90/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Слу`бен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 2 октомври 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Законот за регулирање на побарувањата на штедачите од штедилниците “ТАТ” Битола, “АЛФА С” Скопје и “ЛАВЦИ” Охрид во целина и посебно на членовите 3, 5 став 1, 7 и 8 став 3 и 4 (“Службен весник на Република Македонија” бр. 38/2002).

2. Симеон Танев од името на штедачите на “Инвест Консалтинг” Скопје, Анастасија Оклеска, штедач во “Југомаркет” Скопје, Јованче Најдов од Кавадарци, Симо Ивановски од Велес, Ѓорѓи Велјанов, Бардакоска Елена и Јосиф Јошевски од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативите на штедачите од “Инвест Консалтинг” и “Југомаркет” се наведува дека оспорениот закон во целина не бил во согласност со член 9 и член 30 од Уставот. Имено, со тоа што оспорениот закон не ги опфатил побарувањата на овие штедачи, било повредено начелото за еднаквоста на граѓаните и гарантираното право на сопственост.

Во другите иницијативи се оспоруваат членовите 3, 5 став 1, 7 и 8 став 3 и 4 од Законот. Иницијаторите сметаат дека со законот, штедачите чии побарувања надминуваат 1000 евра биле во нееднаква положба со “помалите” штедачи, бидејќи на овие штедачи им се исплаќало во готово по 1000 евра, а на другите “големите” штедачи им се издавале конвертибилни сертификати. Иницијаторите сметаат дека и законското регулирање според кое конвертибилните сертификати можат да се користат во период од две години од денот на нивното издавање и дека по истекот на овој рок конвертибилните сертификати се неважечки, го нарушувало уставниот принцип на владеење на правото како и принципот на еднаквост и рамноправност.

Во иницијативите се бара Судот, до конечното одлучува-ње, да донесе решение со кое се забранува постапување по оспорените членови од Законот поради тоа што биле на штета на остварувањето на одредени права на граѓаните.

3. Судот на седницата утврди дека со Законот за регулирање на побарувањата на штедачите од штедилниците”ТАТ” Битола, “АЛФА С” Скопје и “ЛАВЦИ” Охрид, се уредува исплатата и издавањето на конвертибилни сертификати за побарувањата на доверителите – физички лица по основа на штедни влогови од Штедлиницата “ТАТ” Битола, Штедилницата “АЛФА С” Скопје и Штедилницата “ЛАВЦИ” Охрид кои се во стечај (член 1).

Според оспорениот член 3 од овој закон Република Македонија ги исплатува во готово, еднократно, сите побарувања на секој поединечен доверител од членот 1 на овој закон чиј вкупен износ не надминува денарска противвредност на 1000 евра пресметано според средниот курс на курсната листа на Народната банка на Република Македонија на денот на влегувањето во сила на овој закон. Одредбите од ставот 1 на овој член се однесуваат и на побарувањата на секој поединечен доверител чиј вкупен износ надминува денарска противвредност на 1000 евра пресметано според средниот курс на курсната листа на Народната банка на Република Македонија на денот на влегувањето во сила на овој закон, доколку доверителот даде писмена изјава заверена кај нотар дека се откажува од делот од побарувањето што ја надминува денарската противвредност на 1000 ЕВРА. Исплатата од ставот 1 на овој член се врши во денари, во рок од 45 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон. По исклучок од ставот 3 на овој член, исплатата на побарувањата пријавени до 30 април 2002 година, за кои се води постапка пред суд и за кои ќе се донесе правосилно судско решение или пресуда, ќе се изврши во рок од 30 дена од донесувањето на правосилно судско решение или пресуда со кои се уважува побарувањето. Исплатата од ставот 2 на овој член се врши во денари, во рок од 45 дена од давањето на изјавата.

Согласно оспорениот член 5 став 1 од овој закон за сите побарувања на секој поединечен доверител чиј вкупен износ надминува денарска противвредност на 1000 ЕВРА пресметано според средниот курс на курсната листа на Народната банка на Република Македонија на денот на влегувањето во сила на овој закон, Република Македонија, согласно со членот 2 став 1 од Законот за хартии од вредност, издава конвертибилни сертификати.

Според оспорениот член 7 од овој закон конвертибилните сертификати гласат на име и во денари. Конвертибилните сертифи-кати се неограничено преносливи и може да се тргуваат на организиран пазар на хартии од вредност.

Согласно оспорениот член 8 став 3 од овој закон конвертибилните сертификати можат да се користат во период од две години од денот на нивното издавање, а според ставот 4 на овој член по истекот на овој рок конвертибилните сертификати се неважечки.

4. Во врска со иницијативата на штедачите на “Инвест Консалтинг” и “Југомаркет” во кои се бара поведување постапка за оценување уставноста на оспорениот закон поради тоа што со него не биле регулирани побарувањата на штедачите на “Инвест Консалтинг” и “Југомаркет”, Судот согласно член 110 од Уставот нема надлежност да врши изменување и дополнување на законите. Според ставот на Судот, нешто што не содржи конкретен акт не може да биде предмет на оценување на неговата уставност односно законитост. Оттука, фактот што оспорениот закон не се однесува и на побарувањата на штедачите на “Инвест Консалтинг” и на “Југомаркет” не го прави законот неуставен.

Понатаму, согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со Законот за банките и штедилниците (“Службен весник на Република Македонија” бр. 31/93, 78/93, 17/96, 37/98 и 25/2000) предвидена е постапката за основање на банки и штедилници во Република Македонија.

Според членовите 75 и 76 од овој закон, штедилниците се финансиски организации со својство на правно лице, кое својство го стекнуваат со упис во судскиот регистар, а според членот 78, обемот на своето работење штедилниците го вршат во рамките и на начин што ги пропишува Народната банка.

Согласно членот 88 од овој закон, за основање и работа на штедилница потребна е дозвола од Народната банка.

Со членот 79 од овој закон, е определено дека одредбите од законот што се однесуваат на банките се применуваат и на штедилниците доколку со закон не е поинаку определено.

Според член 129 од овој закон другите финансиски организации регистрирани во Република Македонија до влегувањето во сила на овој закон, должни се да се пререгистрираат и да го усогласат своето работење со одредбите на овој закон во рок од шест месеци од влегувањето во сила на овој закон. Доколку не постапат согласно со став 1 на овој член, по истекот на утврдениот рок, другите финансиски организации регистрирани во Република Македонија, престануваат со работа.
Според член 122 став 2 пак од Законот за банки (“Службен весник на Република Македонија” бр.63/2000, 37/2002), штедилниците основани според одредбите на Законот за банките и штедилниците продолжуваат со работа во рамките на овластува-њата опишани во дозволата за основање и работење.

Од изнесеното произлегува дека со закон се предвидени посебните услови за основање и работење на штедилниците, при што добивањето на дозвола од Народната банка на Македонија е услов без кој нема основање ниту на банка ниту на штедилница.

Според известувањето добиено од Министерството за финансии, “Инвест Консалтинг” и “Југомаркет” не се основани како штедилници согласно со закон односно немаат дозвола за основање и за работење од Народната банка на Македонија и немаат статус на штедилници.

Според тоа, граѓаните кои штеделе во “Инвест Консалтинг” и “Југомаркет” немаат статус на штедачи во штедилница која е основана и работи согласно закон, поради што нивните побарувања не претставуваат штеден влог и од таа причина не се опфатени со оспорениот закон. Фактот што граѓаните не знаеле дека се работи за “штедилници” кои не се основани и не работат согласно со закон, не може да претставува правен однос за остварување на исти права какви што имаат штедачите од штедилниците кои се основани според закон и на кои се однесува оспорениот закон.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека од овој аспект, оспорениот закон не создава нееднаквост меѓу граѓаните поради што не може да се постави прашањето за неговата согласност со членот 9 став 2 од Уставот.

5. Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Уште од самиот наслов на оспорениот закон јасно е дека тој се однесува за регулирање на побарувањата на сите штедачи од штедилниците “ТАТ”, “АЛФА С” и “ЛАВЦИ”.

Понатаму, неоспорно е дека законот предвидува обесштетување на сите штедачи од наведените штедилници на еднаков начин, со издавање на конвертибилни сертификати. Можноста за тргување и конвертибилноста на сертификатите за акции и удели на Агенцијата за приватизација и за акции на државата се предуслов за брзо и ефикасно упаричување на сертификатите или стекнување на профитабилен имот што од една страна е во интерес на граѓаните – штедачи, а од друга страна претставува поттик за развојот на пазарот за хартии од вредност.

Законот прави исклучок за т.н “мали” штедачи кои штеделе заради задоволување на основните егзистенцијални потреби. Имено заради ограничените финансиски можности на државата, законодавецот се определил еднократно и во готово да се исплатат вкупните побарувања на поединечен доверител чиј вкупен износ на побарување не надминува 1000 евра во денарска противвредност. Законот, дава можност и за исплата на 1000 евра на штедач – доверител кој со писмена изјава заведена кај нотар доброволно ќе се откаже од делот на побарувањето што е над 1000 евра.

Во секој случај, оспорениот закон предвидува обесштету-вање на штедачите од штедилниците “ТАТ”, “АЛФА С” и “ЛАВЦИ”, односно законските одредби се однесуваат на сите штедачи подеднакво. Исклучоците предвидени во членот 3 став 1 и 2 од Законот, Судот оцени дека не можат да претставуваат основ за нееднаквост на граѓаните – штедачи.

Согласно одредбите од Законот за регулирање на побарувањата на штедачите од штедилниците “ТАТ” Битола, “АЛФА С” Скопје и “ЛАВЦИ” Охрид, Република Македонија издава конвертибилни сертификати за сите побарувања на секој поединечен доверител чиј вкупен износ надминува денарска противвредност на 1000 евра. Конвертибилните сертификати можат да се користат за купување и отплата на акции и удели и друг имот со кој располага Агенцијата за приватизација на Република Македонија и други акции во сопственост на државата. При тоа конвертибилните сетификати можат да се користат во период од две години од денот на нивното издавање, а по истекот на овој рок тие се неважечки.

Имајќи предвид дека Република Македонија нема правна одговорност кон штедачите на овие штедилници, според образло-жението на наведениот закон, државата има морална обврска кон ограбените граѓани – штедачи. Со овој закон, во рамките на објективните финансиски можности државата презема обврска да ги обесштети граѓаните – некогашни штедачи а сега доверители на пропаднатите штедилници. Тоа подразбира дека целта на законот не е системски да се уреди некое прашање, туку да реши една конкретна ситуација настаната во одредено време. Оттука, правата на граѓаните кои произлегуваат од одредбите на овој закон не можат да се остваруваат во недоглед односно тие права државата временски ги ограничила. Така, исплатата на побарувањата кои не надминуваат денарска противвредност на 1000 евра се врши во рок од 45 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон, а конвертибилните сертификати можат да се користат во период од две години од денот на нивното издавање. Оттука Судот оцени дека утврдените рокови во законот кои се различни во зависност од висината на побарувањата не ги прави граѓаните нееднакви во остварувањето на нивните права.

Со оглед на изнесеното, Судот не го прифати барањето во иницијативите, Судот до конечното одлучување да донесе решение за времена мерка со кое ќе го запре применувањето на членовите 3, 5 став 1, 7 и 8 став 3 и 4 од Законот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр. 90/2002
2 октомври 2002 година
С к о п ј е
ла

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов