83/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 јули 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на член 21 став 1 и член 25 став 1 точка 1 од Условите за комбинирано осигурување на моторни возила, усвоени од Управниот одбор на Акционерското друштво за осигурување и реосигурување “Македонија”-Скопје, на седницата од 23 декември 1997 година.

2. Северов Ристо, адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување законитоста на членовите 21 став 1 и 25 став 1 точка 1 од актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што предвидувале, при утврдувањето на вредноста на возилото заради плаќање на премија на осигурување да се зема највисоката вредност на возилото (набавната цена на ново возило), додека при настапувањето на осигурениот случај, надоместокот на штетата се утврдувал со засметана амортизација, што не било согласно со членовите 15 и 919 став 1 од Законот за облигационите односи.

3. Судот на седницата утврди дека според член 21 став 1 од Условите за утврдување на премијата меродавна е набавната цена на ново возило, изразена во денари во моментот на склучување на договорот за осигурување, а за следниот период на осигурување (една година) набавната цена на денот на обнова на осигурувањето.

Исто така, согласно член 25 став 1 точка 1 од Условите, кај уништување и нестанување на возило (тотална штета), висината на штетата се утврдува според денарската сума на осигурување на која е осигурано возилото намалена за износот на севкупната амортизација на возилото по сите основи и пазарната вредност на остатоците на возилото.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи со Уставот и законите.

Согласно член 7 став 1 од Законот за осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.49/97) осигурувањето на имоти и лица е доброволно.

Исто така, согласно став 2 на овој член од Законот, по исклучок од став 1 на овој член, за ризиците што загрозуваат трети лица или нивниот имот, за нематеријалните ризици што претставуваат општа опасност за добрата од општ интерес за Република Македонија и за државниот имот, со овој Закон се пропишува да се пропише задолжително осгирување или реосигурување.

Во ставот 2 на член 10 од Законот е предвидено дека осигурувањето од ризици што претставуваат општа опасност за добрата од општ интерес за Република Македонија и за државниот имот, како и за осигурување од нематеријални ризици и задолжително осигурување, се работи од јавен интерес.

Од наведените одредби произлегува дека Законот, како дејност од јавен интерес ги предвидува само задолжителните осигурувања.

Со оглед на тоа дека во случајов станува збор за Услови за осигурувње и реосигурување на моторни возила кои предвидуваат доброволно осигурување и кои се донесени врз основа на Законот за осигурување, Судот оцени дека со нив се регулира добороволното осигурување, се уредува облигационен однос меѓу договорните страни во кој се применува и Законот за облигационите односи, дека договорот за осигурувње, чиј составен дел се оспорените Услови за осигурување, по својата правна природа претставува договор по пристапување и дека со нив не може да се уредува дејност од јавен интерес, поради што истите не претставуваат пропис во смисла на член 110 од Уставот и како такви не можат да бидат предмет на уставно судска оценка.

Исто така, Судот оцени дека оспорените Услови за осигурување и реосигурување по својата содржина не се спротивни на принудните прописи бидејќи тие не го регулираат односот на еквиваленцијата помеѓу штетата и премијата, туку помеѓу премијата и ризикот, односно осигурителното покритие.

Имено, во моментот на склучувањето на договорот за осигурување, штетата претставува само идна, неизвесна категорија, поради што не е можно да се воспоставува еквивалент меѓу премијата и една идна категорија за која, при засновањето на осигурителниот однос, не постои сознание дали воопшто ќе настане и доколку настане кој ќе биде нејзиниот обем.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека Условите за осигурување, по својата правна природа, не претставуваат пропис во смисла на член 110 од Уставот и како такви не можат да бидат предмет на уставно судска оценка.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.83/99
7 јули 1999 година
С к о п ј е
ли.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков