83/2006-0-0

Вовед

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 62 алинеја 3 од Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/1997, 16/2000, 17/2003, 65/2004, 62/2005 и 111/2005).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 34 став 4 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорениот член 34 став 4 од Законот немал основа во Уставот, затоа што определувањето на износот на еднократна парична помош било прашање што се утврдува со закон, а не со акт на министерот за труд и социјална политика, како што било утврдено во став 4 на член 34 од Законот.

Исто така, подносителот на иницијативата смета дека овластувањето на министерот утврдено во став 4 на член 34 од Законот не било во функција ниту на извршување на одделни законски одредби, туку истото значело навлегување на извршната во законодавната власт со можност од арбитрерност и нееднаков третман кон субјектите, поради што со оспорениот став 4 на член 34 од Законот се повредувал член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51, член 68 став 1 алинеја 2, член 91 алинеите 1 и 5 и член 96 од Уставот на Република Македонија.

Според наводите во иницијативата со оспорената одредба на членот 62 алинеја 3 од Законот се повредувал член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 51 и членот 98 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, затоа што по работите утврдени со кривично-правните прописи можеле да постапуваат само судовите кои ги донесуваат правосилните судски одлуки, а не центарот за социјална работа, како што било утврдено во оваа законска одредба.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 34 став 4 од Законот за социјалната заштита „Износот на еднократната парична помош со акт го определува министерот“.

Според оспорениот член 62 алинеја 3 од Законот, од делокругот на јавните овластувања центарот ги врши, односно постапува по работите утврдени со кривично-правните прописи.

Судот на седницата, исто така утврди дека уставноста на член 34 став 4 од Законот за социјалната заштита веќе ја има оценувано. Имено, Уставниот суд по иницијатива од истиот овој подносител со Решение У.бр.80/1998, од 21 октомври 1998 година не повел постапка за оценување уставноста на членовите: 18 став 3, 31 став 2 и став 3, 33 став 4, 34 став 4, 35 став 3, 40 став 2, 43 став 3, 57 став 1 и став 3, 58, 59 став 2, 102 став 3, 107 став 4, 110 став 3 и 131 од Законот за социјална заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.50/97).

Според образложението на ова решение, Судот не повел постапка за оценување на уставноста на овие членови од Законот за социјална заштита, затоа што утврдил дека во конкретниов случај, министерот за труд и социјална политика бил овластен да донесува подзаконски прописи во функција на извршувањето на овој и други закони, што се во врска со остварувањето на социјалната заштита, и што таквите акти содржеле одредби од процедурален карактер со кои се уредува начинот на остварувањето на претходно утврдените права во Законот за социјална заштита или во други закони кои, исто така, утврдуваат права од областа на социјалната заштита.

5. Согласно член 1 од Уставот на Република Македонија, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.

Според член 8 став 1 алинеја 3, 4 и 8 од Уставот, владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и колективен договор.

Согласно член 35 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност. Републиката им гарантира право на помош на немоќните и на неспособните за работа граѓани. Републиката им обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други про­писи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почи­тува Уставот и законите.

Според член 96 од Уставот органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Согласно Амандман XXV на Уставот, судската власт ја вршат судовите, а видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, постапката пред нив и други прашања, се уредуваат со закон.

Во членот 1 од Законот за социјалната заштита, чии одредби се оспоруваат со оваа иницијатива, утврдено е дека државата е основен носител на социјалната заштита на граѓаните и обезбедува услови за нејзино остварување. Државата го воспоставува системот на социјална заштита и го овозможува неговото функционирање, обезбедува услови за вршење на социјално-заштитната дејност и развива форми на самопомош.

Според член 4 од овој закон, социјалната заштита е организирана дејност од страна на Републиката за спречување и надминување на основните социјални ризици на кои е изложен граѓанинот, семејството и групи население во текот на животот.

Членот 62 од Законот е поместен во делот од Законот во кој се утврдени организационите видови на установи за социјална заштита, кои всушност и го остваруваат системот на социјалната заштита утврден со овој закон. Определувајќи ги конкретните видови на социјални установи законодавецот во делот 4 „Видови на установи за социјална превенција и вонинституционална заштита“ истовремено го утврдил и видот на работите, односно услугите кои ги обезбедува секоја од тие установи.

Така, во членот 61 став 1 од Законот утврдено е дека центар за социјална работа се основа како јавна установа за социјална заштита со јавни овластувања заради вршење на работи од социјална заштита. Инаку, центарот за социјална работа согласно член 37 од Законот може да го основа само Владата на Република Македонија.

Од делокругот на јавните овластувања, центарот за социјална работа според член 62 од Законот ги врши следните работи: решава за правата од социјалната заштита, утврдени со овој закон (алинеја 1); решава за работите утврдени во семејно правните прописи (алинеја 2); постапува по работите утврдени во кривично-правните прописи (оспорената алинеја 3) и врши и други работи утврдени со закон.

Согласно член 65 од Законот, функциите утврдени во овој закон и другите прописи центарот ги врши со формите на стручна, советодавна, советувалишна и тераписка интердисциплинарна тимска работа.

Имајќи ги предвид наведените законски одредби, како и Законот во целина, а во тој контекст разгледувајќи ја оспорената одредба на членот 62 алинеја 3 од Законот, Судот оцени дека истата не е во несогласност со Уставот, затоа што уставно право е на законодавецот уредувајќи го системот на социјалната заштита да ги утврди и органите и организациите, како и нивните надлежности во спроведувањето на тој систем, а во рамките на тоа право да го утврди и центарот за социјална работа како посебен вид на јавна установа за социјална заштита за вршење на определени работи како јавни овластувања.

Јавните овластувања утврдени во членот 62 од Законот во надлежност на центарот за социјална работа се тесно поврзано со видот и карактерот на работите, односно на активностите што ги презема центарот согласно членот 63 од Законот во кој, меѓу другото, е предвидено дека центарот открива, следи и проучува социјални појави и проблеми, применува и спроведува социјални облици на социјална заштита, презема превентивни дејствија во спречување и отстранување на причините за настанување на социјални ризици, води евиденција и прибира документација за корисниците на социјалната и семејно-правната заштита и за тоа поднесува извештај до Министерството за труд и социјална политика.

За да се сфати смислата и суштината на јавните овластувања на центарот за социјална работа од член 62, а особено оние од алинеите 2 и 3 на овој член од Законот, исто така, треба да се има предвид дека центарот за социјална работа, освен во системот на социјалната заштита има посебно место и улога и во системот на семејно-правните односи уреден со Законот за семејството. Со овој закон, во кој се уредува бракот и семејството, односите на бракот и семејството, посебните облици на заштита на бракот и семејството и друго, центарот за социјална работа, меѓу другото, е овластен да презема низа мерки и активности заради заштита на правата и интересите на децата и тоа особено на децата без родители и без родителска грижа.

Посебната заштита што Републиката им ја обезбедува на децата без родители и без родителска грижа се остварува преку старателството, чии работи според член 125 од Законот ги врши центарот за социјална работа непосредно, преку старатели или други лица кои вршат работи сврзани со старателството.

Од наведеното произлегува дека центарот за социјална работа, како јавна установа за социјална заштита, освен што ги врши работите согласно Законот за социјална заштита, тој ги врши работите кои му се ставени во надлежност и со Законот за семејството, меѓу кои се и работите поврзани со организирањето и спроведувањето на старателството, со тоа што сите овие работи согласно член 62 алинеја 2 од Законот центарот ги врши како јавни овластувања.

Тргнувајќи од надлежностите на центарот за социјална работа утврдени во Законот за социјалната заштита и Законот за семејството, а особено од тоа дека тој со својата стручна работа и преку разните облици на социјална заштита и старателството, се грижи, меѓу другото, за комплетната личност на малолетниците и тоа како во поглед на нивното чување, воспитување, образование така и во поглед на нивното однесување, преземајќи соодветни мерки сето тоа да се одвива во нормални услови и граници, законодавецот утврдил центарот да постапува по одредени работи и во судските постапки, кога е засегнато детето, односно малолетното лице.

Меѓу законите кои ги регулираат постапките пред судовите, а во кои за центарот за социјална работа се утврдени определени работи спаѓаат и Законот за кривичната постапка и Законот за прекршоците. Во овие закони, во кои посебно е уредена кривичната и прекршочната постапка спрема малолетници, меѓу другото, утврдено е дека пред донесување на одлуката за кривично дело, односно за прекршок, судот ќе прибави мислење од органот за старателство за личноста на малолетникот. Во мислењето овој орган ќе укаже на сите околности што се од значење за донесување на правилна и законита одлука, а особено на поранешното однесување на малолетникот и на неговите семејни прилики. Соодветни работи за центарот за социјални работи се утврдени и во Законот за извршување на санкциите.

Оттука, според Судот очигледно е дека подносителот на иницијативата при оспорување на одредбата на член 62 алинеја 3 од Законот за социјална заштита не го имал предвид карактерот и видот на работите по кои согласно кривично-правните прописи центарот за социјална работа постапува, било како орган за старателство или како социјален орган, па затоа тој и погрешно изведува заклучок дека по работите утврдени во тие прописи може да постапуваат само судовите, а не центарот за социјална работа. Впрочем, од оваа причина која е и единствена за оспорување на уставноста на членот 62 алинеја 3 од Законот и неможе да се оспорува оваа одредба, со оглед на тоа што работите по кои центарот постапува, а за подносителот се спорни, се утврдени во кривично-правните прописи, а со конкретно оспорената законска одредба само се упатува на нив.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на член 62 алинеја 3 од Законот, со член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 51 и Амандман XXV од Уставот во однос на кои со иницијативата се оспорува уставноста на оваа законска одредба.

6. Во однос на оспорениот член 34 став 4 од Законот, Судот утврди дека овластувањето на министерот за труд и социјална политика утврдено во оваа одредба е во функција на операционализација и извршување на ставот 3 на истиот член од Законот, во кој е утврдена највисоката граница до која министерот може да го определи износот на еднократната парична помош со актот што ќе го донесе согласно наведеното овластување.

Од тие причини, а имајќи го предвид фактот дека Судот веќе ја оценувал уставноста на ставот 4 на член 34 од Законот и со Решение У.бр.80/1998 од 21 октомври 1998 година не повел постапка за оценување на неговата уставност, не наоѓајќи основи за поинакво одлучување по оваа иницијатива, Судот одлучи истата во тој дел да ја отфрли согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.83/2006
29 ноември 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи