86/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија,врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 и член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија ( „Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 28 мај 2014 година , донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 5 став 3, поднасловот: „Одговорност за штета“ и член 13, поднасловот: „Претходна постапка“ и член 17 и член 18 став 2, во делот: „по претходно писмено предупредување до вршителот на вознемирувањето“ од Законот за заштита од вознемирување на работно место („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2013).

2.СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот за поведување постапка за оценување на уставноста на поднасловот: “Злоупотреба на правата” и член 16 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3.Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорените законски одредби на член 5, 17 и 18 од Законот не се обезбедувала уставната заштита при работењето, од причина што претходно се барало писмено предупредување од страна на вознемиреното лице.
Подносителот на иницијативата смета дека не може според оспорените законски одредби да се бара од вработените сами да го воспоставувале работниот ред и дисциплина меѓу себе и према работодавачот, бидејќи тоа било надлежност и должност на работодавачот.
Од овие причини оспорените законски одредби биле во спротивност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9, член 10 став 1, член 11, член 25, член 32 став 1 и член 51 од Уставот.
Според подносителот на иницијативата оспорениот член 13 од Законот е неодржлив од уставно-правен аспект од причина што ако на работникот му била предизвикана штета при работата или во врска со работата, работодавачот бил должен да му ја надомести штетата според општите правила на одговорност за надомест на штетата, а не како што било пропишано со оспорената законска одредба. Обврската на работодавачот да ја надомести штетата која како последица на вознемирувањето на работно место била предизвикана на вработен произлегува од член 29 на истиот закон. Оттука, оспорениот член 13 бил во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.
Оспорениот член 16 од Законот, бил во спротивност со член 30 од истиот закон и истовремено истиот бил нејасен и непрецизен бидејќи не можело да се утврди кои се последиците од сторената злоупотреба на правата од член 16 од Законот што биле спротивни на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Од наведените причини се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените законски одредби.
4.Судот на седницата утврди дека според член 5 став 3 од Законот однесувањето од ставовите (1) и (2) на овој член се смета за психичко, односно полово вознемирување на работното место, доколку не престанало и по писменото предупредување од страна на вознемируваното лице дека му пречи однесувањето на вршителот на вознемирувањето и дека ќе го смета за вознемирување на работно место.
Во член 13 од Законот, со наслов:“ Одговорност за штета“, се предвидува дека за штетата која како последица на вознемирување на работно место е предизвикана на вработен кој работодавачот од страна на одговорно лице кај работодавачот- правно лице, работодавач – физичко лице, вработен или група вработени или трето лице со кое вработениот или работодавачот доаѓа во контакт при извршувањето на работите на работното место, одговара секое од овие лица поединечно за предизвиканата штета.
Членот 16 од Законот, со наслов:“ Злоупотреба на правата“, содржи дека злоупотребите на правата на вознемирување на работно место врши вработен кој знаел или морал да знае дека не постојат причини за поведување на постапка за заштита од вознемирување на работно место, а повел или иницирал поведување на ваква постапка, со цел за себе или за друг да прибави материјална или нематеријална корист или да нанесе штета на друго лице.
Во членот 17 од Законот, со наслов:“ Претходна постапка“ е предвидено дека вработениот или лицето ангажирано со договор кое учествува во работата кај работодавачот, а кое сметаат дека е изложено на вознемирување на работното место, треба писмено да се обрати до лицето за кое сметаат дека го вознемирува и да му укаже дека неговото однесување е несоодветно, неприфатливо и несакано, а со цел на решавање на спорната состојба, односно случај без поведување на постапка за заштита од вознемирување на работно место и да го предупреди дека ќе побара законска заштита ако таквото однесување веднаш не престане.
Според член 18 став 2 од Законот, вработениот кој смета дека е изложен на вознемирување од страна на работоводен орган во правното лице или физичко лице како работодавач, може да поднесе тужба пред надлежниот суд по претходно писмено предупредување до вршителот на вознемирувањето, без претходна постапка за заштита од вознемирување на работно место кај работодавачот.

5. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото.
Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 10 став 1 од Уставот, животот на човекот е неприкосновен.
Во член 11 од Уставот е предвидено дека физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени. Се забранува секој облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување. Се забранува присилна работа.
Според член 25 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.
Согласно член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална безбедност за време на привремена невработеност.
Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Законот за заштита од вознемирување на работно место ги уредува правата, обврските и одговорностите на работодавачите и вработените во врска со спречување на психичко и полово вознемирување на работното место и местото на работа, мерките и постапката за заштита од вознемирување на работно место, како и другите прашања кои се однесуваат на спречувањето и заштитата од вознемирување на работно место (член 1).
Според оспорениот член 5 од Законот:
(1) Психичко вознемирување на работно место, во смисла на овој закон, е секое негативно однесување од поединец или група кое се повторува, континуирано и систематски, претставува повреда на достоинството, интегритетот, угледот и честа на вработениот ипредизвикуа чувство на страв или создава непријатност, пониженост, чија крајна цел може да биде повреда на физичкото и менталното здравје, компромитирање на професионалната иднина на вработениот, престанок на работниот однос или напуштање на работното место.
(2) Полово вознемирување, во смисла на овој закон, е секое вербално, невербално или физичко однесување од полов карактер, кое има за цел или претставува повреда на достоинството на кандидатот за вработување или на вработениот, а кое предизвикува чувство на страв или создава непријатност, пониженост.
(3) Однесувањето од ставовите(1) и (2) на овој член се смета за психичко, односно полово вознемирување на работното место, доколку не престанало и по писменото предупредување од страна на вознемируваното лице дека му пречи однесувањето на вршителот на вознемирувањето и дека ќе го смета за вознемирување на работно место.
(4) Вознемирување на работно место претставува и поттикнување или наведување на однесување во смисла на ставовите (1) и (2) на овој член.
Во оспорениот член 17 вработениот или лицето ангажирано со договор кое учествува во работата кај работодавачот, а кое сметаат дека е изложено на вознемирување на работното место, треба писмено да се обрати до лицето за кое сметаат дека го вознемирува и да му укаже дека неговото однесување е несоодветно, неприфатливо и несакано, а со цел за решавање на спорната состојба, односно случај без поведување на постапка за заштита од вознемирување на работно место и да го предупреди дека ќе побара законска заштита ако таквото однесување веднаш не престане.
Со членот 18 од Законот:
(1) Вработениот или лицето ангажирано со договор кој учествува во работата кај работодавачот, кој смета дека е изложено на вознемирување, пред поднесувањето на тужба пред надлежен суд поднесува писмено барање за заштита од вознемирување на работно место до работодавачот, согласно со овој закон.
(2) Вработениот кој смета дека е изложен на вознемирување од страна на работоводен орган во правното лице или визичко лице како работодавач, може да поднесе тужба пред надлежниот суд по претходното писмено предупредување до вршителот на вознемирувањето, без претходна постапка за заштита од вознемирување на работно место кај работодавачот.
Со сите наведени оспорени одредби се оспорува делот во кој е содржано условувањето со писмено предупредување од страна на вознемиреното лице.
Од анализата на наведените уставни и законски одредби, според Судот, оспорените членови од Законот не можат да се доведат под сомнение по однос на уставните норми на кои се укажува во иницијативата.
До ваква констатација се доаѓа, пред се, од причина што членот 5 од Законот го утврдува поимот, односно дефинирањето што се смета за психичко и полово вознемирување на работно место. Содржината и елементите на дефинирањето на психичкото вознемирување се соодветни на постојните елементи на дефинирањето на вознемирувањето на работното место кои се утврдени во Законот за работните односи, поточно во член 9-а став 3 од Законот.
Оттука, при утврдување на содржината на оспорените членови 5, 17 и 18 став 2 од Законот, законодавецот тргнува од фактот дека секое лице кое вознемирува потребно е претходно да биде предупредено од вознемиреното лице за таквиот начин на однесување, односно за таквото постапување.
Предвиденото писмено предупредување од страна на вознемируваното лице дека му пречи однесувањето на вршителот на вознемирувањето, според Судот, има исклучиво превентивен карактер и има за цел спречување на вознемирувањето на работното место во претходна постапка, без понатамошно водење на постапка за заштита од вознемирување на работно место кај работодвач. Според Судот, на тој начин се овозможува брзо и ефикасно спречување на последиците од вознемирување на работното место кај работодавачот, без притоа да се води постапка за заштита од вознемирување, која децидно е утврдена во Глава IV од Законот, како и воопшто спречување на поведување на судски спор, односно судска постапка.
Според Судот, оспорените одредби на член 5 став 3, член 17 и член 18 став 2 од Законот не се во спротивност со одредбите од Уставот на кој упатува подносителот на иницијативата, од причина што самото предупредување не претставува повреда на темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, ниту пак повреда на правото на работа и слободен избор, заштита при работа бидејќи секој има право да биде известен за определено свое однесување на кој начин му се дава можност да истото го корегира, а со што истовремено се обезбедува ефикасност во работењето.
Оспорениот член 13 од Законот, кој е поместен во Глава II од Законот, со наслов: „Права, обврски и одговорности на работодавачи“ и со поднаслов: „Одговорност за штета“, го уредува прашањето во врска со одговорностите за штета во случај на вознемирување на работно место.
Од анализата на содржината на целината на Законот, како и на оспорениот член 13, Судот оцени дека неосновани се тврдењата во иницијативата дека оваа оспорена законска одредба е неодржлива од уставно – правен аспект. Ова од причина што со истата се врши зајакнување на личноста, односно поединечната одговорност на вршителите на вознемирување на работно место, кое како обврска е веќе предвидена во членот 9 од Законот, во кој се регулирани општите правила за однесувањето на работодавачот и вработениот при работа.
Така, според член 9 од Законот:
(1) Работодавачот, вработениот, како и лицата ангажирани со договори кои учествуваат во работата кај работодавачот, се должни при работата да се однесуваат на начин со кој се почитува достоинството, интегритетот и угледот на вработените преку почитување на правилата на работниот ред и дисциплина кај работодавачот и општите правила на однесувања од ставовите (2) и (3) на овој член.
(2) Работодавачот во текот на работата треба да:
– обезбеди услови во кои работата ќе се врши во атмосфера за заемно почитување, соработка, без непријателско, понижувачко или навредливо однесување,
– развива свест кај вработените за потребата од заемно почитување и тимска работа во извршувањетона работните задачи и
– им овозможи на вработените право да изнесуваат свои ставови, мислења и предлози во врска со вршењето на работата на работното место, а поради тоа вработените да не трпат штетни последици.
(3) Вработениот, како и лицата ангажирани со договори кои учествуваат во работата кај работодавачот во текот на работата треба да:
– се однесуваат коректно, пристојно и достоинствено спрема другите вработени и работодавачот,
– придонесуваат за создавање на работна околина во која нема да има вознемирување на работното место и
– придонесуваат за превенција и спречување на вознемирување на работното место.
Од содржината на цитираната одредба од Законот јасно произлегува дека секој поединечно одговара за своите постапки, односно секој од вршителите на вознемирување на работно место за штетата која е предизвикана со вознемирувањето на работно местона работник кај работодавачот од страна на одговорно лице кај работодавач – правно лице, работодавач – физичко лице, вработен или група вработени или трето лице со кое вработениот доаѓа во контакт на работното место.
Имено, оваа оспорена одредба од Законот упатува токму на фактот дека секое од овие наведени лица во член 13 од Законот, одговара поединечно за предизвиканата штета поради вознемирување на работно место, која се утврдува во судската постапка за заштита од вознемирување на работно место. Поединечната одговорност произлегува од обврските кои се предвидени во членот 9 од Законот, кои треба да се исполнуваат во смисла на почитување на правилата за однесување како на работодавачот, така и на вработените при работа, што значи дека сите вработени при работата и работењето треба да се однесуваат на начин на кој ќе се почитува достоинството, интегритетот и угледот на вработените преку почитување на правилата на работниот ред и дисциплина кај работодавачот.
Поради наведените аргументи Судот оцени дека оспорениот член 13 од Законот е уставно оправдан и не е во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, односно со принципот на владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните на Република Македонија, како дел од овој принцип.
6.Подносителот на иницијативата ја оспорува одредбата на член 16 заедно со понасловот: “Злоупотреба на правата” од Законот која се однесува на злоупотреба на правата на вознемирување на работно место, меѓутоа истата ја спори vis a vis членот 30 од истиот Закон според кој поведувањето на постапката за заштита од вознемирување на работното место, како и учество во таа постапка како сведок, не може да биде основ за ставање на вработениот во понеповолна положба во поглед на остварување на правата и обврските од работниот однос.
Според Судот, иницијативата по однос на поведување постапка за оценување на уставноста на член 16 од Законот, треба да се отфрли во смисла на член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, од причина што Уставниот суд не е надлежен да ја цени меѓусебната согласност на законските одредби. Истовремено, Судот оцени дека иницијативата во овој дел, исто така, треба да се отфрли и во смисла на алинеја 3 од членот 28 од Деловникот на Уставниот суд , од причина што , подносителот на иницијативата ја оспорува содржината на членот 16 од Законот vis a vis член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, но без притоа да наведе аргументи и причини за неговата несогласност со цитираната уставна норма. Од овие причини сметаме дека постојат и процесни пречки Судот да се впушти во уставно-судска анализа на овој член од Законот.
7.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр 86/2013
28 мај 2014 година
СКОПЈЕ

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева