91/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 27 декември 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на дел од Деталниот урбанистички план на град Струмица – Блок бр.20 во делот на Планот на улиците “Васил Сурчев” и ” Братство-Единство” – Струмица, донесена од Советот на општина Струмица на седницата од 10 декември 1999 година.
2. Снежана и Митко Стојчеви и други од Струмица, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение затоа што била донесена во постапка спротивна на Законот за просторното и урбанистичко планирање и што, при нејзиното донесување, не биле запазени стандардите и нормативите за просторното и урбанистичкото планирање.
3. Судот на седницата утврди дека членот 1 од Одлуката предвидува да се врши изменување и дополнување на дел од Деталниот урбанистички план на град Струмица – блок бр.20 во делот на Планот на улиците “Васил Сурчев” и ” Братство-Единство” на КП.бр.1625, 1616, 1667, 1669, 1610 и 1619 во висина од 21 метар.
Според членот 2 од Одлуката, нејзин составен дел е елаборатот изработен од заводот за урбанизам – Скопје.
Согласно членот 3 од Одлуката, корисниците на времените објекти што се лоцирани на локацијата на која се врши горе наведената измена и дополнување, имаат приоритет, под еднакви услови, при продажба на деловниот простор во објектот што ќе се гради.
Членот 4 од Одлуката предвидува истата да влезе во сила осмиот ден од денот на нејзиното објавување во “Службен гласник на општина Струмица”.
4. Согласно член 17 став 1 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање, деталните урбанистички планови се изработуваат како нацрт и предлог на план.
Согласно ставот 3 на овој член од Законот, по нацртот на деталниот урбанистички план се спроведува јавна анкета.
Стручната расправа и јавната анкета по деталниот урбанистички план, согласно став 5 на член 17 од Законот ги организира општината односно градот Скопје.
Согласно член 18 став 1 од Законот, јавната анкета за деталниот урбанистички план, се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 15 дена, во кој рок заинтерисираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје, опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки, на анкетни листови до организаторот на анкетата.
Според ставот 2 на овој член од Законот, за времето и местото каде ќе биде изложен планот, задолжително се објавува соопштение во јавните гласила.
Извештај за стручната расправа и јавната анкета за деталните урбанистички планови, со образложение за неприфатените забелешки, изработува општината, односно градот Скопје.
По нацрт на деталниот урбанистички план, согласно член 19 став 1 и став 2 од Законот, пред организирање на стручна расправа и јавна анкета, се врши стручна ревизија од страна на стручно научна институција или комисија што ја определува министерот надлежен за работите на урбанизмот.
Во членот 22 став 6 од Законот, меѓу другото, е предвидено дека деталните урбанистички планови можат да се спроведуваат по издавање на согласност од Министерството надлежно за работите на урбнаизмот.
Согласно ставот 7 на членот 22 од Законот плановите за кои не е издадена согласност, се сметаат дека не се донесени.
Како што се гледа од наведените законски одредби деталните урбанистички планови се изработуваат во фаза на нацрт и предлог по кој пред организирање на стручната расправа и јавната анкета, се врши стучна ревизија. Стручната рассправа и јавната анкета ја оргнизира општината. Притоа, јавната анкета се спроведува со излагање на планот на јавно место (најмалку 15 дена) кога заинтересираните граѓани преку анкетни листови даваат свои забелешки. Соопштението за јавната анкета се објавува во јавните гласила. Извештај за неприфатените забелешки дава општината, односно градот Скопје, а нивното спроведување е условено со согласност од Министерството надлежно за урбанизам.
Во конкретниов случај, донесувањето на Одлуката за изменување и дополнување на дел од осспорениот детален урбанистички план, се одвивало во следната постапка:
– донесена е Одлука за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план на град Струмица – Блок бр.20 во делот на Планот на улиците “Васил Сурчев” и “Братство-Единство” со број 07-801/1 од 10 декември 2000 година;
– Предлог-п ланот е изготвен од ЗУАС-Скопје со техн.бр.845/99 од октомври 1999 година;
– Извршена е Ревизија на Нацрт-планот од страна на ИН-ПУМА Скопје дел.бр.24/2000 од јули 1999 година;
– Советот на општината издал соопштение за спроведување на јавна анкета под бр.31/533/1 од 16 август 1999 година;
– Спроведена е јавна анкета – Извештај бр.31-533/1 од 3 септември 1999 година;
– Дадено е известување за постапување по извештајот за спроведување на јавната анкета под бр.31-533/2 од 6 септември 1999 година.
Врз основа на оваа документација и претходни дејствија, Министерството за урбанизам и градежништво дали согласност за спроведување на измена и дополнување на Деталниот урбанистички план на град Струмица – Блок бр.20 со констатација дека истиот е изграден во согласност со Законот за просторното и урбанистичко планирање и подзаконските акти.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот сметаа дека постапката при донесувањето на оспорената одлука за измена на Деталниот урбанистички план е спроведена согласно одредбите од Законот за просторното и урбанистичкото планирање, поради што не може да се постави прашањето за нејзината законитост од овој аспект.
Што се однесува до наводите во иницијативата дека со Планот не биле запазени стандардите и нормативите за просторно и урбанистичко планирање, Судот оцени дека согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, тоа прашање излегува од доменот на неговата надлежност.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Су дот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Милан Недков, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.91/2000)