84/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставнот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 21 октомври 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Правилникот за систематизација на работите и задачите, донесен од Министерот за информации на 23 декември 1991 година, во делот што се однесува на степенот на стручната подготовка на работите и задачите шеф на кабинет-технички секретар.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што за работното место шеф на кабинет-технички сектерат бил предвиден 7 наместо 1 степен на стручна подготовка, што не било во согласност со Законот за органите на управата, со Уредбата за номенклатурата на единствените називи за групи на работи и задачи од ист вид и условите за нивно вршење во органите на управата и со Уредбата за општите начела за внатрешна организација на органите на управата.
3. На седницата Судот утврди дека во оспорениот правилник за систематизација, покрај другите, се утврдени и работите и задачите на шеф на кабинет-технички секретар и условите за нивно вршење и тоа: 7/1 степен на висока стручна спрема од општествена насока, активно познавање на еден светски јазик и познавање на дактилографија.
Според став 1 на член 109 од Законот за органите на управата (“Службен весник на Република Македонија” бр.40/90) општиот акт за организација и работа на органот на управата и општиот акт за систематизација на работите и задачите во тој орган мораат да бидат во согласност со делокругот на органот, како и со општите начела за внатрешна организација на органот на управата што ги утврдува Владата на Република Македонија.
Според став 2 и 3 на овој член општиот акт за организација на органите на управата и општиот акт за систематизација ги донесува функционерот кој раководи со органот на управата во согласност со Владата.
Со оглед на тоа што според изнесените законски одредби функционерот кој раководи со органот на управата е овластен да ја утврдува систематизацијата на работите и задачите во органот на управата, а во тие рамки и степенот на стручната подготовка за вршење на работите и задачите, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел од правилникот со означените законски одредби.
4. Што се однесува до наводот во иницијативата дека оспорениот правилник не е во согласност со означените уредби на Владата на Република Македонија, Уставниот суд, согласно член 110 од Уставот, не е надлежен да одлучува за тоа.
Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.