90/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 јуни 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 443 ставовите 2 и 3 од Законот за трговските друштва (“Службен весник на Република Македонија” бр. 28/96, 7/97,21/98, 37/98, 63/98, 39/99, 81/99 и 37/2000).

2. Петре Илиевски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 443 ставовите 2 и 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорените одредби од Законот се повредувале основните права на човекот на заштита при работа и здрава животна средина, што не било во согласност со членовите 32 и 43 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 443 став 1 од Законот, друштвото не може да започне, ниту да ја врши дејноста, ниту да ги менува условите за вршење на дејноста која го сочинува неговиот предмет на работење, доколку не поднесе барање и не прибави решение од надлежен орган дека се исполнети техничките, санитарно-техничките и хигиенските, условите за заштита при работа, еколошките и другите услови пропишани за вршење на дејноста.

Со оспорениот став 2 на овој член од Законот се уредува дека надлежниот орган е должен во рок од осум дена од денот на приемот на барањето да се произнесе за исполнетоста на пропишаните услови од став (1) на овој член. Доколку надлежниот орган не се произнесе во овој рок ќе се смета дека барателот ги исполнува пропишаните услови.

Според оспорениот став 3 на овој член од Законот, обврската на надлежниот орган утврдена со став (2) на овој член не се однесува на барањето за утврдување на исполнетоста на пропишаните услови поднесено од друштвото кое врши производство и промет на големо на лекови, помошни лековити средства, медицински помагала, опојни дроги и отрови.

Според ставот 4 од овој член на Законот, ако со закон е определено дека одделни дејности од предметот на работењето на друштвото можат да ги вршат само определени форми на друштва, или да можат да се вршат само врз основа на согласност, дозвола или друг акт на државен орган или некоја друга институција, тие дејности можат да ги вршат само друштвата кои се со закон определени, односно ако за тоа добијат согласност, дозвола или друг акт на државен орган или институција.

4. Согласно член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност, според ставот 2 од овој член, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, според ставот 3 од овој член, секој вработен има право на соодветна заработувачка, а според ставот 4 од овој член на Уставот, секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат. Според ставот 5 од овој член на Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Со член 43 став 1 од Уставот се уредува дека секој човек има право на здрава животна средина. Според став 2 од овој член, секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата, а според ставот 3 од овој член на Уставот, Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.

Со Законот за трговските друштва се уредува прашањето за исполнување на посебните услови на трговското друштво за да тоа може да отпочне да го врши предметот на работењето или одделни дејности кои го сочинуваат неговиот предмет на работење. Имено, со ставот 1 на член 443 од овој закон, беше уредено дека друштвото може да отпочне да го врши предметот на работењето или одделни дејности кои го сочинуваат неговиот предмет на работење ако при нивниот упис во трговскиот регистар на регистарскиот суд да поднесе дозвола или друг акт на државен орган дека се исполнети техничките, здравствени, еколошки и други услови пропишани за вршење на одделни дејности кои го сочинуваат неговиот предмет на работење. Ова одредба од Законот, со член 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/2000), е заменета со три нови става, од кои за подносителот на иницијативата се спорни ставот 2 и 3. За одбележување е дека, одредбата за исполнувањето на посебните услови е поместена во Законот, во делот за белези на друштвото, пододдел – предмет на работење на друштвото.

Од анализа на содржината на член 443 од Законот за трговските друштва, произлегува: дека трговското друштво не може да започне со работа доколку не поднесе барање и не прибави решение од надлежен орган дека се исполнети техничките, санитарно-техничките и хигиенските, условите за заштита при работа, еколошките и другите услови пропишани за вршење на дејноста; дека надлежниот орган е должен во рок од осум дена од денот на приемот на барањето да се произнесе за исполнетоста на пропишаните услови, а доколку не се произнесе во утврдениот рок, ќе се смета дека барателот ги исполнува пропишаните услови; дека, притоа, таквата обврска на органот не се однесува на барањето за утврдување на исполнетоста на пропишаните услови поднесено од друштвото кое врши производство и промет на големо на лекови, помошни лековити средства, медицински помагала, опојни дроги и лекови; и дека, конечно, ако со закон е определено дека одделни дејности од предметот на работењето на друштвото можат да ги вршат само определени форми на друштва или да можат да се вршат само врз основа на согласност, дозвола или друг акт на државен орган или некоја друга институција, тогаш, тие дејности можат да ги вршат само друштвата кои се со закон определени, односно ако за тоа добијат согласност, дозвола или друг акт на државен орган или институција.

Според мислењето на Судот, смислата на дополнувањето на член 443 од Законот се состои во дисциплинирањето на надлежниот орган во постапувањето по барањата за исполнувањето на посебните услови од страна на трговските друштва и во претпоставеноста на исполнувањето на тие услови ако органот благовремено не се произнесе. Притоа, законодавниот орган, утврдувајќи ги исклучоците од таквиот начин на постапување во ставовите 3 и 4 од овој член на Законот, всушност води сметка да не се повреди правото на вработените на заштита при работењето и правото на граѓаните на здрава животна средина.

Тргнувајќи од анализа на содржината на напред наведените уставни и законски одредби, а имајќи ги предвид причините за оспорување наведени од подносителот на иницијативата, Судот оцени дека ставовите 2 и 3 на член 443 од Законот за трговските друштва, не се во несогласност со уставно утврдените права на заштита при работењето и здрава животна средина, поради што не го постави прашањето за нивната согласност со членовите 32 и 43 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.90/2000
28 јуни 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов