87/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеите 1 и 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 октомври 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 28 став 1 точките 8 и 9 од Законот за просветната инспекција („Службен весник на Република Македонија“ бр. 52/2005 и 81/2008).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за:

a) оценување на уставноста на член 29 став 1 точките 4 и 5 од Законот означен во точка 1 на ова решение и

б) меѓусебната согласност на член 28 став 1 точките 8 и 9 и член 29 став 1 точките 4 и 5 од Законот за просветната инспекција со член 1 ставовите 1 и 2 од Законот за работните односи и со член 1 ставовите 1 и 2 од Колективниот договор за средното образование во Република Македонија.

3. Мислим Дачи од Дебар, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точка 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорените одредби биле во спротивност со член 32 став 5 од Уставот, односно со член 1 ставовите 1 и 2 од Законот за работните односи и член 1 ставовите 1 и 2 од Колективниот договор за средното образование во Република Македонија. Имено, оспорените одредби, со кои се предвидувало овластување на државниот просветен инспектор, односно овластениот просветен инспектор при вршењето на надзор, да предлага поведување на дисциплинска постапка против вработените во државните и приватните воспитно-образовни установи, ученичките и студентските домови, високообразовните и научните установи, односно против вработените во воспитно-образовните установи основани од општината, односно градот Скопје и да предлага отстранување од работното место во случаите утврдени со овој закон, значеле дуализам во регулирањето на правата и обврските од работен однос, а посебно по однос на одговорноста на работникот. Според подносителот на иницијативата, законодавецот односите во областа на трудот, согласно член 32 став 5 од Уставот, ги уредил со Законот за работните односи, со кој на единствен начин биле уредени правата и обврските за сите работници и за секој работодавач дефиниран согласно член 5 став 1 точка 3 од Законот, кој вработува работници врз основа на договор за вработување. Во оваа смисла, со Законот за работните односи на општ начин бил регулиран и институтот отстранување од работа, со утврдување на случаите, односно причините поради кои работникот можел да биде отстранет од работа од кај работодавачот.

Поради наведениот дуализам, се предлага Уставниот суд да ги укине оспорените одредби како неуставни.

4. Судот на седницата утврди дека според член 28 точка 8 од Законот за просветната инспекција, државниот просветен инспектор при вршењето на надзор е овластен да предлага поведување на дисциплинска постапка против вработените во државните и приватните воспитно-образовни установи, ученичките и студентските домови, високообразовните и научните установи, а според точката 9 на истиот член, тој е овластен да предлага отстранување од работното место во случаите утврдени со овој закон.

Според член 29 точка 4 на истиот закон, овластениот просветен инспектор при вршењето на надзор е овластен да предлага поведување на дисциплинска постапка против вработените во воспитно-образовните установи основани од општината, односно градот Скопје, а според точка 5 на истиот член, тој е овластен да предлага отстранување од работното место во случаите утврдени со овој закон.

5. Согласно член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Согласно член 1 од Законот за просветната инспекција, со овој закон се уредуваат организацијата, надлежностите и овластувањата на просветната инспекција, што ја врши Државниот просветен инспекторат и овластените инспектори на општината и на градот Скопје (во натамошниот текст: просветни инспектори). Вршењето просветен инспекциски надзор, според член 2 на истиот закон, опфаќа надзор на квалитетот на образовниот процес и ефективноста преку евалуација на работата на воспитно-образовните установи во основното и средното образование и вршење надзор над примената на законите, другите прописи и општи акти од областа на воспитанието и образованието. Просветен инспекциски надзор се врши во: основните училишта, средните училишта, детските градинки, установите за образование на возрасните, установите за образование и оспособување на ученици со посебни образовни потреби (во натамошниот текст: воспитно-образовни установи). Во високообразовните и во научните установи инспекциски надзор се врши над примената на законите со кои се уредува високообразовната и научната дејност, за прашања утврдени со овој закон. Инспекциски надзор се врши и над извршувањето на законите, другите прописи и акти со кои се уредуваат ученичките и студентските домови.

Овластувањата и одговорностите на просветниот инспектор се утврдени во членовите 28 и 29 на овој закон. Така, во член 28, помеѓу другите овластувања на државниот просветен инспектор при вршењето на надзор, се утврдува овластување да предлага поведување на дисциплинска постапка против вработените во државните и приватните воспитно-образовни установи, ученичките и студентските домови, високообразовните и научните установи (точка 8) и да предлага отстранување од работното место во случаите утврдени со овој закон (точка 9).

Со член 29 на овој закон, помеѓу другото, овластениот просветен инспектор при вршењето на надзор е овластен да предлага поведување на дисциплинска постапка против вработените во воспитно-образовните установи основани од општината,односно градот Скопје (точка 4) и да предлага отстранување од работното место во случаите утврдени со овој закон (точка 5).

Согласно член 30 од овој закон, просветниот инспектор предлага до раководниот орган на воспитно-образовната установа, ученичкиот и студентскиот дом, високообразовната и научната установа, мерка отстранување на вработен од работно место ако врз основа на факти при вршење на надзорот утврдил дека постои основано сомнение дека наставник и други вработени во воспитно-образовниот процес сториле повреда со тоа што:
– се зависници од дрога, односно алкохол,
– наведуваат ученици, студенти за уживање на дрога или на конзумирање алкохол или на истите им продавале дрога или алкохол,
– не презема мерки за спречување на учениците и студентите од уживање на дрога, односно конзумирање алкохол, доколку знаеле за ваква појава во воспитно-образовните установи,
– вршат физичко и психичко малтретирање врз деца, ученици и студенти,
– наведуваат кон сексуална злоупотреба или сексуално злоупотребуваат ученик, студент или вработен и
– прават повреда при наплатување и распределба на финансиските средства.
Просветниот инспектор до органот кој го избира директорот на воспитно-образовната установа, високо-образовната и научната установа, ученичкиот и студентскиот дом предлага мерка отстранување од работното место, ако врз основа на факти при вршењето на надзорот утврдил дека постои основано сомневање дека директорот сторил повреда од ставот 1 на овој член.

Според член 31 од Законот, за извршениот надзор, утврдените состојби, преземените дејства и преземените мерки, просветниот инспектор составува записник. Доколку просветниот инспектор утврди дека не се применуваат законите, прописите и другите акти, донесува решение со кое се наредува извршување на определени мерки во одреден рок кој го определува инспекторот, а кој рок не може да биде подолг од 15 дена од денот на донесувањето на решението. Записникот и решението државниот просветен инспектор ги доставува до воспитно-образовната установа, ученичкиот и студентскиот дом, високообразовната и научната установа каде што е извршен инспекцискиот надзор, до Министерството за образование и наука и до директорот на Државниот просветен инспекторат, во рок од 15 дена од денот на извршениот инспекциски надзор. Записникот и решението овластениот просветен инспектор ги доставува до воспитно-образовната установа, ученичкиот дом каде што е извршен инспекцискиот надзор, до советот на општината, односно Советот на градот Скопје, во рок од 15 дена од денот на извршениот инспекциски надзор. Установата од ставовите 1 и 2 на овој член во која што е извршен надзорот е должна за преземените мерки за отстранување на недостатоците во работата наредени со решението да го извести надлежниот инспектор во дадениот рок од денот на приемот на решението.

Од наведената законска регулатива произлегува дека Законот за просветната инспекција е во функција на дефинирање и прецизирање на организацијата, надлежностите и овластувањата на просветната инспекција што ја врши Државниот просветен инспекторат и овластените инспектори на општината и на градот Скопје, во однос на надзорот над квалитетот на образовниот процес и ефективноста преку евалуација на работата на основните училишта, средните училишта, детските градинки, установите за образование на возрасните, установите за образование и оспособување на ученици со посебни образовни потреби, преку инспекциски надзор во високообразовните и во научните установи над примената на законите со кои се уредува високообразовната и научната дејност за прашања утврдени со овој закон, како и преку инспекциски надзор над извршувањето на законите, другите прописи и акти со кои се уредуваат ученичките и студентските домови. Во таа смисла, законодавецот пропишал и овластувања за просветните инспектори да предлагаат поведување на дисциплинска постапка против вработените во државните и приватните воспитно-образовни установи, ученичките и студентските домови, високообразовните и научните установи и воспитно-образовните установи основани од општината, односно градот Скопје и да предлагаат отстранување од работното место на наставник и други вработени во воспитно-образовниот процес во случаите утврдени со член 30 на овој закон. За извршениот надзор, утврдените состојби, преземените дејства и преземените мерки, просветниот инспектор составува записник кој го доставува до воспитно-образовната установа, ученичкиот и студентскиот дом, високообразовната и научната установа каде што е извршен надзорот, до Министерството за образование и наука и до директорот на Државниот просветен инспекторат, кои преземаат натамошни мерки во рамките на своите овластувања.

Оспорените мерки кои ги предлага просветниот инспектор за надминување на констатираните повреди и пропусти при вршење на инспекциски надзор над работата во определените воспитно-образовни установи, а кои значат предлог за поведување постапка за отстранување на работник од работно место во законски пропишана постапка, се во согласност со уставната одредба на која се повикува подносителот на иницијативата (член 32 став 5 од Уставот), а според која остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор. Имено, токму ваквата уставна определба била основ законодавецот, во посебен закон со кој ја уредува просветната инспекција, да ги определи случаите кога може да биде отстранет од работа наставник или друго лице вработено во образовно-воспитниот процес.

Фактот што со Законот за работните односи, како lex generalis, се уредуваат работните односи и правата и обврските на работниците и работодавачите, во која смисла и одговорноста на работникот, не претставува пречка законодавецот во рамките на своите уставни овластувања (член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот) со други закони да доуреди одредени прашања, како што впрочем е и случајот со предметниот закон и тоа не претставува повреда на Уставот.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека се неосновани наводите во иницијативата дека со оспорените законски одредби со кои се пропишува овластување за просветниот инспектор да предложи отстранување од работното место на наставник и други вработени во воспитно-образовниот процес во случаите утврдени со овој закон, се воведувал дуализам во законската регулатива од областа на работните односи, во делот за одговорноста на работникот, како прашање кое било уредено со Законот за работните односи, на единствен и општ начин за сите вработени и работодавачи, поради што не го постави прашањето за согласноста на овие одредби со член 32 став 5 од Уставот,.

6. Според член 28 алинеите 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето или ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд, со Решение У. бр. 67/2007, покрај другото, ја ценел уставноста и на член 29 од Законот за просветната инспекција, од аспект на прашањето дали одредени прашања кои веќе биле уредени со Законот за организација и работа на органите на државната управа можеле подоцна поинаку да се уредуваат или преуредуваат со Законот за просветната инспекција и дали овластените инспектори на општината и на градот Скопје, имале уставна основа за вршење на наведениот надзор, пропишан со овој закон, при што оценил дека не постојат елементи на неуставност на истата. Со оглед дека истиот член од Законот повторно се оспорува со оваа иницијатива, од причини наведени и образложени во точка 5 на ова решение, за кои, според Судот, не постојат елементи на неуставност на оваа одредба, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата за оценување на уставноста на член 29 од Законот за просветната инспекција.

Наводите во иницијативата дека оспорените одредби од Законот за просветната инспекција биле во спротивност со член 1 ставовите 1 и 2 од Законот за работните односи и со член 1 ставовите 1 и 2 од Колективниот договор за средното образование во Република Македонија, всушност претставуваат барање за оцена на меѓусебната согласност на два закона, односно за согласност на закон со колективен договор. Тргнувајќи од содржината на член 110 од Уставот на Република Македонија, а во контекст на изнесените наводи од иницијативата, Уставниот суд не е надлежен да ја оценува меѓусебната усогласеност на одредби од два закона, односно согласноста на закон со колективен договор, поради што Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата во овој дел.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.87/2009
21 октомври 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски