91/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 28 октомври 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставно-ста на членот 35 став 3 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2002, 98/2002, 25/2003, 71/2003, 108/2005-пречистен текст, 112/2005, 134/2007 и 6/2009).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 35 став 4, членот 259 и членот 259-а од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје и Драги Ефтимов од Свети Николе на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на членот 35 ставови 3 и 4, членот 259 и членот 259-а од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата Стамен Филипов, оспорените одредби не биле во согласност со член 1 став 1, член 8 став1 алинеи 1, 3 и 8, член 9, член 32 ставови 1 и 2, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија, затоа што со нив се ограничувало правото на работа и тоа само на професионалните војници до навршување на 38 години, а при тоа без право на пензија или сигурно и сродно вработување во цивилниот сектор што било спротивно на одредбите од членот 54 од Уставот, според кој слободите и правата на граѓаните можеле да се ограничат само во случаите утврдени со Уставот, а не со закон, како што бил случајот. При тоа требало да се има предвид дека голем број на професи-онални војници кои биле на служба во Армијата на Република Маке-донија организирано учествувале во одбраната на независноста, територијалниот интегритет и суверените на Републиката и во спречу-вање на насилно уривање на демократските институции утврдени со Уставот.

Подносителот на иницијативата потоа посочува на членот 2 и членот 10 став 1 од Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.2/2002) како и на содржината на второна-ведената одредба, според која државните органи, единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија и јавните установи се должни при вработувањето под еднакви услови да дадат предност на невработен припадник на безбедносните сили. Меѓутоа, со оспоре-ните одредби вработените припадници на тие безбедносни сили, односно добро обучени професионални војници се терале од работа од Армијата, односно од Министерството за одбрана, што не било во ред.

Подносителот на иницијативата, исто така, наведува дека професионалните војници во текот на траењето на службата биле упатувани на стручно оспособување и усовршување во Републиката и во странство, завршиле курсеви и обука, учествувале во мисии, мировни, хуманитарни операции и вежбовни активности, заради што и натаму требало да ги практицираат тие знаења и вештини во Армијата, па не требало да се отпуштаат, односно да им престанува работниот однос, како што било предвидено со оспорените одредби.

Подносителот на иницијативата, понатаму предлага да се има предвид членот 46 став 1 и 3 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005 и 106/2008) и наведува дека професионалните војници со оспорените одредби не биле еднакво или пак приближно еднакво третирани со старешините и цивилните лица во Армијата на Република Македонија и со останатите вработени лица во државата со што не биле еднакви пред Уставот и законите, на кој начин се повредувале наведените уставни одредби на нивна штета. Заради тоа, подносителот на иницијативата прашува: -Каде била нивната правна и социјална сигурност како елемент на владеењето на правото, после 38 години живот, кога ќе немале можност за сродно вработување како што го работеле во Армијата, ниту пак право на пензија?

Врз основа на сето наведено подносителот на иниција-тивата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби, а потоа истите и да ги поништи. Воедно, бара Судот да донесе решение за запирање на извршу-вањето на поединечните акти и дејствија донесени врз основа на оспорените одредби, заради можноста од настанување на тешко отстранливи последици, особено за професионалните војници на кои веќе им истекувал оспорениот законски рок.

Според подносителот на иницијативата Драги Ефтимов, оспорените одредби биле во спротивност со членовите 1, 8, 9, 32, 51 и 54 од Уставот. Ова од причина што, досегашните законски норми во Република Македонија во никој случај не предвидувале ограничување на годините за останатите граѓани, во случајов возраста на професионалниот војник, кој согласно оспорените одредби веднаш по навршувањето на 38 години возраст немал право да биде профе-сионален војник, нешто што било недопустиво и чудно, ако се имало во вид дека за старешините, поточно офицерите во Армијата и другите лица вработени во Армијата ова „право“ за возраста од 38 години, не важело и не се применувало.

Повеќе од јасно било дека професионалните војници служеле во Армијата во време на конфликтот 2001 година, како и во разни мисии во странство (Ирак, Авганистан, Босна), па оттука, апсурдно било професионален војник кој успешно учествувал во тие мисии и имал 37 години и 10 месеци возраст, потоа да може да работи само два месеци, што претставувало своевиден парадокс. Исто така, произлегувало дека професионалниот војник кој имал помалку од 38 години возраст, бил добар, а потоа, со наполнувањето на 38 години веќе не чинел и не можел да ги извршува поставените задачи, кое нешто било недозволиво и незамисливо.

Недозволиво било и тоа професионалните војници да се стават во подредена положба и за нив да важат едни и со закон да се наметнат построги услови за работа, а додека за офицерите во Армијата да важат сосема други услови за работа кои биле секако подобри и тие да можеле да остварат право на пензија и други привилегии, а за професионалните војници да не важат тие права и да бидат ограничени.

Понатаму, се наведува дека Уставот ја гарантирал слободата на работа во повеќе правци и тоа на секој граѓанин под еднакви услови му било достапно секое работно место. Но во конкретниов случај, не било така од причина што на професионалните војници со закон им било ограничено правото на работа по одредена возраст. Повеќе од јасно било дека за офицерите и за другите лица вработени во Армијата важеле едни услови со право на пензио-нирање по навршувањето на одредени години стаж, додека пак за професионалните војници не важеле овие законски одредби. Од сето тоа можело да се заклучи дека професионалниот војник по навршу-вањето 38 години возраст ќе останел без статус во општеството и ќе бил оставен без вработување и егзистенција со што се доведувал во прашање нивниот статус во општеството како граѓани и неможноста да работат и да се вработат, со што се доведувало во прашање нивната социјална сигурност како клучен елемент на економските и социјалните права, бидејќи професионалниот војник и по 12 години и повеќе поминати во Армијата немал никакво право и не можел да се стекне, ниту пак да здобие никакво право од работа, што не било случај со офицерите и другите вработени во Армијата.

Дека одредбите од Законот не биле во согласност со Уставот било повеќе од јасно, од причина што професионалните војници биле единствени во Република Македонија на кои правото на работа со закон им било ограничено и за нив не важеле истите одредби кои важеле за сите вработени во Армијата и сите други граѓани вработени во Република Македонија.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да ги поништи како неуставни оспорените одредби. Воедно, се бара Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени врз основа на оспорените одредби, заради можноста од настанување на тешко отстранливи последици, особено за професионалните војници на кои веќе им истекувал договорот или пак ја достигнувале возраста од 38 години со што автоматски би им престанал работниот однос.

4. Судот на седницата утврди дека, според содржината на членот 35 став 1 од Законот, со професионалните војници на служба во Армијата, Министерството за одбрана склучува договор за работа.

Со договорот за работа од став 1 на овој член се утврдува денот на стапување на должноста, времетраењето на службата, правата, обврските и одговорностите во службата, престанокот на службата, обврска за надоместок на стварните трошоци за сместу-вање, исхрана, облека и обука направени за време на траење на службата доколку работниот однос престане по барање или по вина на професионалниот војник пред истекот на рокот за кој е склучен договорот и другите права и обврски (став 2).

Договорот за работа со професионалните војници се склучува за времетраење од три години (оспорениот став 3).

Во зависност од покажаните резултати и потребите на соодветниот род, односно служба, договорот за работа со професи-оналните војници може да се продолжи најмногу уште три пати (оспорениот став 4).

Според оспорениот член 259 од Законот, професио-налните војници кои на денот на влегување во сила на овој закон имале склучено договор за работа, со Министерството за одбрана, продолжуваат со службата до истекот на договорот, со можност договорот да им биде продолжен најмногу уште за три пати по три години, доколку не се постари од 35 години.

Според оспорениот член 259-а од Законот, професи-оналните војници кои пред денот на влегувањето во сила на овој закон (14 ноември 2007) имаат склучено договор за работа со Мини-стерството за одбрана, продолжуваат со службата до истекот на договорот, со можност за нивно продолжување до навршување на 38 години.

5. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Репу-блика Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иници-јативата ако за истата работа одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со Решение У.бр.251/2007 од 2 јули 2007 година, Судот, по повод иницијатива на Васко Лазески од Кичево, меѓу другото, не повел постапка за оценување на уставноста на член 35 став 4 во делот: „најмногу уште три пати“, член 259 и член 259-а од Законот за служба во Армијата на Република Македонија (Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2002, 98/2002, 25/2003, 71/2003, 112/2005 и 134/2007).

Во постапката по предметот У.бр.251/2007 Судот тргну-вајќи од содржината на член 8 став 1 алинеи 3 и 8, член 9, член 32 став 5, член 34 и член 51 од Уставот, утврдил дека правата на вработените и нивната положба, како и правата од пензиското и инвалидското осигурување, како дел од социјалното осигурување, се уредуваат со закон и со колективни договори, како и тоа дека врз основа на наведените уставни одредби се донесени Законот за работните односи, Законот за пензиското и инвалидското осигур-ување, Законот за одбрана, Законот за служба во Армијата на Репу-блика Македонија и други закони од овие сфери.

Од анализата на одредбите од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, Судот утврдил дека овој закон ги уредува статусот, правата, должностите и одговорностите на лицата на служба во Армијата на Република Македонија, како и системот на плати и надоместоци на плати и други прашања во врска со службата во Армијата. Потоа, Судот утврдил дека служба во Армијата вршат воени и цивилни лица, како и тоа дека воени лица во смисла на овој закон, покрај останатите, се и воените старешини-офицери и подофи-цери, на кои се однесувале и оспорените одредби од Законот, а додека цивилни лица се лицата на служба во Армијата поставени на должности согласно со актот за формација на Армијата.

Врз основа на наведеното Судот заклучил дека според Законот за служба во Армијата на Република Македонија, офицерите, подофицерите и професионалните војници на служба во Армијата на Република Македонија имаат различни по вид и обем права, должности и одговорности што значи дека тие согласно овој закон не се во еднаква, туку напротив се во различна правна положба.

Судот, од анализата на повеќе одредби од истиот закон, меѓу кои, член 25, член 26, член 27, член 28, член 30 и сега повторно оспорениот член 34 став 4 ги разгледал предвидените општи и посебни услови за прием на служба во Армијата на Република Македонија за офицери, подофицери и професионални војници и утврдил дека истите не се ставени во иста правна положба, од каде не нашол повреда на принципот на еднаквост. Ова поради неспо-рното право на законодавецот во рамките на утврдувањето на правата, одговорностите и должностите на лицата во Армијата да утврдува и различни права како што е случајот и со оспорената одредба од член 35 став 4 од Законот, според која во зависност од покажаните резултати и потребите на соодветниот род, односно служба, договорот за работа за професионалните војници може да се продолжи најмногу уште три пати, без притоа да се смета дека со оспорениата одредба е повреден принципот на еднаквост. Според Судот, за повреда на овој принцип може да стане збор само кога се во прашање исти права и обврски за граѓани, што не е случај со офицерите, подофицерите и професионалните војници, меѓу кои не може да се стави знак на еднаквост во однос на остварувањето на правата по било кој основ, па ниту по основ на времетраењето на работниот однос. Оттаму, Судот ги оценил како неосновани наводите во иницијативата дека со членот 35 став 4 од Законот се повредува начелото на еднаквост на граѓаните утврдено во членот 9 од Уставот.

По однос на повикувањето на подносителот на иниција-тивата во членот 46 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија„ бр.62/2005) според кој договор за вработување може да склучи на определено време за вршење на работи кои по својата природа траат определено време, со прекин или без прекин до четири години и дека по овој рок работниот однос согласно ставот 2 на членот 46 од овој закон се трансформира на неопределено време, Судот укажал на фактот дека за прием на воени лица на служба во армијата важи Законот за служба во Армијата на Република Македонија како „lex specijalis„ според кој на специфичен, јасен и прецизен начин се уредуваат приемот на лица на служба во Армијата, како и престанокот на нивниот работен однос.

Во однос на сега повторно оспорените членови 259 и 259-а од Законот Судот во постапката по предметот утврдил дека професионалните војници кои на денот на влегување во сила на овој закон имале склучено договор за работа со Министерството за одбрана, продолжуваат со службата до истекот на договорот, односно имаат можност договорот да им биде продолжен најмногу уште за три пати по три години, доколку не се постари од 35 години, како и тоа дека членот 259-а од Законот дава можност за продолжување на договорот за работа до навршување на 38 години.

Според Судот една од причините ова прашање да се уреди на начин како што е уредено со оспорениот член 259-а, била што професионалните војници на служба во Армијата на Република Македонија, во текот на траењето на службата биле упатувани на стручно оспособување и усовршување во Републиката и во странство и завршиле курсеви и обука кои натаму треба да ги практицираат во Армијата, како и тоа дека тие вршат посебен вид работи и задачи кои поради спецификата на воената служба, кои се сосема различни со работите и задачите на најголем дел на вработените лица во Република Македонија. Оттаму, произлегла оправданоста продолжу-вање на службата до истекот на договорот, односно до навршување на 38 години.

Како причини за продолжување на службата до навршу-вање на 38 годишна возраст Судот ги имал предвид и стратешките определби и цели за натамошно преструктуирање на Армијата на Република Македонија во правец на целосна професионализација во мала, мобилна, ефикасна, добро обучена, високо професионална, мотивирана и дисциплинирана сила способна да се справи со зака-ните по безбедноста на државата и истовремено да одговори на потребата за учество во мисии, мировни и хуманитарни операции, вежбовни активности и слично, како и потребата од обучени профе-сионални војници за служба во Армијата, која е евидентна.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оценил дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените членови 259 и 259-а од Законот со Уставот на Република Македонија.

Врз основа на изнесеното произлегува дека Судот во постапката по предметот У.бр.251/2007 се произнел за поголем број идентични наводи како во предметните иницијативи.

По однос на наводот дека оспорените одредби го ограни-чувале правото на работа, бидејќи не го гарантирале правото на пензија и правото на сигурно и сродно вработување во цивилниот сектор, со што воедно, спротивно на членот 54 од Уставот се правело огранучивање на правата и слободите со закон, а не со Устав, најна-пред се направи анализа на членот 35 од Законот во кој е уреден договорот за работа што се склучува помеѓу Министерството за работа и професионалниот војник.

Во наведената одредба е предвидено дека, со професи-оналните војници на служба во Армијата, Министерството за одбрана склучува договор за работа (став 1). Со договорот за работа од став 1 на овој член се утврдува денот на стапување на должноста, времетраењето на службата, правата, обврските и одговорностите во службата, престанокот на службата, обврска за надоместок на стварните трошоци за сместување, исхрана, облека и обука напра-вени за време на траење на службата доколку работниот однос престане по барање или по вина на професионалниот војник пред истекот на рокот за кој е склучен договорот и другите права и обврски (став 2). Договорот за работа со професионалните војници се склучува за времетраење од три години (став 3). Во зависност од покажаните резултати и потребите на соодветниот род, односно служба, договорот за работа со професионалните војници може да се продолжи најмногу уште три пати (став 4). Договорот за работа со професионалните војници го склучува министерот за одбрана или од него овластено лице (став 5).

Тргнувајќи од содржината на наведената одредба, а имајќи предвид дека договорот за работа е правна категорија уредена и во членот 46 од Законот за работните односи, произлегува дека во овој случај нема ограничување на слободите и правата спротивно на членот 54 од Уставот, туку во прашање се специфични услови за склучување и исполнување на договорот за работа, кој целосно се уредува со закон и колективен договор, согласно член 32 од Уставот. Тука треба да се има предвид и тоа што договорот за работа на професионалните војници, според законската одредба, ги содржи сите потребни елементи поврзани со самата служба, вклучувајќи го и нејзиното времетраење, кои пак елементи им се познати на договорните страни при склучувањето на договорот. Во него не се гарантира право на пензија или пак сигурно ново вработување во цивилна служба по истекот на времетраењето на договорот, ниту се утврдува можноста за продолжување на договорот за нови три години, заклучно до 38 годишна возраст на професионалниот војник, Според законската одредба можноста за продолжување на договорот за нови три години е во зависност од покажаните резултати на самиот професионален војник и секако потребите на соодветниот род, односно служба.

Според тоа не може да се прифати како основан наводот за ограничување на правата спротивно на членот 54 од Уставот, туку во прашање се права од пензиското и инвалидското осигурување, како дел од социјалното осигурување уредени со закон и соодветен колективен договор за кои се склучува специфичен договор за вработување на определено време, под целосно познати услови, за вршење на работи кои по својата природа траат до навршување на 38 годишна возраст, заради спецификите на вршење на оваа служба во Армијата на Република Македонија.

По однос на прашањето, пак, дали на професионалните војници по престанокот на договорот за работа ќе им се даде предност при ново вработување, според членовите 2 и 10 став 1 од Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија, Судот оцени дека е прашање што навле-гува во практичната, конкретна примена на наведениот закон и не може да доведе до активирање на механизмот на уставно-судска оцена.

Врз основа на изнесеното, произлегува дека во постапката по предметот У.бр.251/2007 Судот дал одговор на сите прашања што се покренуваат со предметните иницијативи, а оста-натите прашања што се покренуваат со нив според својот карактер не би можеле да доведат до утврдување на поинаква фактичка и правна состојба од веќе утврдената и не се од значење за донесување на поинаква одлука.

Имајќи предвид дека членот 35 став 3 од Законот за првпат се оспорува во оваа постапка, односно дека не бил предмет на уставно-судска оцена од страна на овој Суд, но и тоа дека тој не може да се гледа одвоено од оспорените одредби, туку во корелација со оспорените одредби кои биле предмет на оцена пред Уставниот суд и други одредби од Законот, Судот оцени дека не постојат основи за изразување на сомнение за неговата несогласност со Уставот од изнесени причини. Според тоа, не се исполнети и условите за донесување на решение согласно членот 27 од Деловникот на Судот.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 35 став 3 од Законот со одредбите од Уставот, како и тоа дека иницијативата по однос на оспорените членови 35 став 4, 259 и 259-а од Законот треба да се отфрли.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов. Решението под точката 1 Судот го донесе со мнозинство гласови.

У.бр.91/2009
У.бр.113/2009
28 октомври 2009 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски