85/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 11 јули 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за организација, систематизација, попис и опис на работните задачи во Институтот, донесен од Советот на јавната научна установа – Институт за старословенска култура, Прилеп под бр.02-34/7 од 27.02.2001 година.

2. Дарко Рибарски, адвокат од Прилеп на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што во членот 5 било предвидено дека истиот стапува во сила со денот на донесувањето, а не со или после објавувањето на огласната табла во институтот како што било предвидено во членот 56 став 2 од Статутот на Институтот, поради што целиот Правилник не бил во согласност не само со Статутот, но и со член 52 од Уставот.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека со овој правилник било повредено и уставното начело на еднаквост на граѓаните бидејќи со него биле укинати само работните места за чие извршување се барало одреден степен на образование, а не и оние за кои се предвидувале научни и стручни звања, со што според подносителот на иницијативата е извршена дискриминација во однос на општествената и социјалната положба на вработените во Институтот.

Поради наведените причини, а со оглед на фактот дека врз основа на оспорениот правилник биле донесени решенија за престанок на работниот однос на пет вработени лица во Институтот, во иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на неговата уставност, а потоа истиот и да го поништи.

3. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и со законите.

Според член 28 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето во неа.

Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, како и фактот дека со оспорениот правилник се уредуваат прашања во врска со внатрешната организација на работата и систематизацијата на работните места во Институтот за старословенска култура – Прилеп, Судот утврди дека тој не преставува пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија поради што и не е надлежен да одлучува за неговата уставност.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.85/2001
11 јули 2001 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов