9/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 февруари 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката бр.02-478 од 10.09.1993 год., со која Работната единица “Земјоделие и овоштарство” од с.Согле се укинува и целокупниот нејзин имот се преотстапува на АК “Лозар” од Велес, донесена од Собранието на АД “Југотутун -Нада Бутникошарева” – Велес.

2. Галевски Раде, Здравковски Ангел, Стошиќ Александар и др., на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 на ова решение, од причини што истата не била во согласност со Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал (“Службен весник на РМ” бр.38/93), како и со чл.30 од Уставот на Република Македонија.

Според подносителите на иницијативата, оваа одлука е незаконита и недопуштена од причини што трансформација не можела да се врши кај претпријатијата и другите правни лица кои стопанисуваат со води, шуми, земјишта и други јавни добра. Одлуката била неуставна од аспект на сопственоста која неможела да се одземе, ниту да се ограничат правата кои произлегуваат од неа, бидејќи во конкретниот случај не постоел јавен интерес утврден со закон.

Врз основа на оспорената одлука, подоцна Управниот одбор на АД “Југотутун – Нада Бутникошарева” од Велес донел одлуки со кои е утврден престанокот на потребата од работа на одделни работници кои биле испратени на присилна работа во АК “Лозар”, со што им била извршена дискриминација по основ на социјална припадност.

3. Судот на седницата утврди дека одлуката означена во точката 1 од ова решение не претставува пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, туку е акт со кој се уредуват статусно-правни прашања на едно претпријатие, поради што оцени дека не е надлежен да одлучува за нејзината согласност со Уставот и законите.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.9/99
10 февруари 1999 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков