87/2008-0-0

Вовед

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 23 став 2 точка 5 во делот

2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти и дејствија што се донесени, односно преземени врз основа на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Никола Чокревски, адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста оспорената одредба.

Според иницијативата, оспорената точка 5 од наведената одредба од Законот, во делот „правосилно е осуден за кривично дело за безусловна казна затвор од најмалку шест месеци или„, не била во согласност со членот 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4, членот 9, членот 13 став 1, членот 14 став 1, членот 23, членот 32 став 2 и членот 51 од Уставот на Република Македонија. Ова поради тоа што со оспорениот дел од законската одредба, по сила на закон, а не како казна, забрана, што ја изрекува судот во рамките на видовите на кривичните санкции, лицето не можело да врши одредена професија (дејност) односно го губел тоа право, со што се повредувале наведените одредби од Уставот. Со оспорената одредба од Законот се вршело ограничување на правата на граѓаните без уставна основа за тоа. Имено не биле конкретно наведени кривичните дела ниту фактот дали тие биле во некаква врска со адвокатската дејност или лицето извршило дело пред да стане адвокат, а постапката била поведена или пресудата станала правосилна кога лицето веќе се впишало во комората и станало адвокат, па според одредбата од Законот, требало да му престане дејноста адвокат. Со оспорената одредба граѓанинот не бил заштитен од попречувањето да ја врши дејноста адвокат дури и во случаи кога кривичното дело немало никаква врска со оваа функција.

Со иницијативата, исто така, се бара Судот да донесе и решение за времена мерка, односно да го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одредба од Законот.

4. Судот на седницата утврди дека според членот 23 став 2 точка 5 од Законот, правото на вршење адвокатска дејност на адвокатот му престанува ако правосилно е осуден за кривично дело за безусловна казна затвор од најмалку шест месеци или ако му е изречена мерка на безбедност забрана за вршење адвокатска дејност.

5. Според членот 8 став 1 алинеи 1 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со одредбата од членот 13 став 1 од Уставот е определено дека лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Со членот 14 став 1 од Уставот е определено дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според членот 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Од анализата на оспорениот дел од одредбата од Законот, Судот оцени дека осудуваноста на адвокатот е основ да му престане правото на вршење адвокатска дејност. Имено, со оспорената одредба од Законот е предвидено правото на вршење адвокатска дејност на адвокатот да му престане ако правосилно е осуден за кривично дело на обезусловна казна затвор од најмалку шест месеци, меѓутоа одредбата се однесува генерално за наведените лица во случај кога се осудени за сторени кривични дела и на кои им се изречени санкции, без оглед на видот на кривичното дело и неговата природа.

Според Судот, со оспорениот дел од одредбата од Законот, се ограничува по сила на закон правото на едно лице да продолжи да ја врши дејноста, односно му се ограничува на авокатот правото да ја врши адвокатската дејност и во случаи кога кривичното дело за кое тоа лице е осудено не е во никаква врска со вршењето на оваа дејност, па оттука формулацијата на оспорената одредба е недоволно прецизна и јасна и како таква не обезбедува правна сигурност на граѓаните што е еден од елементите на уставниот принцип на владеењето на правото.

При оценување на уставноста на оспорениот дел од членот 23 став 2 точка 5 од Законот, основен критериум е постоењето на двата принципа на казнено-правниот однос утврден и во членовите 13 став 1 и 14 став 1 од Уставот, а тоа се, прво, дека казната може да се изрече само со судска одлука и второ, дека за извршено казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или друг пропис.

Имајќи ги предвид изнесените одредби од Уставот, како и содржината на оспорениот дел од одредбата од Законот, во конкретниов случај станува збор за ограничување на правата на граѓаните како последица од осуда за кривично дело која настапува по сила на закон. Меѓутоа, казнено-правниот однос се исцрпува на релација казниво дело и судски изречена казна за сторителот, а натамошните последици од неговото извршување, односно од осудата за тоа дело која се состои во ограничување на права на граѓаните не е допуштена, освен ако тоа не е изрично утврдено со Уставот.

Со оглед на изнесеното пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел од одредбата од Законот со членот 8 став 1 алинеи 3 и 4, членот 9 став 2, членот 13 став 1, членот 14 став 1 и членот 51 од Уставот.

6. Во однос на барањето во иницијативата за времена мерка, Судот утврди дека постојат услови согласно членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, да се запре извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорениот дел од одредбата од Законот, со оглед на тоа што престанокот на вршењето на адвокатската дејност на адвокатот по сила на закон, е последица која е на штета на неговите работни права и интереси како едни од елементарните права на човекот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.87/2008
20 ноември 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски