90/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 6 јули 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на

а) законитоста на Одлуката за усвојување на Деталниот урбанистички план за Урбан блок 54 во Тетово бр.07-1673/6 донесена од Советот на општина Тетово на 24 ноември 2004 година (“Службен гласник на општина Тетово” бр.9/2004 од 26 ноември 2004 година) и

б) меѓусебната согласност на Одлуката со Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/2002 и 50/2003).

2. Крсте Ристовски од Тетово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорената одлука не била во согласност со Законот за просторното и урбанистичкото планирање, затоа што пред нејзиното донесување не била донесена нацрт одлука за измена на планот, не било донесено решение за ставање на јавен увид и јавна расправа по нацрт измените како задолжителни елементи на постапката за донесување на планот, ниту пак била прибавена согласност од Министерството за транспорт и врски.

Незаконитата постапка за усвојување на планот според подносителот на иницијативата произлегувала и од содржината на член 2 од Одлуката за усвојување на планот според кој составен дел на одлуката била и техничката документација бр.06/02 изработена од ДОО “Теплан” – Тетово која не се објавувала без притоа да бидат наведени причините за необјавување на одлуката.

Оспорената одлука според подносителот на иницијативата не била во согласност и со Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот (“Службен весник на Република Македонија” бр.50/2003), затоа што со неа се допушта изграденост на локацијата на подносителот на иницијативата од 88%, а според Правилникот макисмалниот процент на изграденост треба да изнесува 60%.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Тетово на 24 ноември 2004 година, донел Одлука за усвојување на Деталниот урбанистички план од Урбан блок 54 во Тетово.

Со оваа одлука се усвојува Деталниот урбанистички план од Урбан блок 54 во Тетово ограничен со улиците “Јане Сандански”, “Маршал Тито”, “Б. Тоска” и “ЈНА”.

Во членот 2 од Одлуката е предвидено дека составен дел на оваа одлука е техничката документација бр.06/02, изработена од ДОО “Теплан” – Тетово, кој не се објавува, а два примероци се чуваат во Министерството за транспорт и врски ПЕ Тетово и два примероци во Секторот за урбанизам и заштита на животната средина, сообраќај и патишта и комунални дејности.

Според член 3 од Одлуката таа влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на општина Тетово”.

4. Во натамошната постапка Судот утврди дека со Решение У.бр.217/2004 од 23 март 2005 година не повел постапка за оценување на законитоста на Деталниот урбанистички план од Урбан блок 54 во Тетово бр.07-1673/6 донесен од Советот на општина Тетово на 24 ноември 2004 година.

Во врска со оспорениот Детален урбанистички план, Судот по предметот У.бр.217/2004 и по повод на предметната иницијатива утврди дека измените на планот се извршени по донесување, односно преземање на дејствија од страна на органите надлежни за водење на постапката за доносителот на планот и тоа:

– Одлука за покренување постапка за измени и дополнување на Деталниот урбанистички план на дел од ВИ станбена заедница донесена од градоначалникот на општина Тетово на 17 април 2002 година, со која одлука се прифаќа иницијативата на главниот архитект за измена на Деталниот урбанистички план за дел од ВИ станбена заедница ограничена со улиците “Ј. Сандански”, “М. Тито”, “Б. Тоска” и “ЈНА”.

– Извештај од стручната ревизија на нацрт-планот за Урбан блок 54 Тетово која ја извршила стручна комисија од Јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање – Скопје на која и бил ставен на увид текстуалниот дел и графичкиот дел на планот.

– Одговор на стручната ревизија за Деталниот урбанистички план изготвен од изработувачот на планот “Теплан” – Тетово од јануари 2003 година.

– Мислење (Заклучок) за изработената техничка документација за измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план на дел од ВИ станбена заедница во Тетово, изготвено од главниот архитект на 4 февруари 2003 година.

Во овој документ се наведува дека се доставени нацрт-измена и дополнување на дел од ВИ станбена заедница изготвен од “Теплан” – Тетово заведен под тех. бр.06/02.

Изработениот нацрт-план ги задоволува основните параметри предвидени со постојниот Закон за просторно и урбанистичко планирање и потребите за таква измена, па како таков може да оди во натамошната постапка за изработка и донесување на измени и дополнување на Деталниот урбанистички план (јавна анкета) согласно со позитивните прописи.

– Стручно мислење на Министерството за транспорт и врски за Нацрт-Деталниот урбанистички план за дел од ВИ станбена заедница Урбан блок 54 помеѓу улиците “Ј. Сандански”, “М. Тито”, “Б. Тоска” и “ЈНА” од 18 февруари 2003 година.

– Одлука на градоначалникот на општина Тетово за организирање на јавна анкета по измените на Деталниот урбанистички план од 4 април 2003 година.

– Соопштение на градоначалникот на општина Тетово за организирање на јавна анкета по Нацрт на Деталниот урбанистички план од 4 април 2003 година.

– Барање за објавување на оглас за јавна анкета (Дневник, Факти, Кис и Коха) од 4 април 2003 година.

– Решение од градоначалникот на општина Тетово за формирање комисија за изготвување на Извештај за спроведена јавна анкета од 22 април 2003 година.

– Записник од работата на Комисијата за разгледување анкетни листови од 15 мај 2003 година.

– Извештај од работата на Комисијата за разгледување на анкетни листови од 15 мају 2003 година.

– Известување од главниот архитект на град Тетово за постапување по стручна ревизија и јавната анкета во Нацрт на Деталниот урбанистички план од 9 јули 2003 година.

– Барање од општина Тетово до Министерството за транспорт и врски за согласност за примена на планот од 9 април 2004 година.

– Согласност од Министерството за транспорт и врски на предлог Деталниот урбанистички план за Урбан блок 54 (Улица “Ј. Сандански”, “М. Тито”, “Б. Тоска” и “ЈНА”) во Тетово од 27 април 2004 година.

Врз основа на вака спроведената постапка, а согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање Советот на општина Тетово на 24 ноември 2004 година ја донел оспорената одлука.

5. Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај Уставниот суд ја оценувал оспорената одлука за донесување на Деталниот урбанистички план во однос на постапката за нејзиното донесување, а по повод на оваа иницијатива и причините за нејзиното оспорување нема основи за поинакво одлучување, одлучи како во точката 1 а) од ова решение.

6. По однос на наводите од иницијативата дека оспорената одлука не била во согласност со Уставот односно Законот за просторното и урбанистичкото планирање, затоа што не била објавена техничката документација на планот, Судот смета дека се неосновани. Имено, во постапката за донесување на урбанистичките планови графичкиот приказ од планот се објавува и пред да биде донесена одлуката со ставање на јавен увид на нацрт-планот со што на граѓаните не им е оневозможено и по донесување на планот да извршат увид во документацијата.

Со објавувањето на оспорената одлука во службеното гласило се смета дека е објавена и документацијата што претставува нејзин составен дел.

Од влегувањето во сила на одлуката целокупната документација е достапна за сите граѓани, односно заинтересирани субјекти и тие можат да вршат увид во неа.

Ваквиот начин на објавување е условен од техничката неможност целокупната документација за донесување на определен пропис односно план да се објави во службеното гласило, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со Уставот и Законот за просторното и урбанистичкото планирање.

7. Што се однесува до наводите во иницијативата дека оспорената одлука не била во согласност со Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот, Уставниот суд на Република Македонија согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот не е надлежен да одлучува за меѓусебната согласност на тие прописи поради што, согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија одлучи како во точката 1 б) од ова решение.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 а) и 1 б) од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.90/2005
6 јули 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова