9/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 3 март 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 3 од Правилникот за начинот за остварување на правото на постојана парична помош („Службен весник на Република Македонија“ бр.146/2009), донесен од министерот за труд и социјална политика на Република Македонија.

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорениот член бил незаконит и неуставен бидејќи одредбите од Правилникот за начинот за остварување на правото на постојана парична помош не произлегувале од одредбите на членовите 57-67 од Законот за социјална заштита, и министерот за труд и социјална политика, како доносител на овој Правилник, со овој закон не бил овластен со свој акт да утврдува од кој имот и имотни права корисникот имал право на постојана парична помош и можел да се издржува, односно да дава такво толкување како што било наведено во оспорената одредба.

Подносителот на иницијативата бара да се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот член, бидејќи истиот не бил во согласност со член 1 став 1, член 8 став 1 алинеите 3, 4 и 8, член 34, член 35, член 51, член 68 став 1 алинеја 2, член 95 став 3 и член 96 од Уставот на Република Македонија, членовите 62, 67 и 189 од Законот за социјална заштита и членовите 49 став 1, 55 став 1, 56 став 1 и 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

3. Судот на седницата утврди дека според член 3 од Правилникот за начинот за остварување на правото на постојана парична помош, како имот и имотни права од кој корисникот на правото на постојана парична помош може да се издржува, се смета: друга семејна куќа или стан; куќа во градба; куќа за одмор и рекреација; деловен простор; обработливо земјиште во сопственост или под закуп или со договор за користење на земјоделско земјиште на плодоуживање, со површина поголема од 7.000м2, распоредено во 1, 2 и 3 катастарска класа и заштеди во вредност над 50.000,00 денари. Според став 2 од овој член, како имотни права се смета закупнината остварена од имотот од став 1 точките 1, 2, 3, 4 и 5.

4. Согласно член 8 став 1 али­неите 3, 4 и 8 од Уставот на Репуб­лика Македонија, владеењето на правото; поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се утврдени како темелни вредности на устав­ниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Согласно член 35 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност. Според став 2 од истиот член, Републиката им гарантира право на помош на немоќните и на неспособните за работа граѓани. Според став 3, Републиката им обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други про­писи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почи­тува Уставот и законите.
Согласно член 68 став 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.
Согласно член 95 став 3 од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Согласно член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Со членот 1 од Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/2009), како предмет на овој закон се уредува системот и организацијата на социјалната заштита, правата од социјалната заштита, финансирањето и постапката на остварување на правата од социјалната заштита.
Според член 62 од Законот, право на постојана парична помош не може да оствари лице кое: може само да се издржува, ако може да остварува приходи со продажба или со давање во закуп на имот кој тој и членовите на неговото семејство не го користат, за задоволување на минимална егзистенција; не побарало издржување од лицето кое е должно да го издржува врз основа на Законот за семејството, освен ако центарот за социјална работа утврди дека лицето кое според Законот е должно да го издржува би останало без минимум средства за егзистенција, пониски од висината на постојаната парична помош утврдена со овој закон; ако има склучен договор за доживотна издршка, а не покренало постапка за раскинување на тој договор и може да обезбеди издржување по друга основа.
Според член 67 од овој закон, Министерот со општ акт го пропишува начинот на утврдување на состојбата на приходите, имотот и имотните права и потребната документација за остварување на правото, составот и начинот на работата на стручната комисија и второстепената комисија, легитимацијата на стручните лица, начинот на водење на евиденција на издадените наоди и формата и содржината на образецот за давање на наод, оцена и мислење за неспособноста за работа.
Според членот 189 од Законот, право на парична помош од социјална заштита се остварува од денот на поднесувањето на барањето. Според став 2 од овој член, правото на парична помош од социјална заштита престанува со денот на престанокот на условите за користење на правото.
Според член 49 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000, 44/2002 и 82/2008), министерот го претставува министерството, организира и обезбедува законито и ефикасно вршење на работите и задачите; донесува прописи и други акти за кои е овластен и презема други мерки од надлежност на министерството во согласност со закон; одлучува за правата, должностите и одговорностите на државните службеници и други лица вработени во министерството кои немаат статус на државни службеници, доколку со закон поинаку не е определено.
Согласно член 55 став 1 од Законот, министерот, меѓу другото, донесува правилници за извршување на законите кога за тоа е овла­стен со закон. Според член 56 став 1 од овој закон, со правилник се утврдуваат и разработуваат одделни одредби на законите и другите прописи заради нивно извршување, а според член 61 став 1 од овој закон, со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Според член 1 од Правилникот за начинот за остварување на правото на постојана парична помош („Службен весник на Република Македонија“ бр.146/2009) се пропишува начинот на утврдување на состојбата на приходите, имотот и имотните права и потребната документација за остварување на правото на постојана парична помош, составот и начинот на работата на стручната комисија и второстепената комисија, легитимацијата на стручните лица, начинот на водење на евиденција на издадените наоди и формата и содржината на образецот за давање на наод, оценка и мислење за неспособноста за работа.

Според член 3 од овој Правилник, како имот и имотни права од кој корисникот на правото на постојана парична помош може да се издржува, се смета: друга семејна куќа или стан; куќа во градба; куќа за одмор и рекреација; деловен простор; обработливо земјиште во сопственост или под закуп или со договор за користење на земјоделско земјиште на плодоуживање, со површина поголема од 7.000м2, распоредено во 1, 2 и 3 катастарска класа и заштеди во вредност над 50.000,00 денари. Според став 2 од овој член, како имотни права се смета закупнината остварена од имотот од став 1 точките 1, 2, 3, 4 и 5 на овој член.

Тргнувајќи од изнесеното, министерот има законско овластување со подзаконски акт да ги уреди предметните прашања и начинот како тие ќе се спроведуваат. Оттука, оваа одредба сама по себе не е незаконита, ниту неуставна, таа има законски основ да операционализира законска одредба, како што е погоре наведено и во случајов не станува збор за преземање на овластување на министерот надвор од законските рамки на што се однесуваат наводите во иницијативата.

Со оглед на тоа што оспорената одредба е во согласност со цитираните одредби од Уставот на Република Македонија, Законот за социјална заштита и Законот за организација и работа на органите на државната управа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со Устав и со закон.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер–Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.9/2010
3 март 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски