90/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 27 јуни 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 52 став 4 од Законот за државните службеници (“Службен весник на РМ” бр.59/2000).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 52 став 4 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што остварувањето на правото на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективни договори, а не со подзаконски акти што е во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 32 став 5 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 33 став 1 од Законот државните службеници имаат право на плата и надоместоци на плата под услови и критериуми утврдени со овој закон.

Во став 2 на наведениот член е предвидено дека платите и надоместоците на плати на државните службеници се усогласуваат со средствата обезбедени во Буџетот на Република Македонија.

Во член 52 став 1 од наведениот закон е предвидено дека државниот службеник има право на надоместоци на плата согласно со прописите за работни односи.

Во ставот 2 на овој член поименично се утврдени кои надоместоци му припаѓаат на државниот службеник.

Во став 3 на овој член е утврдено дека висината на надоместоците од став 2 на овој член за секоја година се утврдуваат со Законот за извршување на Буџетот на РМ.

Во оспорениот став 4 е предвидено дека Владата на РМ поблиску ја утврдува постапката и начинот на распределување на надоместоците.

4. Според член 8 од Уставот на Република Македонија, покрај другото, темелни вредности на уставниот поредок се владеењето на правото и поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Според член 32 став 5 од Уставот остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Во член 51 од Уставот на Република Македонија е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите.

Според член 88 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт која своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Во член 91 од Уставот, Владата на РМ покрај другото ја утврдува политиката на извршување на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување, донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Од анализата на уставните одредби според кои остварувањето на правото на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективни договори, како и од уставната поставеност на Владата како носител на извршната власт, Судот смета дека во конкретниов случај на Владата не и е пренесено овластувањето да ги утврдува правата на вработените и нивната висина. Имено согласно оспорениот член, Владата во рамките на извршување на законите со овој пропис поблиску само ја утврдува постапката и начинот на распоредување на надоместоците на државните службеници.

5. Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член од Законот со Уставот и одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.90/2001
27 јуни 2001 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов