82/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 18 мај 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставно-ста на член 64 став 1, став 2 и став 3 во делот

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 64 став 3 во делот: “само доколку поднесеното барање за денационализација до истекот на периодот од ставот 1 на овој член било прибележано во јавната книга за запишување на правата на недвижностите врз основа на акт на органот кој ја води постапката за денационализација“ од Законот означен во точката 2 од ова решение.

3. Владимир Стефановски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 64 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Иницијативата започнува со цитирање на членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денацио-нализација, со кој членот 64 од основниот текст на Законот е изменет, па се наведува дека со оспорената одредба им се дозолувало на државните органи да го продаваат и оној имот за кој се уште течела постапка за денацинализација, односно имотот кој не им бил вратен на барателите до 7 мај 2003 година, од каде произлегувало дека Државата таквиот имот ќе можела слободно да го продава по цена која самата ќе ја определува. Еден од многуте случаи бил и случајот со имотот на неговото семејство Ризеви од Битола.

Во натамошниот текст на иницијативата е изнесена хронологијата на управната постапка што се води за имотот што требало да му биде вратен на семејството на подносителот на барањето со појаснување дека наместо враќање на имот во површина од 6.099 м2 на учесниците во постапката им бил определен надоме-сток во висина од по 110 денари за квадратен метар или вкупен износ од 672.795,00 денари.

Со оглед на тоа што со оспорената одредба граѓаните се ставале во нееднаква положба, се предвидувало ретроактивно-повратно дејство со кое се намалувале правата на граѓаните и тоа не по вина на граѓаните, туку по вина на Државата произлегувало дека оспорениот член 4 од Законот не е во согласност со членот 9 став 2, членот 30 став 3, членот 51 и членот 52 став 4 од Уставот.

Од наведените причини во иницијативата се предлага Судот да донесе решение согласно членот 27 од Деловникот, а согласно членот 112 од Уставот да ја поништи оспорената одредба.

Со писмо Р.бр.29/2011 од 30 март 2011 година подноси-телот на иницијативата е известен дека Судот веќе одлучувал за прашањето покренато со предметната иницијатива, за што му се доставени примероци од Решението У.бр.143/2007 од 14 мај 2008 година, Решението У.бр.115/2010, У.бр.120/2010 и У.бр.123/2010 од 20 октомври 2010 година и Одлуката У.бр.115/2010, У.бр.120/2010 и У.бр.123/2010 од 12 јануари 2011 година. Во наведениот допис е напоменато доколку подносителот на иницијативата бара повторно да се одлучува за истата работа за тоа да го извести Судот во рок од 7 дена по приемот на известувањето.

Во определениот рок подносителот на иницијативата го извести Судот дека бара повторно произнесување за истото прашање.

4. Судот на седницата утврди дека според содржината на оспорениот член 4 од Законот содржината на членот 64 од Законот се менува и гласи:

“Во период од пет години од денот на влегувањето во сила на овој закон заклучно со 7 мај 2003 година, не е дозволено располагање со имотот што е предмет на денационализација, како и искористување на таков имот со кој се создаваат обврски за барателот (став 1).

По истекот на периодот од ставот 1 на овој член, без оглед кога е поднесено барање за денационализација, располагањето со имотот што е предмет на денационализација како и искористување на таков имот со кој се создаваат обврски за барателот, е дозволено (став 2).

Склучените правни дела и дадените еднострани изјави на волја во периодот од ставот 1 на овој член, а со кои се располагало со имот предмет на денационализација или се искористил таков имот со кој се создале обврски за барателот се ништовни, само доколку поднесеното барање за денационализација до истекот на периодот од ставот 1 на овој член било прибележано во јавната книга за запишу-вање на правата на недвижностите врз основа на акт на органот кој ја води постапката за денационализација (став 3).“

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владе-ењето на правото претставува една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 став 2 од Уставот граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Согласно член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога е тоа поповолно за граѓаните.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со Законот за денационализација се определуваат условите и постапката за враќање на имотот и видот, условите и постапката за давање на надоместот за имот одземен во корист на државата. Со донесувањето на Законот за денационализација, на поранешните сопственици и нивните наследници им е признаено правото на враќање во сопственоста и правото на надомест на одземениот имот.

Законот за денационализација е влезен во сила на 7 мај 1998 година, по објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“ бр.20/1998.

Законот има пет измени и дополнувања („Службен весник на Република Македонија“ бр.31/2000, 42/2003, 44/2007, 20/2007 и 171/2010), а Собранието на Република Македонија има дадено автентично толкување на две одредби од Законот, меѓу кои и на членот 64 од Законот („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/2009. ).

Со предметната иницијатива се оспорува членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денацио-нализација, („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2010) со кој е изменет членот 64 од основниот текст на Законот.

Наведената одредба била предмет на уставно-судска анализа во постапката по предметот У.бр.115/2010, У.бр.120/2010 и У.бр.123/2010 од аспект на нејзината согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 став 2, член 51 и член 52 став 4 од Уставот. Инаку, во овој предмет Судот донел Решение од 20 октомври 2010 и Одлука под истите броеви од 12 јануари 2011 година со која, меѓу другото, интервенирал во дел од членот 64 став 3 од целината на Законот.

Во постапката по предметот при донесувањето на решението и на одлуката Судот ги завземал следните гледишта:
„За уставносудската анализа на оспорените одредби од Законот, битно е дека денационализацијата преставува мерка на државата, изразена преку законски акт со која се враќа во сопственост некој претходно одземен имот, односно се враќа правото на сопственост, при што доколку враќањето е невозможно (поради тоа што на тој имот во меѓувреме бил утврден јавен интерес или тој воопшто не може да се врати поради тоа што престанал да постои), државата обезбедува надомест.

По однос на прашањето покренато со иницијативите за ретроактивното важење на член 4 од оспорениот закон (член 64 од интегралниот текст на Законот), како и на повредата на начелото на владеењето на правото и еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, повредени со наведените членови од Законот, се наметна потреба од анализа на наведената законска одредба, во однос на нејзината содржина при сите законски измени.

Членот 64 пред неговите измени и дополнувања, гласел:

„Со денот на влегувањето во сила на овој закон не е дозволено располагање со имотот што е предмет на денацио-нализација, како и искористување на таков имот со кое се создаваат обврски за барателот.

Правните дела и едностраните изјави на волја што се во спротивност со став 1 на овој член се ништовни.“

Со измените на Законот објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 44/2007, во членот 64 став 2 по зборот “ништовни” точката се брише и се додаваат зборовите: “ако барањето за денационализација е поднесено во рокот од пет години од денот на влегувањето во сила на Законот за денационализација, а заклучно до 7 мај 2003 година”.

Собранието на Република Македонија има дадено автентично толкување на член 64 од Законот за денационализација ( „Службен весник на Република Македонија“ бр. 20/2009), според кое: „ Одредбата од членот 64 од Законот за денационализација треба да се толкува така што забраната за располагање со имотот предмет на денационализацијата во смисла на членот 64, а во врска со членот 49 од Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ бр. 20 /1998, 31/2000, 42/2003 и 44/2007), се однесува за период од пет години од денот на влегувањето во сила на Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ бр. 20 /1998), што значи за периодот од 7 мај 1998 година до 7 мај 2003 година. За периодот после 7 мај 2003 година, без оглед кога барањето за денационализација е поднесено, располагање со имот- предмет на денационализацијата е дозволено и правните дела и едностраните изјави на волја не се ништовни. Повикувањето на ништовност на правните дела при исполнувањето на условите од овој закон единствено е можно, доколку претходно во јавните книги за недвижности било прибележано поднесеното барање за денационализација, врз основа на акт на органот кој ја води постапката за денационализација.

Според последните измени на Законот, објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 72/2010, автентичното толкување на овој член е преточено во законска норма, па така членот 64 од Законот се менува и гласи:

“Во период од пет години од денот на влегувањето во сила на овој закон заклучно со 7 мај 2003 година, не е дозволено располагање со имотот што е предмет на денационализација, како и искористување на таков имот со кој се создаваат обврски за барателот.

По истекот на периодот од ставот 1 на овој член, без оглед кога е поднесено барање за денационализација, располагањето со имотот што е предмет на денационализација како и искористување на таков имот со кој се создаваат обврски за барателот, е дозволено.

Склучените правни дела и дадените еднострани изјави на волја во периодот од ставот 1 на овој член, а со кои се располагало со имот предмет на денационализација или се искористил таков имот со кој се создале обврски за барателот се ништовни, само доколку поднесеното барање за денационализација до истекот на периодот од ставот 1 на овој член било прибележано во јавната книга за запишу-вање на правата на недвижностите врз основа на акт на органот кој ја води постапката за денационализација.“

Од анализата на наведените законски одредби произле-гува дека барање за денационализација може да се поднесе заклучно со 31 декември 2007 година.

За барања поднесени до 7 мај 2003 година (пет години по влегување во сила на Законот), може да се врати имот или да се даде надомест.

За барања поднесени по 7 мај 2003 година (заклучно со 31 декември 2007 година), може да се бара надоместок, а имот ќе се врати само доколку не настапиле правни и фактички пречки до денот на мериторното одлучување од органот за денационализација, односно судот.

До 7 мај 2003 година не е дозволено располагање со имотот што е предмет на денационализација, како и искористување на таков имот со кое се создаваат обврски за барателот. За периодот после 7 мај 2003 година, и покрај фактот што барања за денацио-нализација можат да се поднесат заклучно со 31 декември 2007 година, располагање со имот-предмет на денационализацијата е дозволено.

Склучените правни дела и дадените еднострани изјави на волја во периодот до 7 мај 2003 година, а со кои се располагало со имот предмет на денационализација или се искористил таков имот со кој се создале обврски за барателот биле ништовни безусловно, се до последните законски измени од 2010 година, со кои се воведува посебен услов потребен за ништовност на таквите правни дела, според кој, ваквите дела се ништовни само доколку поднесеното барање за денационализација до 7 мај 2003 година било прибеле-жано во јавната книга за запишување на правата на недвижностите врз основа на акт на органот кој ја води постапката за денацио-нализација.

Пред Судот, основано се наметнува заклучок дека законската измена извршена со член 4 од оспорениот закон, практично значи воведување ретроактивно дејство на законот, кое не е поповолно за граѓаните. Имено, се до последната измена на член 64 од Законот во 2010 година, располагањето со имот предмет на денационализацијата или искористување на таков имот во периодот до 7 мај 2003 година не било дозволено, а правните дела и едностраните изјави на волја што биле во спротивност со таквата забрана, биле ништовни ако барањето за денационализација е поднесено заклучно до 7 мај 2003 година. Тоа значи дека постоела апсолутна забрана за располагање со имотот предмет на денаци-онализација, без никакви дополнителни услови, на кој начин всушност се заштитувал имотот предмет на денационализацијата и правата на поранешните сопственици или на нивните наследници врз тој имот, со што се овозможувало остварување на целта на законот-враќање на имотот на поранешните сопственици, односно нивните наследници.

Според последната измена на членот 64 од Законот, располагањето со имот предмет на денационализацијата или искори-стување на таков имот во периодот до 7 мај 2003 година и понатаму не е дозволено, но тоа сега се амортизира на начин што се определува дека склучените правни дела и дадените еднострани изјави на волја заклучно до 7 мај 2003 година, а со кои се располагало со имот предмет на денационализација или се искористил таков имот со кој се создале обврски за барателот се ништовни, само доколку поднесеното барање за денационализација до истекот на периодот од ставот 1 на овој член било прибележано во јавната книга за запишу-вање на правата на недвижностите врз основа на акт на органот кој ја води постапката за денационализација.

Тоа несомнено значи дека 12 години по донесувањето и влегувањето во сила на Законот за денационализација и неговата примена, законодавецот прави измени во Законот од суштинска природа, со кои се менуваат правилата на постапување во постапката за денационализација, и тоа наназад, за периодот кој се однесува на состојби од првите 5 години од отпочнувањето на процесот на денационализација, во ситуација кога сеуште постојат голем број на барања за денационализација, поднесени во тој период, кои не по вина на барателите, сеуште не се решени, затоа што постапката за нивното решавање е во тек или пак сеуште не започнала. Според последните законски измени, овие лица–баратели на правото за денационализација, не по своја вина, ќе бидат ставени во поне-поволна положба во однос на барателите чии барања се решени до последната законска измена, кои барања исто така се однесуваат за истиот период од процесот за денационализација, на начин што можноста за враќање во сопственост на имотот–предмет на денацио-нализацијата, односно заштитата од негово отуѓување во наведениот период, сега е условено со прибелешка во јавната книга за запишу-вање на правата на недвижностите врз основа на акт на органот кој ја води постапката за денационализација, што несомнено остава простор за располагање и користење на таквиот имот без закана за ништовност на таквите дејства, а што води кон тоа на барателите на денационализација наместо да им се враќа во сопственост нацио-нализираниот имот, да им се определува надомест. Според Судот, фактот што наведената прибелешка во јавните книги е обврска на органот и не зависи од волјата на самата странка, а органот, пред последните законски измени, немал законска обврска тоа да го прави, очигледно ги доведува во нерамноправна положба во постапката за денационализација граѓаните кои поднеле барање за денацио-нализација во законски пропишаниот рок, чии барања се решени без постоење на наведениот услов, во однос на граѓаните кои исто така поднеле барање за денационализација во истиот законски рок, а чии барања треба дополнително да се решат согласно наведениот услов.

Уставното начело за забрана на повратното дејство на законите значи забрана за примена на законите во правни ситуации и односи што настанале пред нивното влегување во сила, односно законите дејствуваат само врз новите правни ситуации и односи што настануваат по нивното влегување во сила. Дозволен исклучок од ова правило е ако повратното дејство на законот е поповолно за граѓаните, што е невозможно да се утврди дека постои во конкретниов случај. Во конкретниов случај, според мислењето на Судот, повратното дејство на Законот, пропишано со измените на членот 64 став 3 од Законот, воведува нееднаквост на граѓаните во постапката за денационализација, а со тоа и повреда на правната сигурност на граѓаните, како елемент на начелото на владеењето на правото.

Според Судот, неприфатливо од уставно-правен аспект е образложението дадено во мислењето на Владата на Република Македонија доставено по повод поднесената иницијатива за оценување на уставноста на ова законско решение (акт бр. 51-3806/1 од 27.07.2010 година) според кое неосновани биле наводите дека со оспорената одредба се повредувало правото на сопственост, бидејќи поранешните сопственици или нивните наследници во случај на располагање со имотот предмет на денационализација не го губеле правото на обештетување со друг вид надомест. И покрај тоа што со иницијативите се оспорува целиот член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација, односно членот 64 од интегралниот текст на Законот, според Судот, наводите за оспорување на уставноста на оваа одредба всушност се однесуваат на ставот 3 на членот 64 од Законот, во делот: „само доколку поднесеното барање за денационализација до истекот на периодот од ставот 1 на овој член било прибележано во јавната книга за запишување на правата на недвижностите“, а не и на останатите одредби во овој член.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека членот 64 став 3 од Законот, во делот: „само доколку поднесеното барање за денационализација до истекот на периодот од ставот 1 на овој член било прибележано во јавната книга за запишување на правата на недвижностите.“ не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 51 и член 52 став 4 од Уставот.“

Врз основа на увидот направен во предметот У.бр.115/2010, У.бр.120/2010 и У.бр.123/2010 произлегува дека Судот се произнел за согласноста на целината на оспорениот член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2010), односно членот 64 од целината на Законот со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 51 и член 52 став 4 од Уставот. Меѓутоа, формална одлука за неповедување на постапка за ставот 1, ставот 2 и ставот 3 во делот: „ Склучените правни дела и дадените еднострани изјави на волја во периодот од ставот 1 на овој член, а со кои се располагало со имот предмет на денационализација или се искористил таков имот со кој се создале обврски за барателот се ништовни“ од членот 64 од Законот не е донесена. Ова од причина што Судот оценил дека акцентот во иницијативите бил ставен на несогласноста на членот 64 став 3 во делот: „само доколку поднесе-ното барање за денационализација до истекот на периодот од ставот 1 на овој член било прибележано во јавната книга за запишување на правата на недвижностите врз основа на акт на органот кој ја води постапката за денационализација“ од Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ бр.31/2000, 42/2003, 44/2007, 20/2007, 14/2009, 20/2009 и 72/2010).

Според тоа, Судот за истата работа веќе одлучувал, но како не донел формална одлука за неповедување на постапка за член 4 став 1 и 2 и означениот дел од ставот 3 од Законот, односно членот 64 став 1 и 2 и означениот дел од ставот 3 од целината на Законот постојат деловнички пречки предметната иницијатива да се отфрли поради постоење на пресудена работа. Оттаму, имајќи предвид дека Судот во целост се произнел за суштината на работите, но не донел формална одлука за согласноста на наведените одредби со Уставот Судот оцени дека по повод оваа иницијатива треба да се донесе формална одлука за неповедување на постапка за оценување на нивната согласност со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата. Во секој случај Судот имаше предвид и тоа дека во предметната иницијатива не се презентираат основи кои сами по себе или во врска со изнесуваните основи во поранешните иницијативи би довеле до поинакво одлучување.

6. Судот, по однос на членот 64 став 3 во делот: “само доколку поднесеното барање за денационализација до истекот на периодот од ставот 1 на овој член било прибележано во јавната книга за запишување на правата на недвижностите врз основа на акт на органот кој ја води постапката за денационализација“ од Законот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот. Ова од причина што овој дел од одредбата сметано од 24 јануари 2011 година (ден кога во „Службен весник на Република Македонија„ е објавена укинувачката одлука на Уставниот суд У.бр.115/2010, У.бр.120/2010 и У.бр.123/2010 од 12 јануари 2011 година) повеќе не е дел од правниот поредок на Република Македонија, што преставува процесна пречка за постапување на Судот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.82/2011
18 мај 2011 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски