82/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 1 јули 1998 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за дополнување на Одлуката за основицата и стапката на придонесот на Здружението на самостојните занаетчии, угостители, автопревозници и други дејности – Прилеп, донесена од Претседателството на Здружението на 1 јули 1997 година.

2. Петар Алвантиоски од Прилеп, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорената одлука се создавало обврска за сопствениците на дуќани и други стопански субјекти кои немаат својство на правно лице, да плаќаат членарина на Здружението и за лицата вработени кај нив, што не било во согласност со член 20 ставовите 1 и 2 од Уставот, и членовите 14 и 27 став 2 од Законот за општествени организации и здруженија на граѓани. Всушност, оваа одредба се применувала, така што, покрај членовите на Здружението, членарина се наплаќало и за вработените лица кај самостојните занаетчии, угостители, автопревозници и други дејности што не било во согласност со Статутот на Регионалното здружение на занаетчии и други самостојни стопанственици со седиште во Прилеп.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука, со која се менува член 2 од Одлуката за основицата и стапките на придонесот на Здружението, се уредува дека стапката за пресметување на придонесот на Здружението за сите стопанственици на дуќани и други стопански субјекти кои немаат својство на правно лице, а дејноста ја обавуваат на подрачјето на општина Прилеп, како и за нивните вработени лица, ќе изнесува 2% од основицата одредена во член 1 од Одлуката.

4. Според член 20 став 1 од Уставот на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални културни и други права и уверувања, а според став 2 на овој член од Уставот, граѓаните слободно можат да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и на колективните договори и другите прописи со Уставот и законите, а според алинеја 7 од овој член на Уставот, одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и здруженија на граѓаните.

Тргнувајќи од содржината на наведените уставни одредби во однос на карактерот на здруженијата на граѓаните и надлежноста на Уставниот суд, а имајќи предвид дека со оспорената одлука се уредуваат прашања од значење само за членовите на здружение на граѓани, како што е во конкретниот случај утврдувањето на основицата и стапката за пресметување на членарината на Здружението на самостојните занаетчии, угостители, автопревозници и други дејности – Прилеп, според мислењето на Судот оспорениот акт не е во надлежност на Уставниот суд, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

Во однос на наводите во иницијативата за неправилната примена на оспорената одлука, Судот, исто така, не е надлежен да одлучува.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.82/98)