9/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 март 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 21 став 3 точки 3 и 7 од Законот за техничката инспекција („Службен весник на Република Македонија“ бр. 88/2008)

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 11 став 1, член 13 став 1, член 14 став 1, член 25, член 51 и член 54 ставови 1 и 2 од Уставот, од причина што само со правосилна судска одлука можело да се утврди постоење на вина на граѓанин и да се определи казна за граѓанинот како последица за конкретно утврдената вина. Излегувањето надвор од рамките на односот казниво дело и судски изречената казна за неговиот сторител претставувало повреда на слободите и правата, правото на работа, слободен избор на вработување, достапност на секое работно место секому под еднакви услови. Со оспорените законски одредби се излегувало надвор од рамките на односот казниво дело и судски изречената казна за неговиот сторител, на тој начин што со закон и надвор од евентуално изречената судска казна се определувале и други последици за определени граѓани, со што им се ограничувале уставно утврдените слободи и права. Подносителот на иницијативата смета дека не постоело кривично дело што некого го прави неподобен за вршење на технички прегледи и периодични испитувања, ниту пак, казна забрана за вршење на дејност технички прегледи и периодични испитувања, туку постоела забрана за вршење професија, дејност или должност. При одлучувањето за основаноста на оваа иницијатива, се предлага Судот да ја има предвид одредбата од член 106 став 5 од Кривичниот законик со која изрично се забранува од граѓаните да се бараат докази за нивната осудуваност или неосудуваност. Со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на член 21 став 3 точки 3 и 7 од Законот за техничка инспекција.

3. Судот на седницата утврди дека според член 21 став 1 од Законот за техничката инспекција, за утврдување на компетентноста, правното лице е должно да спроведе постапка за акредитација во Република Македонија, согласно со прописите за акредитација. Согласно ставот 2 на овој член од Законот, по стекнувањето со сертификат за акредитација, правното лице поднесува барање за утврдување на исполнетост на условите за вршење на технички прегледи и периодични испитувања до Инспекторатот. Во барањето се наведува за која од областите од членот 5 став 1 на овој закон правното лице бара да му се издаде решение за исполнетост на условите за вршење на технички прегледи и периодични испитувања. Во ставот 3 на овој член од Законот е предвидено дека кон барањето од ставот 2 на овој член правното лице е должно да достави, меѓу другото, доказ дека правното лице не е осудено за кривично дело што го прави неподобно за вршење на техничките прегледи и периодични испитувања не постар од шест месеци; (оспорена точка 3) како и доказ дека не му е изречена забрана за вршење на дејност технички прегледи и периодични испитувања издаден од надлежен суд.

4. Според членот 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.

Според членот 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска пресуда.

Согласно членот 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Според членот 33 став 1 точка 3 од Кривичниот законик, (“Службен весник на Република Македонија”бр. 37/96, 80/99, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 60/2006, 73/2006 и 7/2008, 139/2008) забраната за вршење професија, дејност или должност е предвидена како вид на казна.

Со одредбите од општиот дел од Кривичниот законик е уредено прашањето на казнената евиденција. Според членот 106 став 1 казнената евиденција ја води првостепениот суд надлежен според местото на раѓање на осудениот.

Со одредбите од ставовите 3 и 4 од овој член од Криви-чниот законик е пропишан ограничен круг на овластени субјекти на кои можат да им се направат достапни податоците од казнената евиденција. Имено, овие податоци можат да му се дадат на судот и на јавното обвинителство во врска со кривичната постапка што се води против порано осудениот и на надлежните органи што учествуваат во постапката за давање амнестија и помилување. Податоците од казнената евиденција можат на образложено барање да им се дадат на државните органи, правни или физички лица ако уште траат определени правни последици од осудата или казни што се состојат во забрани или ако за тоа постои оправдан интерес заснован врз закон.

Согласно ставот 5 на овој член од Законот, никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност, а според ставот 6 на граѓаните по нивно барање, може да им се дадат податоци за нивната осудуваност или неосудуваност само ако овие податоци им се потребни заради остварување на нивните права во странство.

Согласно член 1 од Законот за техничката инспекција, со овој закон се уредуваат надлежноста и организацијата на Државната техничка инспекција, начинот на вршење на техничката инспекција при користење на техничката опрема и условите кои треба да ги исполнуваат независните правни лица за вршење на технички прегледи и периодични испитувања, како и начинот на пропишување на техничките прописи за техничка опрема.

Според член 3 од Законот, работите на инспекцискиот надзор на техничка опрема ги врши Државниот инспекторат за техничка инспекција (во натамошниот текст: Инспекторатот) како орган во состав на министерството надлежно за работите од областа на економијата (во натамошниот текст: министерство).

Согласно членот 4 од Законот, работите на технички прегледи и периодични испитувања на техничка опрема ги вршат независни правни лица за технички прегледи и периодични испитувања (во натамошниот текст: независно правно лице).

Според членот 5 став 1 од Законот, инспекторатот врши инспекциски надзор над примената на законите и техничките прописи при користење на техничката опрема во следниве области: опрема под притисок, лифтови, жичари, дигалки и транспортери, производи и постројки наменети за работа во експлозивна атмосфера, електроенергетски постројки, електрични производи и уреди и експлоатација на минерални суровини. Согласно ставот 2 на овој член од Законот, инспекторатот врши инспекциски надзор и над примената на законите и другите прописи при вршењето на геолошките истражувања и експлоатацијата на минералните суровини согласно со Законот за минерални суровини.

Условите што треба да ги исполнуваат независните правни лица се уредени во посебна глава од Законот со истoимен наслов. Во членот 20 од оваа Глава, технички прегледи и периодични испитувања може да врши само правно лице со седиште во Република Македонија кое е регистрирано во трговскиот регистар кој се води во Централниот регистар на Република Македонија за вршење на една или повеќе дејности од областите утврдени во членот 5 став 1 на овој закон како приоритетна и кое има добиено решение за исполнетост на условите за вршење на технички прегледи и периодични испитувања. Согласно ставот 2 на овој член од Законот, решението за исполнетост на условите за вршење на технички прегледи и периодични испитувања од ставот 1 на овој член го донесува министерот за економија.

Во член 21 став 1 од Законот, е предвидено дека за утврдување на компетентноста, правното лице е должно да спроведе постапка за акредитација во Република Македонија, согласно со прописите за акредитација. Согласно ставот 2 на овој член од Законот, по стекнувањето со сертификат за акредитација, правното лице поднесува барање за утврдување на исполнетост на условите за вршење на технички прегледи и периодични испитувања до Инспекторатот. Во барањето се наведува за која од областите од членот 5 став 1 на овој закон правното лице бара да му се издаде решение за исполнетост на условите за вршење на технички прегледи и периодични испитувања.

Кон барањето од ставот 2 на овој член правното лице е должно да достави:
1) решение за упис во трговскиот регистар;
2) доказ дека има склучено договор за осигурување од одговорност од штета од вршење на работи за технички прегледи и периодични испитувања;
3) доказ дека правното лице не е осудено за кривично дело што го прави неподобно за вршење на техничките прегледи и периодични испитувања не постар од шест месеци; (оспорена одредба)
4) доказ за позитивен бонитет, а за друштвата кои се новоосновани изјава од одговорното лице во правното лице дека во рок од шест месеци сметано од денот на издавањето на решението за вршење на технички прегледи и периодични испитувања, ќе достави доказ за позитивен бонитет;
5) сертификат за акредитација;
6) доказ за вработеност на стручниот кадар и
7) доказ дека не му е изречена забрана за вршење на дејност технички прегледи и периодични испитувања издадена од надлежен суд. (оспорена одредба).

Доколку барањето ги содржи доказите од ставот 3 на овој член, Инспекторатот го известува министерството за исполнетоста на условите на правното лице за вршење на технички прегледи и периодични испитувања, во рок од осум дена од денот на приемот на барањето (став 4).

Доколку барањето не ги содржи доказите од ставот 3 на овој член, Инспекторатот го повикува правното лице да го дополни барањето во рок од осум дена од денот на приемот на известувањето. (став 5)

Доколку правното лице не го дополни барањето со доказите од ставот 3 на овој член во утврдениот рок од ставот 4 на овој член, министерот за економија донесува решение со кое го одбива барањето на правното лице. (став 6)

Врз основа на известувањето од ставот 4 на овој член, министерот за економија во рок од осум дена од денот на приемот на известувањето донесува решение за исполнетост на условите за вршење на технички преглед и периодични испитувања на правното лице. (став 7)

Доколку решението за исполнетост на условите за вршење на технички преглед и периодични испитувањa не биде донесено во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето, се смета дека правното лице ги исполнува условите од членовите 23 до 26 на овој закон (став 8).

Доколку правното лице не ги исполнува условите за вршење на технички прегледи и периодични испитувања, министерот за економија донесува решение со кое го одбива барањето на правното лице (став 9).

Во ставот 10 на овој член од Законот е пропишано дека против решението од ставовите 6, 7 и 9 на овој член може да се поведе управен спор пред надлежен суд.

Согласно членот 22 од Законот, решение за исполнетост на условите за вршење на технички прегледи и периодични испитувања не може да се издаде на правно лице, меѓу другите случаи и ако за неговите одговорни лица е одредена забрана за вршење на дејност додека трае забраната утврдена со одлука на судот и во други случаи кога со закон е одредена забрана за вршење на дејност додека трае забраната утврдена со одлука на судот.

Подносителот на иницијативата, уставноста на наведените две одредби ја оспорува од причина што смета дека со нив се излегувало надвор од рамките на односот казниво дело и судски изречената казна и се определувале и други последици за определени граѓани, со што им се ограничувале уставно утврдените слободи и права. Судот оцени дека од овој аспект не би можела да се оценува согласноста на оспорените одредби со Уставот, од причина што со нив не се пропишуваат правни последици од осудата, туку дека станува збор за одредба со која се пропишува обврска за доставување на доказ за осудуваност односно неосудуваност. Имено, од содржината на наведените член 11 став 1 и член 25 од Уставот, произлегува дека истите ја истакнуваат вредноста и неприкосновеноста на човечката личност како основа и смисла на гарантирањето на човековите права. Човечкото достоинство, во таа смисла, не е само едно од субјективните човекови права што изречно се препознава во член 25 од Уставот, туку и темелна вредност на демократското општество што ужива универзална заштита.

Почитувањето на моралниот интегритет и достоинството на граѓанинот во себе ја инкорпорира и улогата на државата која треба да гарантира заштита на интегритетот и достоинството на начин со кој ќе обезбеди заштита во случај кога овие вредности се загрозени од друг, но и со избегнување на поединецот да му се наметнуваат правни обврски кои во постапките пред државните органи можат службено да се проверат. Ова според оценката на Судот, се однесува подеднакво и на физичките и на правните лица како субјекти на правото и чиј деловен углед и интегритет треба, исто така, да уживаат заштита.

Тргнувајќи од содржината на оспорените законски одредби од Законот за техничката инспекција, произлегува дека со нив се предвидува независните правни лица за вршење на технички прегледи и периодични испитувања да можат да добијат решение дека ги исполнуваат условите за вршење на овие дејности доколку кон барањето, меѓу другите документи, достават и доказ дека правното лице не е осудено за кривично дело што го прави неподобно за вршење на технички прегледи и периодични испитувања не постар од шест месеци, како и доказ дека не му е изречена забрана за вршење на дејност технички прегледи и периодични испитувања издадена од надлежен суд.

Во конкретниот случај, барањето доказ од правното лице дека тоа не е осудено за кривично дело што го прави неподобно за вршење на технички прегледи и периодични испитувања, како и доказ дека не му е изречена забрана за вршење на дејност технички прегледи и периодични испитувања неизбежно се сведува на барање изјава за неговата осудуваност или неосудуваност, со оглед на тоа што забраната за вршење на дејност е споредна казна што се изрекува како дел од осудителната пресуда. Иако овие докази не се бараат во кривично-правен контекст и немаат самообвинувачки квалитет, самата обврска за нивното соопштување има ефект врз репутацијата на правното лице, што е проблематично од аспект на презумпцијата на невиност на која се надоврзува забраната да се бараат докази за осудуваност, односно неосудуваност.

За Судот, притоа не е спорно дека забраната за вршење на дејност изречена со една осудителна пресуда мора да биде ефективна, односно дека не може да се дозволи лицето под таква забрана да ја врши таа дејност се додека таа забрана трае. Меѓутоа, утврдувањето на тој факт не може да биде обврска на лицето за кое што станува збор, туку на надлежниот орган (Инспекторатот за техничка инспекција и министерот за економија) што одлучува дали правното лице ги исполнува условите за вршење на технички прегледи и периодични испитувања и којшто за утврдување на таа законска обврска ја има на располагање службената казнена евиденција, како инструмент за правилно применување на законот.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од член 21 став 3 точки 3 и 7 од Законот за техничката инспекција со одредбите од член член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 11 став 1 и член 25 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова – Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 9/2009
18 март 2009
Скопје
тјт

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски