У.бр.85/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 05 октомври 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 9 став 8 од Законот за заклучување на стечајните постапки отворени согласно со Законот за присилно порамнување стечај и ликвидација и Законот за стечај (”Службен весник на Република Македонија” број 12/2014).

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 на ова решение.

Во првиот дел од иницијативата, подносителот ги цитира одредбите на членот 9 ставовите 5, 6, 7 и 8 од Законот за заклучување на стечајните постапки отворени согласно со Законот за присилно порамнување стечај и ликвидација и Законот за стечај, членовите 8 и 25 од Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 61/2004, 92/2007, 102/2008, 35/2011, 53/2011, 84/2012, 188/2013, 154/2015, 192/2015 и 23/2016), членовите 7, 112 став 2 и 154 став 1 од Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Македонија“ бр. 18/2001, 92/2008, 139/2009 и 35/2010), член 221 став 3 од Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ број 55/2013, 41/2014, 115/2014, 116/2015, 153/2015 и 192/2015), како и член 2 точка 16 од Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ број 34/2006, 126/2006, 84/2007, 47/2011, 79/2013, 164/2013, 29/2014, 98/2015 и 192/2015).

Понатаму, во иницијативата се наведува дека одредбата на членот 9 став 6 од Законот за заклучување на стечајните постапки отворени согласно со Законот за присилно порамнување стечај и ликвидација и Законот за стечај, неспорно била во согласност со членот 112 став 2 од Законот за сопственост и други стварни права, и решението на стечајниот судија, како одлука на надлежен орган, претставувало основа за впишување на правото на сопственост над недвижниот имот во јавните книги во кои се впишува правото на сопственост.

Но, од содржината на оспорената одредба произлегувало дека законодавецот, на распределбата на имотот на стечајниот должник, не и дал третман на „промет“.

Ова било нејасно од повеќе причини:

Ако решението што го донесува стечајниот суд во смисла на членот 9 став 6 од наведениот закон и таа одлука претставувале основ за запишување на правото на сопственост над недвижниот имот, во тој случај се сметало дека всушност промет настанал на начин што, од дотогашниот сопственик на недвижноста („должникот“) преминува на лицето кому му е пренесено правото на сопственост врз основа на решението (одлуката) која ја донесува стечајниот судија.

Имено, се сметало дека промет настанува секогаш кога доаѓа до промена на носителот на правото кој е впишан во соодветен регистар како носител на некое право над одреден имот (движен или недвижен) и запишување на новиот носител на правото над тој имот.

Доколку не се смета за промет, во тој случај се поставувало прашањето дали воопшто настанал промет, а со тоа и дали може да дојде до промена на носителот на правото на недвижност (според членот 9 став 6 од Законот).

Под претпоставка да не се сметала за промет правната состојба регулирана со одредбата на членот 9 од наведениот закон, а во врска со оспорената одредба од тој член и закон, во тој случај, од аспект на јавните давачки, лицето кое го стекнува имотот, се ставало во повластена состојба наспрема сите други кои, доколку склучат правно дело кое има за последица промет на недвижност и за кој промет, со закон била пропишана обврска за плаќање на данок, како и наспрема сите оние други лица, кои со одлука на надлежен орган, ќе стекнат сопственост над недвижен имот за кој промет се обврзани да платат јавна давачка согласно закон. Оттука, би можело да се доведе во прашање согласноста на оспорената одредба со начелото на еднаквост пропишано со членот 9 од Уставот.

Сопственоста, во смисла на Уставот, имала уставна гаранција. Со оспорената одредба се доведувала во прашање и правната сигурност на самата сопственост над недвижниот имот кој ќе го стекне лицето со одлуката на стечајниот судија. Ова од едноставна причина што, со оспорената одредба не се сметало дека настанува промет. Во тој случај, имателот на правосилното решение, донесено од стечајниот судија, кај себе ќе имал само гола декларација од која немало да може да користи било какви права, а во смисла на Уставот, сопственоста создава права и обврски. Во смисла на ова, оспорената одредба не била во согласност со членот 30 ставовите 1 и 2 од Уставот, со што се доведувала во прашање правната сигурност на сопственоста и се повредувал членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Самата одредба била нејасна и недоволно прецизна, а во правниот промет морало да постојат норми кои ќе бидат јасни, прецизни и концизни.

Оспорената одредба не била во согласност со членот 221 став 3 од Законот за катастар на недвижности.

Имено, онака како што била конципирана оспорената одредба, а како што претходно е укажано во иницијативата, доколку се земе за утврдено дека распределбата на имотот од членот 9 (каде е и оспорената одредба) не се смета за промет, со што лицето кое го стекнува недвижниот имот врз основа на решението од членот 9 став 6 од Законот, не би требало да плати било каква јавна давачка за „промената“ на носителот на правото на сопственост во јавните книги каде се упишува правото на недвижностите, во тој случај, а во смисла на обврската од членот 221 став 3 од Законот за катастар на недвижности, останувало нејасно врз основа на кои параметри би се евидентирал „данокот на промет“ во регистрите по членот 221 став 1 од Законот за катастар на недвижности. Оттука, би можела да се доведе во прашање согласноста на оспорената одредба со членот 51 од Уставот, каде е пропишано дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Од сите наведени причини, подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената законска одредба и истата да ја укине како спротивна на Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 9 став 8 од Законот за заклучување на стечајните постапки отворени согласно со Законот за присилно порамнување стечај и ликвидација и Законот за стечај, распределбата на имотот на стечајниот должник согласно со овој член не претставува промет.

4. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за заклучување на стечајните постапки отворени согласно Законот за присилно порамнување, стечај и ликвидација и Законот за стечај, се уредуваат постапката за утврдување на правен статус на бесправен објект во стечајна постапка на имот на стечајниот должник, постапката за впаричување на имотот, како и условите за заклучување на стечајните постапки отворени согласно со Законот за присилно порамнување стечај и ликвидација (“Службен лист на СФРЈ“ број 84/89), Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија” број 55/97, 53/2000, 37/2002 и 17/2004) и Законoт за стечај („Службен весник на Република Македонија” број 34/2006, 126/2006, 84/2007 и 47/11).

Според членот 2 од Законот, предмет на постапката за утврдување на правен статус на бесправен објект во стечајна постапка претставува недвижниот имот кој го презел стечајниот управник по отворањето на стечајната постапка, а кој не е впишан во јавните книги во кои се врши запишување на правата на недвижностите (став 1). Предмет на постапката за впаричување на имотот на стечајниот должник претставува недвижниот имот сопственост на стечајниот должник, подвижниот имот, правата и побарувањата на стечајниот должник (став 2). Предмет на постапката за впаричување на имотот на стечајниот должник е и правото на градење за неизграден објект за кој е издадено одобрение за градење, кое се предбележува во јавната книга во која се запишуваат правата на недвижностите со решение на стечајниот судија (став 3). Корисничките права на градежно изградено и неизградено земјиште и на земјоделско земјиште без оглед на времето на траење на правото на користење не се предмет на впаричување на имотот на стечајниот должник и врз основа на решение на судот се бришат од јавната книга во која се запишуваат правата на недвижности (став 4).

Членот 9 од Законот е систематизиран во Главата II. ВПАРИЧУВАЊЕ НА ИМОТ КОЈ ВЛЕГУВА ВО СТЕЧАЈНА МАСА. Истиот гласи:

„Распределба на подвижниот, недвижниот имот и побарувањата
кои влегуваат во стечајна маса

Член 9
(1) Доколку и втората продажба на имотот на стечајниот должник не биде успешно завршена, стечајниот управник е должен во рок од осум дена од денот на неуспешната продажба да изготви план за распределба на подвижниот, недвижниот имот и побарувањата за кои правото на сопственост се впишува во соодветен регистар, односно јавна книга согласно со закон, а кои влегуваат во стечајната маса. Подвижниот имот за кој правото на сопственост не се впишува во соодветен регистар се распоредуваат на доверителите сразмерно на утврдените побарувања врз основа на проценетата вредност. Планот за распределба на имотот стечајниот управник го доставува во рок од три дена од денот на втората неуспешна продажба до стечајниот судија, стечајното досие на должникот и објавува оглас во два најтиражни весници кои се дистрибуираат на територијата на Република Македонија во формат на половина страница, и дека планот за распределба е депониран во стечајното досие и истовремено ги повикува доверителите да извршат увид во истиот. Доверителите имаат право да извршат увид во планот за распределба во рок од осум дена од денот на објавувањето на огласот во дневниот печат.
(2) Со планот за распределба стечајниот управник врши распределба на подвижниот, недвижниот имот и побарувањата на начин што го определува идеалниот дел од имотот согласно со процентот на неговото утврдено побарување.
(3) Доверителот има право на приговор во рок од три дена на изготвениот план за распределба до стечајниот судија, само по однос на висината на процентот на утврденото побарување и големината на идеалниот дел кој би му припаднал.
(4) Стечајниот судија во рок од три дена од приемот на приговорот со решение одлучува по приговорот. Со истото решение стечајниот судија одлучува по предложениот план за распределба.
(5) Против решението на стечајниот судија за распределба на имотот не е дозволено правото на жалба.
(6) Правосилното решение од ставот (5) на овој член е основ за упис на правото на сопственост на недвижниот имот во јавните книги во кои се упишува правото на сопственост.
(7) Правосилното решение од ставот (5) на овој член е основ за упис на правото на сопственост на подвижниот имот и побарувањата во соодветните регистри согласно со закон.
(8) Распределбата на имотот на стечајниот должник согласно со овој член не претставува промет.“

Од анализата на наведените и другите одредби од Законот, произлегува дека станува збор за посебен закон кој има за цел во одреден период определен со закон да се изврши впаричување на целокупниот имот на должникот над кој е отворена стечајна постапка и добиената сума да се распредели на доверителите согласно процентот на висината на нивните побарувања.

Во таа смисла, со членот 9 од Законот се пропишува дека, доколку по две неуспешни е-аукции не се изврши впаричување на имотот, стечајната маса која се состои од подвижен и недвижен имот и побарувањата се распределува на доверителите процентуално во идеални делови согласно на висината на нивните утврдени побарувања. Ваквата распределба на имотот, врз основа на планот за распределба предложен од стечајниот управник, се врши со решение на стечајниот судија и истото е основ за упис на правото на сопственост на имотот во јавните книги и соодветните регистри.

Законодавецот пропишал дека ваквата распределба на имотот на стечајниот должник не претставува промет. Ова затоа што ваквиот начин на намирување на побарувањата на доверителите во стечајна постапка, не е од облигационен карактер каде постојат продавач и купувач, кои постапуваат по своја волја и интерес за купување или продавање и истите немаат право на друг избор со оглед дека не е извршено впаричување, но и дека нема друг имот за впаричување и намирување на доверителите.

Со фактот што законодавецот пропишал дека наведената распределба на имотот на стечајниот должник не претставува промет, јасно и недвосмислено произлегува дека на ваквата распределба на имот не се применуваат правилата на даночната постапка при промет на имот, што значи дека законодавецот се откажал од наплата на данок на промет во дадената ситуација. Уставно право е на законодавецот со закон да ги утврдува даноците и другите јавни давачки, при што ова уставно право не е ограничено ниту во поглед на предметот на оданочување, ниту во поглед на субјектите, па во рамките на остварувањето на ова уставно право, законодавецот со Законот за заклучување на стечајните постапки отворени согласно со Законот за присилно порамнување стечај и ликвидација и Законот за стечај, се определил распределбата на имот извршена со одлука на стечајниот судија, да не претставува промет и да не подлежи на обврска за плаќање на данок.

Законодавецот пропишал дека правосилното решение на стечајниот судија е основ за упис на правото на сопственост на имотот во јавните книги, односно соодветните регистри, од каде произлегува дека нема повреда на правната сигурност на недвижниот имот, како што се наведува во иницијативата.

Наводите во иницијативата за несогласноста на оспорената законска одредба со членот 221 став 3 од Законот за катастар на недвижности, всушност претставува барање за оцена на меѓусебна согласност на два закона, што согласно член 110 од Уставот, не е во надлежност на Уставниот суд.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека со оспорениот член 9 став 8 од Законот за заклучување на стечајните постапки отворени согласно со Законот за присилно порамнување стечај и ликвидација и Законот за стечај, не се доведува во прашање владеењето на правото, правната сигурност на сопственоста, ниту се повредува начелото на еднаквост на граѓаните, како што се наведува во иницијативата, поради што оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оваа одредба од Законот со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 9, членот 30 став 1 и 2 и членот 51 од Уставот.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.85/2016
05 октомври 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева