88/2016-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 31 мај 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 130 став 2 во делот

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на дел од одредбата на членот од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата по цитирање на содржината на член 130 став 2 од Законот за заштита на потрошувачите и член 141 од Законот за безбедност на храната (“Службен весник на Република Македонија” број 157/2010), според кој Агенцијата за храна и ветеринарство започнува со работа од 1 јануари 2011 година, а со отпочнување со работа, Агенцијата ги презема правата, обврските, опремата, архивата и вработените од Управата за ветеринарство и Дирекцијата за храна, како и дека Агенцијата е правен наследник на Управата за ветеринарство и Дирекцијата за храна, наведува дека оспорениот дел на членот 130 став 2 од Законот за заштита на потрошувачите, пропишувал надлежност на правни лица кои повеќе не постоеле во правниот промет, па оттука со нивното суштествување во правниот промет се повредувал принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот, на седницата утврди дека според членот 130 став 2 од Законот за заштита на потрошувачите инспекциски надзор на спроведувањето на одредбите од овој закон врши Државниот пазарен инспекторат, Дирекција за храна и Управа за ветеринарство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Државниот инспекторат за животна средина преку инспектори (во понатамошниот текст: инспектор), во согласност со овластувањата утврдени со закон.

Со иницијативата се оспорува член 130 став 2 во делот: “Дирекција за храна и Управа за ветеринарство” од Законот.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со иницијативата се оспорува член 130 став 2 во делот: “Дирекција за храна и Управа за ветеринарство” од Законот за заштита на потрошувачите, со наводи дека наведените правни лица повеќе не постоеле во правниот промет, затоа што согласно член 141 од Законот за безбедност на храната, Агенцијата за храна и ветеринарство е правен наследник на Управата за ветеринарство и Дирекцијата за храна.

Од наводите во иницијативата, всушност произлегува дека со иницијативата се бара Уставниот суд да изврши корекција на оспорениот дел од одредбата на членот од Законот за заштита на потрошувачите, односно да изврши негово усогласување со членот 141 од Законот за безбедност на храната.

5. Имајќи ги предвид утврдените надлежности на Уставниот суд од член 110 на Уставот, Судот оцени дека во конкретниот случај се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата со оглед дека наводите се сведуваат на барање за постапување кое е во надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд. Законодавецот е орган чија надлежност е да ги креира прописите, ги менува и дополнува, а воедно и врши технички исправки и корекции на прописите кои ги донесува.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.88/2016
31 мај 2016 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева