У.бр.82/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеja 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 22 јуни 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 8-а ставови 2 и 3 во делот

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одредба од Законот за шумарска и ловна инспекција била норма која се повикувала на примена на друга норма која веќе не била во правниот поредок. Имено, во членот 8-а став 2, помлад инспектор можел да биде службеник кој ги исполнувал условите за звањето помлад соработник и соработник од Законот за државните службеници. Понатаму, според ставот 3 од истиот член, инспектор можел да биде службеник кој ги исполнувал условите за звањето виш соработник и советник од Законот за државните службеници.

Исто така, во иницијативата се потенцира дека од оспорените делови од одредбите било видно дека истите се повикувале на примена на одредби од закон кој како пропис престанал да важи и да биде дел од правниот поредок во Република Македонија сметано од 13.02.2015 година.

Поради наведените причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба и истата да ја укине.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 8-а ставот 2 од Законот за шумарска и ловна инспекција, помлад инспектор може да биде службеник кој ги исполнува условите за звањето помлад соработник и соработник од Законот за државните службеници.

Според ставот 3 од овој член, инспектор може да биде службеник кој ги исполнува условите за звањето виш соработник и советник од Законот за државните службеници.

4. Според членот 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Оспорената одредба од Законот е поместена во делот на делокругот и организацијата на инспекторатот каде што е утврдено дека работите од надлежноста на Инспекторатот ги вршат државни инспектори за шумарство и ловство. Одредбата од членот 8 од Законот, првобитно, во основниот текст на Законот содржела 1 став, подоцна со Законот за изменување и дополнување на Законот за шумарска и ловна инспекција („Службен весник на Република Македонија“ бр. 81/2007) била изменета со додавање на нов член 8-а.

Со измените на Законот, со Законот за изменување и дополнување на Законот за шумарска и ловна инспекција („Службен весник на Република Македонија“ бр. 36/2011 и 74/2012) по членот 8 бил додаден членот 8-а и тој сега во ставот 2 гласи: Помлад инспектор може да биде службеник кој ги исполнува условите за звањето помлад соработник и соработник од Законот за државните службеници. Од друга страна, во ставот 3 се наведува дека инспектор може да биде службеник кој ги исполнува условите за звањето виш соработник и советник од Законот за државните службеници.

Од наводите од иницијативата, произлегува дека со иницијативата се бара Уставниот суд да изврши корекција на оспорениот дел од одредбата на членот 8-а од Законот за шумарска и ловна инспекција.

5. Имајќи ги предвид утврдените надлежности на Уставниот суд од член 110 на Уставот, според наводите од иницијативата, Судот оцени дека во конкретниот случај се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата со оглед дека наводите се сведуваат на барање за постапување кое е во надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд. Законодавецот е орган чија надлежност е да ги креира прописите, ги менува и дополнува, а воедно и врши технички исправки и корекции на прописите кои ги донесува.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.82/2016
22 јуни 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева