87/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 30 јуни 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 48 став 3 и 5 од Законот за внатрешни работи (“Службен весник на СРМ” бр.37/80, 24/88, 36/90, 40/90, 36/91 и “Службен весник на Република Македонија” бр.19/92).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Борнаров Владислав од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на оспорените одредби од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со нив се допуштале пропусти и субјективизам во одлучувањето за статусот овластен работник, со што се повредувало уставното начело на еднаквост.
3. Судот на седницата утврди дека во член 48 од Законот е предвидено определени работници во органите на управата надлежни за внатрешни работи да имаат посебни должности и овластувања-овластени службени лица. Понатаму, во овој член се определени кои работници се сметаат за овластени службени лица, при што во оспорениот став 3 од овој член е дадено овластување на министерот за внатрешни работи да пропише и други работници во органите на управата надлежни за внатрешни работи да имаат својство на овластени службени лица, ако вршат криминалистичко-технички работи и вештачење на службата за јавна безбедност, ако вршат оперативно-аналитички работи, ако работат на посебни задолженија сврзани со техничките работи на врските или ако раководат со организациони единици. Во оспорениот став 5 од овој член е предвидено дека како овластени службени лица се сметаат и лицата кои за такви се определени со овој закон.
Врз основа на оспорениот став 3 на член 48 од Законот министерот за внатрешни работи со правилник ги определил работниците што имаат својство на овластени службени лица.
Од изнесените законски одредби произлегува дека овластените службени лица пред се се утврдени со законот, а министерот со општ акт може да определи и други работници да имаат вакво својство, но само ако вршат работни задачи определени со закон.
4. Според член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Од изнесеното произлегува дека постои уставен основ со закон да се уреди остварувањето на правата на вработените и нивната положба, а во тие рамки и посебен статус на определени работници, во зависност од нивните работни должности и овластувања.
Споиред член 95 од Уставот, државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон, а организацијата и работата на органите на државната управа се уредува со закон. Органите на државната управа, согласно член 96 од Уставот, работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Според член 116 од Законот за органите на управата министерството за внатрешни работи ги врши работите што се однесуваат на државната и јавната безбедност, а со министерството, според член 137 став 1 од овој закон, раководи министер, кој покрај другото го претставува органот, донесува прописи и други акти за кои е овластен и одлучува, во согласност со закон, за правата, должностите и одговорностите на работниците во вршењето на службата, доколку со закон не е поинаку определено.
Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека министерот за внатрешни работи, кој раководи со министерството за внатрешни работи, може да донесува прописи и други акти за извршување на законите, само доколку е изречно овластен со закон и доколку со законот се утврдени рамките на неговото овластување.
Во конкретниот случај со оспорените одредби од Законот е овластен министерот да пропишува определени работници да имаат својство на овластени службени лица во согласност со видот на работните задачи утврдени со закон.
Според тоа, Судот оцени, дека со Законот и со општиот акт на министерот се утврдени објективни критериуми за определување на својството овластено службено лице и дека не се повредува уставното начело за еднаквост утврдено во член 9 од Уставот, затоа што министерот определувањето на својството овластено службено лице не го врши по субјективна оцена, туку врз основа на пропишаните услови и критериуми кои се однесуваат за сите еднакво, односно определувањето на ова својство зависи од видот на работните задачи што ги врши работникот, а не во зависност од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 48 став 3 и 5 од Законот со означените уставни одредби.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.