89/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 14 септември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 2 став 2,член 3, член 4 ставовите 2, 3 и 5 и член 5 од Законот за националниот уметник на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 47/2011).

2. Стеван Огненовски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорениот член 2 став 2 од Законот со кој се определува дека титулата национален уметник се доделува на уметник кој создава дела од уметничкото творештво или изведува дела како актер, режисер, костимограф, сценограф, ликовен уметник, фотограф и архитект, вокално-инструментален солист, диригент, композитор, писател, сценарист, кореограф и балетски уметник, не била во согласност со член 9, член 51 став 1 и член 54 од Уставот, затоа што со наведувањето на тоа кои уметници од кои жанрови можат да конкурираат за титулата Национален уметник на Република Македонија неправедно ги дискриминирала оние уметници кои придонеле за афирмација на културата на Република Македонија во светот, а не биле наведени во Законот ( на пр. играорците и пеачите од Ансамблот за народни игри и песни „Танец“).

– Посебните критериуми кои секој уметник од поедина област треба да ги задоволи за доделување на титулата, утврдени во член 3 од Законот, не биле со иста тежина, а за некои професии како на пр. композитор на класична музика и композитор на популарна музика биле дадени потполно различни критериуми што воопшто не било пракса која се применува во светот и со што всушност се правела дискриминација на композиторите на популарна музика, што не било во согласност со член 9 и член 54 од Уставот.

– Одредбата во член 4 став 2 според која во текот на една година може да се додели една титула, била дискриминаторска затоа што оневозможувала на пример, сите членови на Македонскиот државен ансамбл „Танец“ да ја добијат титулата Национален уметник за својот придонес на турнејата во Северна Америка во 1956 година и постигнатиот огромен успех. Со отстранување на овој став ќе се овозможело сите членови на еден ансамбл кои заеднички придонеле за огромниот успех да ја добијат поединечно титулата независно дали во моментот на добивање на признанието се живи или не.

Одредбата од член 4 став 3, според која иницијатива за доделување титула на национален уметник може да достават јавни установи од областа на културата, високообразовни и научни установи и здруженија на граѓани од областа на културата се предлага да се поништи како дискриминаторска, затоа што не овозможувала иницијатива да може да поднесе секој граѓанин.

Со оглед дека иницијаторот бара поништување на член 4 ставовите 2 и 3 од Законот, следувало и барање за поништување на став 5 од истиот член, според кој иницијативата ќе ја разгледа комисија основана од министерот за култура, која е должна да утврди дали предлогот за национален уметник е во согласност со критериумите наведени во став 2 и став 3 на истиот член.

– Членот 5 од Законот се предлага да се поништи, зашто се однесувал на доделување месечен паричен надоместок на живи уметници, а подносителот на иницијативата бара Законот да се однесува и на починати уметници кои имаат заслуги за Македонија.

Поради наведеното, се предлага оспорените одредби од Законот да се поништат како несогласни со член 9 и член 54 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 2 став 2 од Законот за националниот уметник на Република Македонија, титулата национален уметник се доделува на уметник кој создава дела од уметничкото творештво или изведува дела како актер, режисер, костимограф, сценограф, ликовен уметник, фотограф и архитект, вокално-инструментален солист, диригент, композитор, писател, сценарист, кореограф и балетски уметник.

Со член 3 од овој закон, се утврдуваат поединечните критериуми кои, покрај општите услови утврдени во член 2 на Законот, треба да ги исполнат кандидатите за доделување на титулата национален уметник, во секоја од посебните области опфатени со Законот (ликовна уметност, архитектура, драмска уметност, филмска уметност, литература, музичка уметност, танцова уметност, популарна музика ).

Според член 4 став 2 на Законот, во текот на една година може да се додели една титула. Според став 3 на истиот член, иницијатива за доделување титула на национален уметник може да достават јавни установи од областа на културата, високообразовни и научни установи и здруженија на граѓани од областа на културата . Иницијативата, заедно со елаборатот за творештвото на кандидатот, се доставува во Министерството за култура. Согласно став 5 на овој член, иницијативата ќе ја разгледува комисија основана од министерот за култура, која е должна да утврди дали предлогот за национален уметник е во согласност со критериумите наведени во членовите 2 и 3 од овој закон.

Согласно член 5 став 1 од истиот закон, Република Македонија со средства од Буџетот на Република Македонија на носителот на титулата национален уметник му доделува месечен паричен надоместок во износ од две просечни месечни плати исплатени во Република Македонија во претходната година, за тековната година од денот на добивањето на титулата па сè до крајот на животот. Според став 2 на истиот член, носителот на титулата национален уметник има право, со средства од Буџетот на Република Македонија, да му се издаде монографија за неговото творештво, а според став 3, за правата од ставовите 1 и 2 на овој член министерот за култура донесува решение.

4. Согласно член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со Законот за националниот уметник на Република Македонија се уредуваат критериумите и постапката за доделување на титулата национален уметник, правата врз основа на титулата национален уметник и други прашања кои се однесуваат на титулата национален уметник на Република Македонија (член 1).

Со доставената иницијатива се оспоруваат неколку одредби од овој закон, како несогласни со член 9 и член 54 од Уставот, од причина што со Законот не биле опфатени и уметници, како на пример играорците и пеачите од Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ (член 2 став 2) или затоа што со Законот се пропишувале критериуми кои треба да ги исполни секој уметник од поедина област за конкурирање за титулата Национален уметник (член 3), но кои, според подносителот, не биле со иста тежина за секој вид области или затоа што Законот пропишувал иницијатива за доделување титула за национален уметник да може да достават јавни установи од областа на културата, високообразовни и научни установи и здруженија на граѓани од областа на културата (член 4 став 3), а не и граѓани поединци, како што смета подносителот или затоа што Законот пропишувал дека во текот на една година може да се додели само една титула Национален уметник (член 4 став 2), а не повеќе титули, како што смета подносителот или дека Законот предвидувал титулата да се доделува само на живи уметници (член 5), а подносителот бара таа да се однесува и на починати уметници кои имаат заслуги за Македонија.

Од анализата на содржината на оспорените законски одредби, како и од наводите во иницијативата, произлегува дека подносителот на иницијативата го оспорува Законот поради тоа што не содржи одредби за уредување на прашањето за национален уметник на Република Македонија на начин како што тој смета дека би требало да биде уредено ова прашање.

Од друга страна, од изнесената уставна норма произлегува дека Уставниот суд на Република Македонија во рамки на своите уставно определени надлежности одлучува за уставноста и законитоста на прописите што се во правниот поредок, а во тие рамки може да ја оценува уставноста на одредбите од Законот за националниот уметник на Република Македонија кои се предвидени и содржани во Законот, но нема надлежност да одлучува за тоа што овој закон не содржел, а трабало да содржи, на што впрочем и се однесува барањето во предметната иницијатива. Уредувањето на прашањето за национален уметник на Република Македонија, согласно член 68 од Уставот, претставува надлежност на Собранието на Република Македонија.

Поради наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.89/2011
14 септември 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски