90/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 21 септември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 33 став 1 од Законот за измена и дополнување на Зaконот за катастар на недвижности („Службен весник на РМ“ бр.40/2008,158/2010,17/2011 и 51/2011).

2. Милан Аџиевски од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точкaта 1 на ова решение.

3. Според подносителот на иницијативата оспорената одредба на членот 33 став 1 од Законот за измена и дополнување на Законот за катастар на недвижности ја наведува неговата неусогласеност со член 51 став 1 и неговата директна спротивност со одредбата од членот 52 став 4 од Уставот во која бил утврден базичниот уставен принцип дека законите и другите прописи не можеле да имаат повратно дејство, освен по исклучок, кога тоа било поповолно за граѓаните.

Во оспорениот член 33 од овој закон според подносителот на иницијативата законодавецот утврдил решение со кој тој базичен уставен принцип бил укинат и при решавањето на предметите за запишување на правата на недвижностите за спроведување промени во катастарот на недвижностите, кое било започнато пред денот на влегувањето во сила на Законот за катастар на недвижности („Службен весник на РМ“ бр. 40/2008), а по кои се постапувало од страна на Агенцијата и второстепената комисија, односно Управниот суд, ќе продолжело во согласност со одредбите на овој Закон и Законот за катастар на недвижности („Службен весник на РМ“ бр. 40/2008).

Подносителот на иницијативата смета дека доколку се дозволи ваквата одредба да остане во сила, тогаш граѓаните кои имале предмети пред катастарот започнати за работа од пред 10, 15 или 20 години, односно чие решавање почнало пред примената на оваа неуставна законска одредба, ќе биле ставени во нерамноправна уставна позиција пред Агенцијата за катастар, а со тоа директно ќе се нарушела примената на одредбата од членот 52 став 4 на Уставот.

Исто така подносителот на иницијативата наведува дека втората уставна неусогласеност на оваа законска одредба лежела во фактот што била во директна спротивност со членот 206 од основниот Закон за катастар на недвижности („Службен весник на РМ“ бр. 40/2008), кој со донесените измени и дополнувања од 2010 година воопшто не бил засегнат и бил во полноправна сила. Подносителот на иницијативата во продолжение го цитира членот од Законот во смисла дека решавањето на предметите за запишување на правата на недвижностите; за спроведување на промени во катастарот на недвижности; за издавање на податоци од премерот и катастарот на недвижностите и за заверка на геодетски елаборати за извршени геодетски работи за посебни намени кое било започнато пред денот на влегувањето во сила на овој закон, ќе продолжело во согласност со одредбите на овој закон, освен за предметите по кои се постапувало од страна на надлежната второстепена комисија, односно надлежниот суд, за кои решавањето ќе продолжело во согласност со одредбите на Законот за премер, катастар и запишување направата на недвижностите („Службен весник на РМ“ бр. 27/86, 17/91, 84/2005, 109/2009 и 70/2006).“

Подносителот на иницијативата понатаму наведува дека поради горе наведеното се доаѓало до ситуација две одредби од еден ист закон, што третирале истоветна материја биле спротивни сами на себе, а тоа овозможувало недозволив волунтаризам во неговата практична примена. Како доказ за ова, на судот му достави копие од Упатството на Комисијата на Владата на Република Македонија бр. 3303-сл за решавање на управни работи во втор степен од областа на премерот, катастарот и запишување на правата на недвижностите, со што практично сакал да докаже дека правниот волунтаризам се применувал во практиката. Подносителот на иницијативата смета дека при ваква состојба повеќе од јасно било дека бил повреден темелниот уставен принцип за владеењето на правото од член 8 точка 3 од Уставот и констатира дека од погоре наведеното произлегувало дека оваа состојба била нелогична, правно недозволена, а од уставен аспект ништлива, поради што на Уставниот суд му предложи да го поништи оспорениот член.

4.Судот на седница утврди дека во оспорениот член 33 од Законот решавањето на предметите за запишување на правото на недвижностите и за спроведување на промени на катастарот на недвижностите започнато пред денот на влегување во сила на Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2008), а по кои се постапува од страна на Агенцијата и второстепената комисија, односно Управен суд, ќе продолжи во согласност со одредбите на овој закон (се мисли на измените) и Законот за катастар на недвижности. („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2008).

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Согласно член 1 од Законот за катастар на недвижности се уредуваат основните геодетски работи, премерот на недвижности во функција на катастарот на недвижностите, воспоставување и одржувањето на катастарот на недвижностите и други прашања.

Според член 2 точка 2 од Законот, катастар на недвижности е јавна книга во која се врши запишување на правото на сопственост и на другите стварни права на недвижностите, на податоци на недвижности како и на други права и факти чие запишување е утврдено со закон.

Согласно член 3 од наведениот закон воспоставувањето и одржувањето на катастарот на недвижности управување со геодетско-катастарскиот информационен систем, како и воспоставувањето, одржувањето и јавниот пристап до Националната инфрастрктура на просторни податоци се работи од јавен интерес.

Во Главата XVIII „Преодни и завршни одредби“ е поместен оспорениот член 206 од Законот со кој се уредува прашањето дека запишувањето на правата на недвижностите спроведувањето на промени, издавањето на податоци од премерот и катастарот на недвижности и заверка на геодетски елаборати кои започнале пред денот на влегување во сила на овој закон, ќе продолжи во согласност со овој закон, освен за предметите по кои се постапува од страна на надлежна второстепена комисија или надлежен суд решавањето ќе продолжи согласно одредбите од претходниот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/1096, 17/1991, 84/2005, 109/2005 и 70/2006).
Во член 224, пак, од Законот е предвидено дека овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

Во оспорениот член 33 од Законот за изменување и дополнување на Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр.158/2010) е предвидено дека: „Решавањето на предметите за запишување на правото на недвижностите и за спроведување на промени на катастарот на недвижностите започнато пред денот на влегување во сила на Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2008), а по кои се постапува од страна на Агенцијата и второстепена комисија, односно Управен суд, ќе продолжи во согласност со одредбите на овој закон (се мисли на измените) и Законот за катастар на недвижности.

6. Од анализата на наведените уставни и законски одредби, а во корелација со наводите содржани во иницијативата, Судот констатира дека со оспорениот член од Законот не е пропишана ретроактивна примена на Законот од кои причини и не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со оспорениот член се повредува принципот на владеење на правото правната сигурност на граѓаните како елемент на владеењето на правото и принципот на забрана на повратно дејство на законите. Исто така, Судот оцени дека се неосновани наводите во иницијативата дека член 33 став 1 не е во согласност со член 51 став 1 и дека истиот е во директна спротивност со одредбата од член 52 став 4 од Уставот во која бил утврден базичниот уставен принцип дека законите и другите прописи не можеле да имаат повратно дејство, освен по исклучок, кога тоа било поповолно за граѓаните.

Имено, Судот констатира дека со оспорениот член е предвидено дека постапките за запишување, за спроведување на промени, за издавање на податоци и за заверка на геодетски елаборати за посебни намени (што значи започната постапка за кои веќе е поднесено барање во катастарот) ќе продолжат во иднина според одредбите од овој закон, а постапките по предметите кои се во поодмината фаза и кои се решаваат пред второстепена комисија или пред надлежен суд ќе продолжат според претходниот закон, што значи по законот по кој започнало нивното решавање.

Отаму, според Судот, оспорената одредба од законот нема повратно дејство и се однесува на оние постапки кои сеуште траат и се во определена фаза од постапката и дека целта на законодавецот не била да му даде повратно дејство на законот со кој се уредуваат прашања на запишување и други прашања на катастарот на недвижностите. Ова од причина што една норма има повратно дејство ако истата се однесува на односи кои се завршени пред влегувањето во сила на таа норма, а нема повратно дејство ако нормата регулира незавршени односи или односи кои се во тек, како што е во конкретниот случај.

Од друга страна пак проширувањето на важењето на одредбите од Законот за катастар на недвижности при решавањето на предмети за кои постапката отпочнала пред влегувањето во сила на новиот закон и во конкретниот случај не е понеповолно за странките. Напротив на овој начин само се забрзува постапката на решавање на предмети при што потребните теренски геодетски податоци ги обезбедува Агенцијата односно прибавувањето на истите не е на товар на странките ниту пак странките ќе бидат, ставени во нерамноправна уставна положба пред Агенцијата за катастар на недвижности, а нивната правна заштита е обезбедена со одредбите содржани во Главата XI насловена како “Судска заштита” и тоа во членовите 176 и 177.

Исто така, Судот утврди дека со новиот Закон за катастар на недвижностите („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2008) заради ефикасно и побрзо водење на постапката во насока на воспоставување на унифициран систем на евиденција на правата од недвижност изменета е дотогашната постапка на востановување и одржување на катастарот на недвижности со тоа што запишувањето на правата се врши со акт-потврда, а не со решение согласно со членот 3 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/2005 и 110/2008).

Потврдата како акт со кој се одлучува за правата и обврските при запишувањето во катастарот на недвижности претставува управен акт во смисла на член 2 став 2 од Законот за општата управна постапка кој под управни акти ги дефинира сите акти и дејствија со кои се решава за правата, обврските и правните интереси на странките во управната постапка во врска со став 1 на овој член според кој управни работи се сите акти и дејствија преку кои се изразуваат надлежностите на јавната администрација.
Судот исто така оцени дека се неосновани наводите во иницијативата по однос на неусогласеноста на оспорената одредба со членот 206 содржан во Главата насловена како “Преодни и завршни одредби” од Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2008 и 158/2010) за кој со решение У.бр. 208/201од 2 февруари 2011 година Уставниот суд не поведе постапка за оценување на уставноста со образложение дека оваа одредба предвидува дека постапките за запишување, за спроведување на промени, за издавање на податоци и за заверка на геодетски елаборати за посебни намени (што значи започнатите постапки за кои веќе е поднесено барање во катастарот) ќе продолжат во иднина според одредбите од овој закон, а постапките по предметите кои се во поодмината фаза и кои се решаваат пред второстепена комисија или пред надлежен суд ќе продолжат според претходниот закон, што значи по законот по кој започнало нивното решавање.

Тргнувајќи од анализата на наведените уставни и законски одредби, а во корелација со наводите содржани во иницијативата, Судот оцени дека целта на законодавецот не била на законот да му даде повратно дејство и со измените на Законот во членот 33 предвидено е дека решавањето на предметите за запишување и спроведување на промени во катастарот кои започнале, а не завршиле пред измените, а по кои постапува Агенцијата, второстепена комисија или Управен суд ќе продолжи согласно измените на Законот за катастар и основниот Закон за катастар на недвижности.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумовски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски д-р Гзиме Старова, Владимир Стојановски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.90/2011
21 септември 2011 година
С к о п ј е
мдш

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски