86/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 јули 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 25 и членот 26 од Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2008, 158/2010 и 51/2011).

2. Тони Ацев од Скопје, на Уставниот суд на Република Маккедонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата, оспорените членови од Законот, преку императивните забрани за вршење функција, должност или дејност на вработените во Агенцијата за катастар на недвижности, не биле во согласност со членот 8 од Уставот, каде слободата на пазарот и претприемништвото е утврдена како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија и не се во согласност со членот 55 од Уставот, каде децидно е определена уставната гаранција за слободата на пазарот и претприемништвото и еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот. Ова поради тоа што со оспорените одредби од Законот, спротивно на Уставот, се вршело ограничување на слободата на работа на категорија лица – вработени во Агенцијата, вон работното време, без притоа да се има предвид дека „дополнителната работа“ на граѓаните во Република Македонија е само сегмент на нивно дополнително, стручно и професионално ангажирање. Слободата на работа не смеела да се ограничи со закон, бидејќи со тоа се повредувала уставната определба за слободата на пазарот и развојот на претприемништвото. Правото на работа било едно од основните права на човекот и гаранција на економско-социјалната сигурност. Оспорените одредби од Законот вршеле ограничување на индивидуалната слобода на работникот, а доколку имало конфликт на интереси тој можел да биде индивидуално санкциониран, а не да се пропишувало општа законска забрана за работа. Правото на дополнителна работа на лекарите, кое било законски уредено, аналогно требало да се следи и во Законот за катастар на недвижности. Во иницијативата, исто така, се наведува дека забраната на вработените во Агенцијата и нивно врзување кон работното место е во дирекна колизија со економските права и слободи утврдени во Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 25 од Законот е предвидено:

„1) Вработениот во Агенцијата не смее да врши никаква друга функција, должност или дејност поврзана со остварување на профит која е во судир со извршувањето на неговите работни обврски.

2) Вработениот во Агенцијата не смее да се регистрира како трговец поединец овластен геодет, ниту да врши дејност како сопственик или партнер во трговското друштво за геодетски работи.

3) Вработениот во Агенцијата не смее да врши работи од надлежност на трговците поединци овластени геодети и трговските друштва за геодетски работи од ставот 2 на овој член“.

Во членот 26 од Законот е предвидено:

„1) Ако се утврди дека лицата вработени во Агенцијата постапуваат спротивно на членот 25 од овој закон им престанува работниот однос во Агенцијата со решение кое го донесува директорот на Агенцијата.

2) Против решението за престанок на работниот однос од ставот 1 на овој член, помошните работници имаат право на приговор до Управниот одбор на Агенцијата“.

4. Според членот 8 став 1 алинеја 7 од Уставот на Република Македонија, слободата на пазарот и претприемништвото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа и слободен избор на вработување, а според ставот 5 на овој член од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Со членот 55 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.

Согласно членот 58 став 2 од Уставот, учеството во управувањето и одлучувањето во јавните установи и служби се уредува со закон и врз принципите на стручност и компетентност.

Согласно членот 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Законот за катастар на недвижности, во членот 1 определил дека со овој закон се уредуваат основните геодетски работи, премерот на недвижностите во функција на катастарот на недвижностите, востановувањето и одржувањето на катастарот на недвижностите, државните топографски карти, регистарот на просторни единици, содржина и управување со податоците од Геодетско-катастарскиот информационен систем на Република Македонија, воспоставувањето, одржувањето и јавниот пристап до Националната инфраструктура на просторните податоци, како и основањето на Агенција за катастар на недвижности.

Според членот 3 од овој закон, востановувањето и одржувањето на катастарот на недвижностите, управувањето со Геодетско-катастарскиот информационен систем, како и воспоставувањето, одржувањето и јавниот пристап до Националната инфраструктура на просторните податоци се работи од јавен интерес.

Национална инфраструктура на просторни податоци е збир на активности со кои се овозможува квалитетно прибирање, водење, размена и користење на геореференцираните просторни податоци.

Според членот 6 од овој закон, Агенцијата за катастар на недвижности се основа за вршење на работите на востановувањето и одржувањето на катастарот на недвижностите, управувањето со Геодетско-катастарскиот информационен систем, како и воспоставувањето, одржувањето и јавниот пристап до Националната инфраструктура на просторните податоци.

Агенцијата има својство на правно лице со права, обврски и одговорности утврдени со овој закон, има статут, седиште во Скопје и за својата работа одговара пред Владата на Република Македонија.

Во членот 8 од овој закон, се определени надлежностите на Агенцијата: – формирање и управување со Геодетско-катастарскиот информационен систем; – вршење на основни геодетски работи и премер на недвижности; – запишување на правата на недвижностите; – востановување и одржување на катастарот на недвижностите; – геодетски работи за посебни намени од значење за Република Македонија утврдени од Владата на Република Македонија; – изготвување на државни топографски карти; – водење регистар на просторни единици; – воспоставување, одржување и овозможување јавен пристап до Националната инфраструктура на просторните податоци; и вршење надзор на работењето на трговците поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи.

Според членот 21 од овој закон, стручната служба на Агенцијата ја сочинуваат државните службеници и помошните работници.

За државните службеници се применуваат одредбите од Законот за државните службеници, а за помошните работници се применуваат одредбите од Законот за работните односи, прописите од областа на здравственото, пензиското и инвалидското осигурување и Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија и Колективниот договор на Агенцијата.

Со оспорените одредби од членовите 25 и 26 од овој закон, се регулирани одредени обврски на вработените во Агенцијата. Имено, со овие одредби од Законот, вработените во Агенцијата не смеат да вршат дејности поврзани со остварување на профит кои се во судир со извршувањето на нивните работни обврски, потоа, вработените не смеат да се регистрираат како трговец поединец овластен геодет, ниту да врши дејност како сопственик или партнер во трговско друштво за геодетски работи и вработените во Агенцијата не смеат да вршат работи од надлежност на трговските друштва за геодетски работи.

Законодавецот забраната во одредбите од членовите 25 и 26 од Законот, ја определил за вработените во Агенцијата, а не и за други лица надвор од Агенцијата кои сакаат да ги вршат предметните јавни овластувања согласно со закон. Имено, во Законот за катастар на недвижности се поделени работите кои можат да ги вршат вработените во Агенцијата, од една страна, и трговците поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи, од друга страна.

Статусот и работите кои ги вршат трговците поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи, се регулирани со членовите 73 – 104 од овој закон, така што законодавецот јасно го разграничил и дефинирал работењето на лицата во Агенцијата и надвор од неа, кои се бават со работите од надлежност на катастарот на недвижностите, што е предмет на уредување на Законот за катастарот на недвижностите. Трговците поединци овластени геодети и трговските друштва за геодетски работи вршат теренски геодетски работи кои се однесуваат на основните геодетски работи и премерот, теренски геодетски работи што се однесуваат на топографските карти и геодетски работи за посебни намени кои се од влијание на одржување на катастарот на недвижностите, така што во однос на вршењето на различните работи поврзани со катастарот, не би можело да се прави споредба со лекарската пракса како дополнителна работа, на што посочува подносителот во иницијативата.

Според уставносудската анализа неспорно е дека вработените во Агенцијата вршат работи од јавен интерес утврден со закон. Вработените, во вршењето на надлежностите кои по својата специфика имаат база на податоци со документи и акти од катастарот на недвижностите, фактички нив ги востановуват, систематизираат и континуирано употребуваат во работата во Агенцијата, од што произлегува оправданоста и целисходноста на законското решение со оспорените одредби, да се спречи за вработените во Агенцијата паралелно стручно ангажирање во приватниот сектор кој врши јавни овластувања утврдени со закон од областа на катастарот на недвижносите, бидејќи и двете овластувања – во државниот и во приватниот сектор во основата на работењето се заснова на употреба на катастарски податоци и елементи во Агенцијата, без оглед што имаат различни надлежности. Секако, работењето како трговец поединец овластен геодет или во трговско друштво за геодетски работи е достапно за сите согласно со закон, па оттука и за вработените лица во Агенцијата доколку им престане работниот однос во Агенцијата. Интенцијата на законодавецот, со оспорените одредби од Законот, е да ја заштити кумулираната база и катастарска основа на недвижностите во Република Македонија во архивските и ажурирани податоци востановени во Агенцијата од неовластени интервенции и употреба за цели и интереси кои ги засегаат давателите и примателите на катастарските услуги во приватниот сектор, бидејќи со тоа би се повредил јавниот интерес на катастарот на недвижностите. Тргнувајќи од изнесените уставни и законски норми и уставносудската анализа, Судот оцени дека за оспорените одредби од членовите 25 и 26 од Законот не може основано да се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.86/2011
13 јули 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски