Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 1 ноември 2017 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на Законот за дополнување на Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2013).
2. Селим Алили од Тетово, Кристијан Кајчевски од Скопје, Аљоша Недев од Скопје, Јонче Ивановски од Скопје и Венцислав Недев од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорениот закон не бил во согласност со повеќе одредби од Уставот, и тоа член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9 став 2, член 46 став 1, член 51, член 52 став 4 и член 54 став 1.
Имено, во иницијативата се наведува дека оспорениот закон имал повратно, ретроактивно, дејство спротивно на член 52 став 4 од Уставот, затоа што тој дејствувал врз поранешни правни ситуации и односи настанати пред влегувањето во сила на овој закон со тоа што предвидувал можност за повторно полагање на одреден број предмети на лица кои веќе ги завршиле студиите на институт или самостојна висока стручна школа со просек минимум 7,5 од прв и втор циклус од студиите. Потоа, со оспорениот закон бил извршен и упад во гарантираната автономија на универзитетот предвидена во член 46 став 1 од Уставот, затоа што по сила на закон се дозволувало по завршените студии на универзитет,одново полагање на предмети и издавање на додаток на дипломи. Целината на одредбите од оспорениот закон биле неуставни од аспект на членот 54 став 1 од Уставот, кој бил во делот на Уставот кој се однесува на гаранциите на основните слободи и права, а според овој член од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можеле да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а не како што било тоа со конкретниот закон според кој добиените оценки на високообразовната институција не се признавале и се овозможувало добивање на нови оценки после завршените студии.
Од наведените причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста на оспорениот закон, а до конечното одлучување Судот да донесе времена мерка за запирање на извршување на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорениот закон.
3. Судот на седницата утврди дека Законот за дополнување на Законот за високото образование во членот 1 уредил дека во Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2008, 103/2008, 26/2009, 83/2009, 99/2009, 115/2010, 17/2011, 51/2011, 123/2012 и 15/2013), во членот 113 по ставот 22 се додаваат два нови става 23 и 24, кои гласат:
„Универзитет, институт или самостојна висока стручна школа на лица кои оствариле просек од минимум 7,5 од прв и втор циклус по завршување на студиите може на нивно барање да дозволи повторно полагање на одреден број предмети, но не повеќе од пет предмети.
Повторното полагање на предметите од ставот 23 на овој член може да се изврши само еднаш“.
Според членот 2 од овој закон, во членот 116 по ставот 3 се додаваат два нови става 4 и 5, кои гласат:
„Додатокот на диплома издаден од страна на универзитет, институт или самостојна висока стручна школа, покрај податоците уредени од членот 2 точка 8 од овој закон, го содржи и просекот на лицето остварен заклучно со дополнително положените предмети согласно со членот 113 ставови 23 и 24 од овој закон.
Во додатокот на диплома за лицата кои ќе остварат дополнително полагање на одреден број предмети, согласно со членот 113 ставови 23 и 24 од овој закон, се внесува оценката само за оние кои оствариле просек 8 и над 8“.
Ставовите 4, 5, 6, 7, 8, 9 и 10 стануваат ставови 6, 7, 8, 9, 10, 11 и 12.
Во членот 3, одредбата од членот 1 од овој закон која се однесува на членот 113 ставови 23 и 24 ќе се применува за лица кои завршиле високо образование пред влегувањето во сила на овој закон.
Според членот 4, одредбата од членот 2 од овој закон која се однесува на членот 116 ставови 4 и 5 ќе се применува за лица кои завршиле високо образование пред влегувањето во сила на овој закон.
Со членот 5 од овој закон, се овластува Законодавно-правната комисија на Собранието на Република Македонија да утврди пречистен текст на Законот за високото образование.
Во членот 6 е утврдено дека овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
4. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста
на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Со оглед на тоа што Судот со Решение У.бр.78/2016 од 18 февруари 2017 година не повел постапка за оценување на уставноста на Законот за дополнување на Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2013) по повод поднесена иницијатива со која се оспорувала уставноста на Законот од истите причини како и сега во предметната иницијатива пред овој суд, настапени се деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата бидејќи Судот веќе за истата работа одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.84/2017
1 ноември 2017 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски