9/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 13 јуни 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на изменување и дополнување на Детален урбанистички план „Стара железничка станица“ Општина Центар – Скопје („Службен гласник на Општина Центар“ бр. 15 од 22 ноември 2011 година).

2. Мирослав Грчев од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата, оспорената одлука била спротивна на член 11 став 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011), бидејќи Деталниот урбанистички план „Стара железничка станица“ Општина Центар–Скопје, материјално – содржински, според своите плански одредби и правно дејство, бил во спротивност со планските одредби кои се однесувале за истиот плански опфат односно истата територија на Генералниот урбанистички план на Град Скопје како план од повисоко ниво.

Основниот уставен принцип на уредувањето на просторот низ процесот на планирањето е меѓусебната усогла-сеност на просторните и урбанистичките планови што е уредено во членот 2 став 2 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање.

Според тоа иако усогласеноста на деталните планови е законски императив , оспорената одлука за изменување на планот е во спротивност со Генералниот урбанистички план и тоа во најважната планска одредба која се однесува на намената на земјиштето и регулацијата на најеминентниот елемент од примарната сообраќајна мрежа – магистралната сообраќајница Булеварот Македонија. Според Генералниот урбанистички план, наведениот булевар во планскиот опфат на деталниот урбанистички план “Стара железничка станица” треба да биде површинска сообраќајница со единствена сообраќајна намена. Меѓутоа, со оспорените измени се предвидува на целата површина на булеварот да се оформи градежна парцела 1.1 со услови за градење на градби со висина и до 70 метри, додека трасата на булеварот станува подземна и оди под комерцијалните објекти.

Оспорената одлука била спротивна и на член 10 став 3 и член 11 став 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, бидејќи во оспорениот детален урбанистички план се уредувала, односно се менувала примарната сообраќајна мрежа којашто според законот не можела да биде содржина на детален урбанистички план. Имено, со оспорената Одлука општина Центар ја уредува примарната сообраќајна мрежа и покрај фактот што булеварот Македонија е категоризиран како магистрална сообраќајница који припаѓа на примарната сообраќајна мрежа,а околните крстосници и булевари се собирни сообраќајници исто така од примарната мрежа.

Понатаму, според подносителот оспорената одлука била спротивна и со член 10 став 3 од Законот за Градот Скопје, во кој се утврдувала надлежноста на советот на град Скопје да донесува генерален урбанистички план и да ја уредува примарната сообраќајна мрежа.

Поради наведеното, со оспорената одлука се нарушувале владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и била спротивна на член 51 од Уставот каде било утврдено дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Поради очигледната повреда на уставноста и законитоста на оспорената одлука, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката и истата да ја поништи

3. Судот на седницата утврди дека Одлукатa за донесување на изменување и дополнување на Детален урбанистички план „Стара железничка станица“ Општина Центар – Скопје е донесена врз основа на член 15 став 1 алинеја 3 и член 26 од Статутот на Општина Центар – Скопје („Службен гласник на Општина Центар – Скопје“ бр. 1/06, член 26 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2005, 137/2007 и 91/2009, 124/2010, 8/2011 и 53/211), на 65-та седница на Советот на Општина Центар –Скопје, одржана на 18.11. 2011 година.

Според член 1 од Одлуката, со оваа одлука се донесува изменување и дополнување на Детален урбанистички план „Стара железничка станица“ Општина Центар – Скопје согласно Генералниот урбанистички план на Град Скопје (”Службен гласник на Град Скопје” бр. 08/2002), Законот за просторно и урбанистичко планирање (”Службен весник на Република Македонија” бр.51/2005, 137/2007 и 91/2009, 124/2010,18/2011 и 53/211), Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање (”Службен весник на Република Македонија” бр. 142/10 и 64/11 ) и Правилникот за поблиска содржина, размер и начин на графичка обработка на урбанистичките планови (”Службен весник на РМ” бр. 78/06).

Според членот 2 од Одлуката, границата на планскиот опфат на изменување и дополнување на Детален урбанистички план „Стара железничка станица“ Општина Центар – Скопје е прикажана во графичките прилози и дефинирана помеѓу:
– На северозапад границата оди по осовината на улицата Водњанска;
– На југозапад границата оди по осовината на улицата Железничка;
– На југоисток границата оди по осовината на новопроектираната улица Бихачка;
– На североисток границата оди по осовината на улицата Мито Хаџивасилев Јасмин.
Вкупната површина опфатена во рамките на опишаните граници изнесува 14.28 ха.

Членот 3 од Одлуката содржи Документациона основа, Планска документација, Нумерички дел, Услови за градба и Графички дел (Документациона основа и Планиран развој).

Во членот 4 од оваа одлука се дефинира што точно содржи, односно што е составен дел на Одлуката.

Според членот 5 од Одлуката, изменување и дополнување на Детален урбанистички план „Стара железничка станица“ Општина Центар – Скопје” се заверува со печат на Општина Центар-Скопје и потпис на Претседателот на Советот на Општина Центар во седум примероци од кои:
– Еден се чува во архивата на Општина Центар;
– Еден се чува во Секторот за урбанизам, комунални работи и заштита на животната средина во Општина Центар – Скопје;
– Еден се доставува до надлежниот државен архив;
– Еден се доставува до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот во електронски формат;
– Еден се доставува до Државниот завод за геодетски работи;
– Еден се доставува до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам;
– Седмиот примерок се изложува во Општина Центар-Скопје заради достапност на јавноста.

Согласно член 6 од Одлуката, Секторот за урбанизам, комунални работи и заштита на животната средина во Општина Центар во рок од 30 дена од донесување на Планот е должен да обезбеди картирање на планот на хамер или астралон. Картираните подлоги се предаваат на Државниот завод за геодетски работи на чување и користење.

Според членот 7, Одлуката за донесување на Изменување и дополнување на Детален урбанистички план „Стара железничка станица“ Општина Центар – Скопје со сите нејзини делови се чува и за нејзина реализација се грижи Секторот за урбанизам, комунални работи и заштита на животната средина во Општина Центар – Скопје.

Членот 8 од Одлуката предвидува дека оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на Општина Центар – Скопје”.

Одлуката е заверена во архивата на Општина Центар под број 07-4616/4 од 18.11 2011година и е објавена во „Службен гласник на Општина Центар“ бр. 15 од 22 ноември 2011 година.

4. Во понатамошната постапка, а врз основа на доставената документација што ја достави општина Центар е утврдено дека пред донесување на оспорената одлука согласно Законот за просторното и урбанистичкото планирање се преземени и донесени содветни претходни акти и дејствија и тоа:

Програма за дополнување на Програмата за урбано планирање “Ф” на општина Центар, во која е предвидено дека согласно член 24-а ставовите 2, 3 и 4 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање покрај другите ќе се донесе и урбанистички план за “Стара железничка станица” oд 18.03.2011 година.
Планска програма за изработка на изменување и дополнување на детален урбанистички план Стара Железничка Станица, изработена од изготвувачот на планот |”Тајфа План”-ДОО Скопје од март 2011.
Стручна ревизија на планот изготвена од “Планерис” од Куманово тех.бр.25/03/11 од март 2011 година.
Одговор на стручната ревизија , изготвен од изготвувачот на планот тех.бр 31/03/2011 од март 2011 година.
Решение за формирање на комисија која дава мислење по предлог планот формирана од градоначалникот на општината бр.08.1140/1 од 10 Март 2011 година.
Мислење од Комисијата формирана од Градона-чалникот,по повод Предлог-планот “Стара Железничка Станица”, бр.08-1300/2 од 25 март 2011 година.
Одговор на изработувачот на планот по повод стручното мислење од Комисијата бр.031/3/11.
Решение за Јавна презентација и Јавна анкета по измените на планот, донесено од градоначалникот на општината,бр 08-1422/1 од 29.03.2011 година .
Соопштение за организирање на Јавна презентација и Јавна анкета ,донесено од Градоначалникот на општината бр.08-1422/2 од 29.03.2011 година .
Соопштение за организирање на Јавна презентација и Јавна анкета по предлог-планот “Стара Железничка станица”, објавено во дневните весници “ Дневник” и “Време” на 30.03.2 011 година.
Решение за формирање на стручна комисија ,формирана од градоначалникот на општината за изготвување на Извештај од спороведената јавна презентација и јавна анкета бр. 08-1422/3 од 14.04.2011 година.
Записник од спроведената Јавна презентација и Јавна анкета по предлог-планот бр.25-1131/22 од 19.04.2011 година.
Извештај од Јавна анкета по изменување и дополнување на предлог-планот бр.25- 1131/23 од 19.04.2011 година. Во периодот на спроведувањето на јавната анкета биле доставени 26 анкетни листови за кои во извештајот се наведени причините поради кои забелешките не биле прифатени.
По спроведување на јавната анкета односно по разгледување на анкетните листови, а имајќи предвид дека предлог-планот претрпел значајни промени, Стручната комисија формирана од градоначалникот донела Заклучок бр. 25-1131/24 од 19.04 2011 година , во кој предлага да се распише повторна Јавна презентација и Јавна анкета.
Согласно членот 24 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање, Градоначалникот на општината донел Решение за повторна Јавна презентација и јавна анкета по предлог-планот Стара Железничка Станица бр.08-1422/4 од 12.08.2011 година, како и Соопштение за повторна јавна презентација и јавна анкета по предлог-планот бр.08-1422/5 од 12.08.2011 година кое било објавено во дневните весници “Дневник” и “Нова Македонија”.
Во понатамошната постапка, а по повод повторната Јавна презентација и јавна анкета биле донесени:
Решение за формирање на Комисија за изработка на Извештај од спроведената повторна Јавна презентација и јавна анкета формирана од Градоначалникот на општината, бр 08-1422/6 од 5.09.2011 година.
Записник од спроведената повторна Јавна презента-ција и Јавна анкета по предлог-планот бр.25-1131/40 од 6.09.2011 година.
Извештај од повторната Јавна презентација и Јавна анкета бр.25-1131/41 од 6.09.2011 година .Во периодот на спроведување на Јавна презентација и Јавна анкета биле доставени 5 анкетни листови од граѓани и правни лица и за истите е дадено образложение за прифаќање односно неприфаќање на забелешките.
Известување од Стручната комисија за постапување по Извештајот по спроведената повторна Јавна презентација и Јавна анкета по предлог-планот бр.25-1131/42 од 6.09.2011 година.
Позитивно мислење од градот Скопје – сектор за планирање и уредување на просторот Одделение за просторно и урбанистичко планирање бр. 13-3577/1 од 30.09.2011 година.
Мислење од министерството за култура –Управа за заштита на културното наследство бр.17-902/11 од 12.10.2011 година.
Мислење од Дирекцијата за заштита и спасување –подрачно одделение за заштита и спасување – Центар бр.10-276/6 од 6.10.2011 година.
Мислење од ЕВН – Македонија бр.276284/2 од 12.10.2011 година.
Мислење од ЈП Водовод и канализација- Скопје
Мислење од АД ГА-МА Скопје
Мислење од Министерство за животна средина и просторно планирање бр.08.-7119/2 од 14.09.2011 година.
Мислење од Дистрибуција на топлина ДООЕЛ – Скопје бр.09.2617/2 од 29.09.2011 година
Согласност од Министерството за транспорт и врски –Сектор за уредување на просторот бр.16-7731/2 од 3.11.2011 година.
Одлука за донесување Изменување и дополнување на Детален урбанистички план “Стара Железничка Станица”, општина Центар, бр 07-4616/4 од 18.11.2011 година.(графички и текстуален дел).
Решение за објавување на Одлука за донесување Изменување и дополнување на Детален урбанистички план “Стара Железничка Станица” општина Центар бр. 08-4616/5 од 21.11 2011 година.
За целосно согледување на фактичката состоја беше извршен увид во Изводот на Генералниот урбанистички план на Град Скопје (плански период 2001 – 2020) локалитет “Стара железничка Станица” во кој се дадени планските решенија со граници на опфатот, население, домување, стопанство, нестопански дејности, зеленило, спортско рекреативни центри, културно и градителско наследство, комунални објекти ,сообраќај водоснабдување, канализација, енергетика, гасификација, телекомуникации, топлотна инфраструктура и поштенски сообраќај.

Во однос на содржината на сообраќајниците кои се предмет на планирање во оспорениот план се утврдени улиците Мито Хаџивасилев Јасмин, Булеварот Водњанска, улица Железничка и улица Бихачка. Во средината на опфатот како подземна сообраќајница поминува Булеварот Македонија во должина од 1.000 метри.

Во врска со содржината на сообраќајното решение во генералниот урбанистички план на Град Скопје предвиден и утврден булеварот Македонија,при што од увидот во планираната сообраќајна мрежа на графичкиот приказ како и од обавените разговори со стручни лица прикажан е подземниот профил на булеварот Македонија

Согласно Генаралниот урбанистички план на град Скопје,по нарачка на градот Скопје, ДПИС “ЗЕБРА ПРОЕКТ” ДООЕЛ-Скопје изготвена е Сообраќајна студија за дел од трасата на булеварот Македонија бр.33/2009 од октомври 2009 година. За изготвената Студија градот Скопје –Сектор за сообраќај дал мислење дека предложените сообраќајни решенија во Студијата се во согласност Генералниот урбанистички план.

5. Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, покрај другите темелни вредности на уставниот поредок на Републиката е и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштита и унапредувањето на животната средина и на природата.

Системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесувањето на плановите, како и другите прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” 51/2005, 137/2007, 151/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011 и 53/2011).

Во членот 3 од наведениот закон е утврдено дека изработувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија и на урбанистичките планови се работи од јавен интерес.

Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во посебен дел од Законот означен и насловен со “II. Планирање на просторот”, кој ги опфаќа членовите од 7 до 48.

Согласно член 11 ставовите 1 и 2 од Законот, детален урбанистички план, за каков што се работи во конкретниот случај, се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план. Деталниот урбанистички план содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфраструктурата.

Според ставот 3 од овој член од Законот, графичките прикази на планот содржат: граница на планскиот опфат, регулациони линии, парцелација на градежното земјиште, површини за градење на градби определени со градежни линии, максимална висина на градбата изразена во метри до венец, намена на земјиштето и градбите, планско решение на секундарната сообраќајна мрежа со нивелманско решение и плански решенија на сите секундарни комунални и телекомуникациски инфраструктурни.

Според ставот 4 од овој член од Законот, текстуалниот дел од планот содржи: општи услови за изградба, развој и користење на земјиштето и градбите, посебни услови за изградба на поединечни градежни парцели, податоци за сообраќајните, комуналните и телекомуникациските инфраструктури и други параметри.

Во ставот 7 на членот 11 од Законот е предвидено дека деталниот урбанистички план како план од пониско ниво, мора да биде усогласен со генералниот урбанистички план.

Според член 17 став 1 од Законот, за изработување на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, општините и градот Скопје донесуваат годишна програма. Во годишната програма општините и градот Скопје можат да утврдат одредни планови заради економски развој на општината, да се донесат во постапка, пропишана во членот 24-а ставови 2, 3, и 4 на овој закон. Според ставот 2 од истиот член од Законот, програмата од ставот 1 на овој член општините и градот Скопје ја доставуваат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот и задолжително ја објавуваат во јавните гласила.

Согласно ставот 3 на овој член изработката на плановите од програмата од ставот 1 на овој член, се финансира од буџетот на општината и буџетот на градот Скопје.

Според одредбата од членот 22 став 1 од Законот, плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план. На нацртот на плановите, согласно членот 21 од Законот се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон, прописите донесени врз основа на овој закон и друг закон. Стручна ревизија на плановите од член 7 точка 2 на овој закон финансирани од буџетот на општината и буџетот на градот Скопје врши овластено правно лице од член 18 став 1 на овој закон, определено од градоначалникот на општината или на градот Скопје. Согласно став 5 на овој член, забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапување по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.

Во член 24-а став 2 од Законот, е утврдено дека, на предлогот на планот се врши стручна ревизија согласно членот 21 став 3 на овој закон, се спроведува стручна расправа согласно членот 23 на овој закон и се спроведува јавна презентација и јавна анкета согласно членот 24 од овој закон. Јавната анкета трае десет работни дена и се организира во рок од три работни дена по добивање на одговор на стручното мислење од страна на изготвувачот на планот.Стручната расправа се одржува во периодот на времетраењето на јавната анкета, а извештајот од стручната расправа се изработува во рок од три дена по одржаната стручна расправа .Извештајот од јавната анкета се изработува во рок од пет работни дена по завршување на јавната анкета,а по извештајот на комисијата изработувачот на планот постапува во рок од седум работни дена.

Според ставот 3 на член 24-а од законот, комисијата од членот 17 став 4 на овој закон дава стручно мислење на предлогот на планот во рок од пет работни дена по доставувањео на предлогот на планот од страна на изработувачот.

Согласно ставот 4 на наведениот член на предлогот на планот се бара согласност од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот која се издава во рок од пет дена по поднесување на барањето од страна на доносителот на планот. Предлогот на планот се донесува во рок од десет работни дена од приемот на согласноста..

Според членот 25 став 2 на овој закон на плановите од членот 7 точка 2 изработени во форма на предлог на план согласност дава органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека постапката за изработување на предлог планот е спроведена согласно со одрeдбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Според член 10 став 1 алинеа 2 од Законот за градот Скопје ( “Службен весник на Република Македонија” бр.55/2004 ) е утврдено дека градот Скопје донесува генерален урбанистички план на градот Скопје, а според точката 4 алинеите 1 и 2 од наведениот член градот Скопје е надлежен за изградба, користење и одржување на магистрални и собирни улици и други инфраструктурни објекти како и категоризација и именување на градски населби, улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти.

Согласно член 15 став 1 точка 1 алинеа 3 од Законот: “надлежности односно работи од јавен интерес од локално значење на општините во градот Скопје се . . . донесување детални урбанистички планови урбанистички проекти и урбанистички планови за населени места во општината“, а според ставот 2 на член 15 од Законот, плановите и проектите од ставот 1 точка.1 алинеа 3 од овој член општината ги донесува по претходно добиено позитивно мислење од градот Скопје и согласност од органот на државната управа надлежен за работите на уредување на просторот.

Тргнувајќи од наведените законски одредби во контекст на доставената документација и утврдената фактичка состојба, Судот оцени дека во текот на донесувањето на оспорениот Детален урбанистички план „ Стара Железничка станица “ – Општина Центар, биле испочитувани сите фази на постапката предвидени во важечкиот Закон за просторно и урбанистичко планирање како и одредбите од Законот за градот Скопје, поради што не може да се постави прашањето за неговата согласност со Уставот, Законот за просторното и урбанистичкото планирање и Законот за градот Скопје.

Во врска со конкретните наводи во иницијативата дека постои несогласност на Деталниот со Генералниот урбанистички план, односно на план од пониско ниво со план од повисоко ниво, со што се повредува член 11 став 7 од Законот, Судот оцени дека се неосновани. Ова, од причина што укажувањата во иницијативата по однос на намената на земјиштето, се однесуваат на содржината на деталниот урбанистички план, што е прашање од технички карактер и не се однесува на правните аспекти на постапката за донесување на планот. Оценката на стручно – техничките прашања и аспекти на планот излегува од границите на надлежноста на Уставниот суд, кој ја цени само постапката за донесување на урбанистичкиот план, а не и неговата содржина.

Имајќи го предвид сето претходно наведено, Судот дополнително утврди дека градот Скопје во Генералниот урбанистички план во делот на примарната сообраќајна мрежа го предвидел булеварот Македонија уште од 2002 година, а подоцна и тоа согласно планот ја одобрил Сообраќајната студија за дел од трасата на булеварот Македонија со која студија делот од булеварот во должина од 1.000 м е под земја и поминува под планираните објекти како и тоа дека на оспорениот урбанистички план е дадено позитивно мислење.

6. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Поаѓајќи од надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија утврдена во наведената уставна одредба, произлегува дека Судот нема надлежност да ја цени меѓусебната согласност на деталните урбанистички планови како планови од пониско ниво со генералниот урбанистички план, ниту да ја цени содржината на деталните урбанистички планови, како што во случајов произлегува од наводите во иницијативата.

7. Врз основа на наведеното, се одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.9/2012
13 јуни 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски