82/1991-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 19 февруари 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за ревизија на Деталниот урбанистички план на град Кичево, донесена од Собранието на Општина Кичево на 21 февруари 1978 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што урбанистичкиот план во фазата на нацрт не бил ставен на јавен увид и јавна расправа во Месната заедница “Девеана”во Кичево.
3. На седницата Судот утврди дека јавната расправа по нацртот на планот, што е поднесен со оспорената одлука, била организирана во просториите на Општинската заедница за вработување во Кичево, со ставање на нацрт-планот на јавен увид и давање можност на граѓаните и другите субјекти да стават писмени забелешки во книга на забелешки или непосредно до надлежниот орган.
Согласно член 4 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ”бр.35/85 и 18/89), кој важеше во време на донесувањето на оспорената одлука, право и должност на граѓаните во месните заедници беше, помеѓу другото, да учествуваат во донесувањето на урбанистичките планови. Според член 19 од Законот за изменување и дополнување на Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на СРМ” бр.38/90), со чие влегување во сила престана да важи член 4 од основниот текст на законот, јавната расправа се спроведува со излагање на плановите во соодветна просторија во месната заедница и со доставување на писмени забелешки од граѓаните и другите субјекти до надлежниот орган.
Со оглед на тоа што изложувањето на нацртот на планот и организирањето на расправа, со ставање писмени забелешки, е обезбедено во соодветна просторија во градот Кичево, за чие подрачје се однесува, на начин што на граѓаните од месните заедници, меѓу кои и од Месната заедница “Девеана”, им е обезбедено непосредно учество во донесувањето на оспорената одлука, со давање сугестии по писмен пат, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со означените законски одредби.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.