одредба од Кол ективниот договор, најпрво согласно член 96 од Законот за државните службеници, а подоцна и согласно членот 262 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, повеќе не важи и не се применува, затоа што се однесува на прашање кое целосно е уредено во наведените закони.
Оттука, со оглед на тоа што оспорената одредба, по аналогна примена на правилото на дерогација, според кое актот (нормата) со повисока правна сила го укинува актот (нормата) со пониска правна сила, престанала да постои како дел од правниот поредок на Република Македонија, Судот утврди дека во конкретниот случај постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата во смисла на членот 28 од Деловникот на Судот.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.92/2003
26 ноември 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова