85/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 3 октомври 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 8 од Измените и дополнувањата на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија бр.11/2012).

2. Синдикална организација при М-НАВ АД Скопје контрола на летање преку претседателот Александар Тасевски, Самостојна синдикална организација при Т-МОБИЛЕ Македонија преку претседателот Петре Велигденовски, СО Синдикат на Македонска пошта преку претседателот Боро Велигденов, СО на ОНЕ телекомуникациски услуги преку претседателот Звонко Младеновски, СЖМ СО при ЈП за железничка инфраструктура МЖ – Скопје преку претседател Методија Димески, Синдикална организација при М-НАВ АД Скопје воздухопловен персонал СВП преку претседателот Бранислав Петровиќ ,на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 8 од законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителите на иницијативата оспорениот член 8 со кој се брише став 1 на член 189 од Законот не бил во согласност со член 37 став 1 од Уставот, членот 2 точка 1 на Конвенцијата 98 на Меѓународна организација на трудот која Република Македонија ја има ратификувано како и со нормативните решенија на целината на Законот за работни односи кој предвидува децентрализиран систем на синдикална организација односно поставување на повеќе нивоа на синдикално организирање почнувајќи од самата компанија па до национално ниво.

Имено, според членот 189 став 1 од Законот за работните односи било предвидено дека „Синдикалната организација на ниво на работодавач стекнува својство на правно лице со денот на уписот во Централниот регистар на Република Македонија“. Со бришењето на наведениот став на член 189 синдикалните организации на ниво на работодавач го губат својството на правен субјект, а со тоа престануваат да постојат како синдикални организации согласно македонскиот правен систем. Тоа значи дека немаат правен субјективитет што подразбира организационо, финансиско и структурна самосотојност. Овие синдикати треба да се организираат во рамките на ниво на гранка, односно да бидат само нивни одделенија.

Синдикатите на ниво на работодавач со губењето на правниот субјективитет го губат и својството на синдикатот поради што не може да се каже дека постои синдикат кога тој е запишан кај синдикатот на ниво на гранка. Оттука „синдикатите“ на ниво на работодавач нема да можат легитимно да настапуваат наспроти работодавачот како во колективните договори така и при заштита на други права од работен однос, а се ограничува и правото на штрајк. Тие се сведуваат на група на работници чие признавање за синдикатот ќе зависи од вољата на претседателот на синдикатот на гранка, на кој начин се ограничува слободата на синдикално организирање предвидено во Уставот и Законот за работните односи и Конвенцијата 98 член 2 точка 1 на Меѓународната организација на трудот.

Во рамките на своето делување синдикатите се самостојни и независни без разлика на кое ниво се организирани. Со измените односно со бришење на ставот 1 на член 189 нарушена е самостојноста и независноста при делувањето на ниво на работодавач. Немањето на правен субјективитет по дефиниција престанува поврзаноста со друг правен субјект од кој ќе произлегува и извира легитимноста на субјектот кој што го нема.

Според тоа т.н. синдикати на ниво на работодавач ќе зависат по неколку основи од синдикат на гранка, пред се синдикат кај работодавачот ќе произлегувал од синдикат на гранка односно ќе зависи организационо и структурално и нема да имаат финансиска самостојност односно ќе бидат финансиски контролирани од страна на синдикатот на гранка. Исто така синдикатите на ниво на гранка ќе одлучуваат дали ќе го запишат синдикатот на ниво на работодвач или не во сопствениот регистар.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи е предвидено дека „Во член 189 ставот (1) се брише, а ставот (2) станува став (1).

Пред донесување на измените на Законот за работните односи ставот 1 на членот 189 од Законот гласел:

Синдикалната организација на ниво на работодавач стекнува својство на правно лице со денот на уписот во Централниот регистар на Република Македонија.

4. Согласно член 110 алинеја 1 одУставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оспорениот член 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 11/2012) членот 189 став 1 е избришан.

Тргнувајќи од анализата на содржината на оспорената одредба произлегува дека истата не е норма која уредува односи, туку норма која констатира престанок на важење на одредба која во минатото уредувала одредено право на конкретен и со Закон утврден начин и како таква не е подобна за уставно-судска анализа.

Со оглед на тоа што со иницијативата се оспорува отстранувањето од правниот поредок на членот 8 од Законот за работните односи, произлегува дека со иницијативата всушност се бара Судот да го укине оспорениот член 8 од Законот и да ја врати во важност претходно важечката одредба која била бришана. Имајќи ја предвид надлежноста на Уставниот суд утврдена во Уставот на Република Македонија се оцени дека Судот не е надлежен да врши законодавната функција и да нормира прописи, со враќање во сила на оние одредби кои повеќе не се во правниот поредок, ниту, пак, има процесни претпоставки да постапува по иницијативата, односно да ја цени и оправдува уставната основаност на бришаната одредба и од друга страна уставната неоснованост на одредбата со која таа била бришана од Законот, како што се бара со иницијативата. Оттаму, исполнети се условите од член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на оваа иницијатива.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.85/2012
3 октомври 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски