90/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 29 декември 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 20 став 1 точка 2 од Законот за ревизија (“Службен весник на Република Македонија” број 79/2005 и 103/2008).

2. Заедницата на општински асоцијации на сметководители на град Скопје од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одредба од Законот за ревизија, била понеповолна за граѓаните од нормата уредена со претходниот закон од 1997 година, кој престанал да важи. Од овие причини, се предлага поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорениот член од Законот, како спротивен на член 52 став 4 од Уставот, односно таа да била поништена и корегирана како што била уредена со претходниот закон.

3. Судот на седницата утврди дека со одредбите од членот 20 од Законот, се определени условите за полагање на испитот за стекнување на звањето овластен ревизор. Според оспорениот став 1 точка 2 од истиот член од Законот, за полагање на испит за стекнување на звањето овластен ревизор, лицето, помеѓу другото, треба да има најмалку три години искуство на работи на ревизија од кои две години под надзор на овластен ревизор.

Судот, утврди и дека по поднесувањето на иницијативата, донесен е нов Закон за ревизија, така што предметниот закон, не е повеќе во правниот поредок.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Оспорената законска одредеба е содржана во Законот за ревизија (“Службен весник на Република Македонија” број 79/2005 и 103/2008). По поднесувањето на иницијативата (11 мај 2010 година), Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 6 декември 2010 година, донесе нов Закон за ревизија, објавен на 9 декември 2010 година во “Службен весник на Република Македонија”, број 158/2010. Новиот Закон за ревизија влегол во сила осмиот ден од објавувањето, односно на 16 декември 2010 година, со тоа што во членот 51 од Законот, е определено дека со денот на влегувањето во сила на овој закон, престанува да важи Законот за ревизија (“Службен весник на Република Македонија” број 79/2005 и 103/2008).

Со оглед дека, Законот за ревизија во кој била содржана оспорената одредба, престанал да важи и не е во правниот поредок, Судот, утврди дека согласно наведената деловничка одредба се настапени условите за отфрлање на иницијативите поради постоење на процесни пречки за одлучување.

5. Поради гореизнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 90/2010
29 декември 2010 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски