86/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата, одржана на 6 октомври 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 42 и член 43 став 2 од Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/2003, 17/2004, 69/2004, 81/2005, 61/2006, 36/2007, 161/2008, 6/2009, 114/2009 и 35/2010).

2. Тодор Петров од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Со иницијативата која е дополнета со поднесок доставен до Судот на 17 август 2010 година, се оспоруваат членовите 42 и 43 став 2 од Законот за државните службеници, од причина што, според подносителот на иницијативата, истите не биле во согласност со Уставот на Република Македонија.

Оспорениот член 42 од Законот бил во спротивност со член 68 став 1 алинеја 4 од Уставот на Република Македонија, од причина што висината на вредноста на бодот за платите на државните службеници морала да биде позната величина во постапката за донесување на Буџетот на Република Македонија, бидејќи поинаку не било можно утврдувањето на висината на буџетот и тоа морало да биде предмет на Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија. Имено, се смета дека без вредноста на бодот за платите на државните службеници не можело да се утврди висината на Буџетот на Република Македонија.

Со оспорениот член 43 став 2 од Законот, според иницијативата, се ограничувала самостојноста на општините и Градот Скопје во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон. Локалното финансирање, било изворно право на непосредното и преку претставници остварување на локалната самоуправа, како уставно загарантирано право на граѓаните утврдено со членот 114 став 1 од Уставот.

Подносителот на иницијативата смета дека буџетите на општините и на Градот Скопје не можеле да бидат инструмент за извршување на Буџетот на Република Македонија, ниту се дел од Буџетот на Република Македонија. Понатаму, во иницијативата се наведува дека општините биле посебни правни лица како и Градот Скопје, па граѓаните имале уставно гарантирано право на локална самоуправа според кое непосредно и преку претставници во општините и во Градот Скопје одлучувале меѓу другото и за локалното финансирање. Општините и Градот Скопје самостојно носеле посебен буџет и завршна сметка на буџетот, како и одлука за извршувањето на буџетот на општините и Градот Скопје. Оттука, произлегувало и правото со одлуката за извршување на буџетот на општината и Градот Скопје самостојно да ја утврдуваат вредноста на бодот за платата на вработените во органите на општините и Градот Скопје. Ваквата надлежност на општините и Градот Скопје била целосна и исклучива и не смеела да биде одземена или ограничена.

Поради наведените причини, се предлага и изрекување на времена мерка во смисла на член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 42 од Законот за државните службеници вредноста на бодот за платите на државните службеници се утврдува секоја година со одлука на Владата на Република Македонија на предлог на министерот за финансии, која се донесува во рок од 15 дена од денот на влегувањето во сила на Буџетот на Република Македонија, а врз основа на вкупниот број на државни службеници распоредени по соодветни звања за тековната година.

Според член 43 од истиот закон вредноста на бодот за платата на вработените во општинската администрација и во Градот Скопје за секоја година се утврдува со одлука за извршување на буџетот на општината и Буџетот на Градот Скопје (став 1). Вредноста на бодот од ставот (1) на овој член не може да биде повисока од вредноста на бодот од членот 42 на овој закон (став 2).

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 9 од Уставот на Република Македонија една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е локалната самоуправа.

Според член 114 став 4 од Уставот, општините се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и со средствата од Републиката.

Според Амандман XVI со кој се заменува ставот 5 на член 114 од Уставот, локалната самоуправа се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Законите за локално финансирање, локални избори, општински граници и за градот Скопје се донесуваат со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Според член 115 став 2 од Уставот, општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на нејзината работа го врши Републиката.

Согласно член 117 став 3 од Уставот, Градот Скопје, се финансира од сопствени избори на приходи определени со закон и со средства од Републиката, а во ставот 4 од истиот член од Уставот е предвидено дека Градот Скопје е самостоен во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на неговата работа го врши Републиката.

Законот за државните службеници во членот 1 определил дека предмет на уредување на овој закон се опфатот на државната служба, статусот, правата, должностите и одговорностите на државните службеници, системот на плати и надоместоци на плати за државните службеници, како и надлежностите на Агенцијата за државни службеници.

Според член 3 ставови 1 и 2 од истиот закон, државен службеник е лице вработено во државната служба кое врши стручни, нормативно-правни, извршни, управни, управно-надзорни, плански, материјално-финансиски, сметководствени, информатички и други работи од надлежност на органот во согласност со Уставот и со закон. Државна служба, во смисла на овој закон, се органите на државната и локалната власт и другите државни органи, основани согласно со Уставот и со закон.

Според член 5 од истиот закон, системот на плати и надоместоци уреден со овој закон се засновува на начелата на законитост, еднаквост, транспарентност, предвидливост и правичност.

Главата IV од овој закон го уредува системот на плати и надоместоци на плати за државните службеници.

Според член 33 став 2 од Законот кој е поместен во Глава IV, платите и надоместоците на плати на државните службеници се усогласуваат со средствата обезбедени во Буџетот на Република Македонија, во буџетот на општините и во буџетот на Градот Скопје.

Оспорениот член 42 од Законот, предвидува дека вредноста на бодот за платите на државните службеници се утврдува секоја година со одлука на Владата на Република Македонија на предлог на министерот за финансии, која се донесува во рок од 15 дена од денот на влегување во сила на Буџетот на Република Македонија, а врз основа на вкупниот број на државни службеници распоредени по соодветни звања за тековната година.

Во членот 43 став 1 од Законот е определено дека вредноста на бодот за платата на вработените во општинската администрација односно администрацијата на Градот Скопје за секоја година се утврдува со одлука за извршување на буџетот на општината и Буџетот на Градот Скопје. Оспорениот став 2 на членот 43 од Законот, пак, предвидува дека вредноста на бодот од ставот 1 на овој член не може да биде повисока од вредноста на бодот од членот 42 на овој закон.

Од анализата на наведените одредби од Законот за државните службеници, јасно произлегува дека начинот на утврдување на вредноста на бодот и изворот на истиот е во зависност од тоа дали станува збор за државни службеници или вработени во општинската администрација, односно администрација на Градот Скопје. Оттука, законодавецот, имајќи ја во вид уставната поставеност на локалната самоуправа и Градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа, направил дистинкција во утврдувањето на вредноста на бодот за платите на државните службеници – Буџет на Република Македонија и за вработените во општинската администрација, односно администрација на Град Скопје.

Според Судот, со содржината на оспорените одредби на член 42 и член 43 став 2 од Законот, не се суспендира, односно ограничува самостојноста на општините и Градот Скопје во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, како што се тврди во иницијативата. Утврдувањето на вредноста на бодот за платите на државните службеници е право на законодавецот, а со оспорениот став 2 на членот 43, се определува законска рамка во која единиците на локалната самоуправа можат да се движат при определувањето на вредноста на бодот за исплата на платата на општинската администрација, а се со цел да не се наруши начелото на еднаквост во однос на платата на останатите државни службеници со исто звање. Ова дотолку повеќе што државата преку Законот за државните службеници ја утврдува реалната вредност на бодот за исплата на плати на сите вработени во државната служба и истовремено има обврска да ја определи рамката за утврдување на вредноста на бодот за исплата на плата токму поради обезбедување на една од основните темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија – начелото на еднаквост.

Предвид на наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 42 и член 43 став 2 од Законот за државните службеници со одредбите од Уставот на Република Македонија на кој се повикува подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.86/2010
6 октомври 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски