8/2007-0-0

Вовед

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 206 став 1 во делот „или со други прописи засновани врз закон“, член 207 став 1 во делот „или во пропис заснован врз закон“, член 207 став 2 во делот „или со пропис заснован врз закон“ и член 263 став 1 точка 3 во делот „или друг пропис заснован врз закон“ од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/2005).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на деловите од одредбите на Законот означени во точката 1 од ова решение. Според подносителот на иницијативата, наведените законски одредби не се во согласност со Уставот на Република Македонија, затоа што надлежноста на органите на државната управа не може да се пропишува со пропис заснован врз закон, туку тоа може да се прави само со закон.

Поради тоа, законските одредби не биле во согласност со член 95 став 3 од Уставот и се повредувал член 8 став 1 алинеја 3 и 4, членовите 50, 51 и 96 од Уставот на Република Македонија.

3.1. Судот на седницата утврди дека во член 1 од Законот се определува дека според овој закон се должни да постапуват министерствата, другите органи на државната управа, организации утврдени со закон и други државни органи, потоа општините, градот Скопје и општините во градот Скопје, како и правните и други лица со јавни овластувања.

Понатаму, Судот утврди дека во членовите 33-36 од Законот се уредува водењето на управната постапка и донесувањето на решението според тоа кој орган е надлежен за управната работа. Така, кога една управна работа е во надлежност на државната управа, постапката ја води и решението го донесува функционерот што раководи со органот, односно службено лице овластено од функционерот (член 33 од Законот), а кај колегијалните органи решението го донесува колегијалниот орган, со тоа што со посебен закон или пропис може да се определи член на колегијалниот орган да го донесува управното решение (член 34 од Законот); ако за управната работа е надлежна општината, постапката ја води општинскиот орган на управата (или комисија или друг орган определени со посебен закон или пропис), а решението го донесува надлежниот општински орган врз основа на писмен извештај и предлог-решение на органот кој ја водел постапката (член 35 од Законот); ако за управната работа е надлежно правно лице со јавни овластувања, постапката ја води индивидуалниот орган односно функционерот во правното лице или службено лице овластено од него, а решението го донесува индивидуалниот орган или функционерот, со тоа што со посебен закон или општ акт на правното лице може да се определи друг орган или лице да решава за управната работа (член 36 од Законот).

Судот, исто така, утврди дека во член 3 од Законот се предвидува можност во управните области за кои со закон е пропишана посебна постапка, да се постапува по тој закон, со тоа што за она што не е уредено со посебниот закон се применуваат одредбите од Законот за општата управна постапка.

Од изнесените законски одредби произлегува дека надлежноста за водењето на управната постапка и за донесувањето на управното решение е определена со Законот, со тоа што е предвидена можност со посебен закон или пропис заснован врз закон да се определат други органи за донесување на управно решение.

3.2. Имајќи ја предвид изнесената уреденост на управно-процесната материја, Судот утврди дека смислата на оспорените делови од членовите 206, 207 и 263 на Законот е разработување на таквиот концепт. Имено, со нив се уредува постапката за донесување управно решение во ситуација кога со посебен закон или со други прописи засновани врз закон е определено два или повеќе органи, еден орган со претходна согласност од друг орган, еден орган во согласност со друг орган или еден орган со потврда, одобрение или мислење на друг орган, да донесуваат решение.

Така, членот 206 став 1 од Законот определува дека секој од повеќето органи е должен посебно да реши за управната работа кога со посебен закон или со други прописи засновани врз закон е определено за работата да решаваат два или повеќе органи. Понатаму, членот 207 став 1 од Законот ја уредува постапката во ситуација кога со посебен закон или со пропис заснован врз закон е определено решението да го донесува еден орган со претходна согласност од друг орган – тогаш решението се донесува откако другиот орган дал согласност, при што органот што го донесува решението е должен во своето решение да го наведе актот со кој другиот орган дал или одбил согласност односно да наведе дека во пропишаниот рок другиот орган ниту дал, ниту одбил согласност. Потоа, членот 207 став 2 од Законот ја определува постапката кога со посебен закон или со пропис заснован врз закон е определено решението да го донесува еден орган во согласност со друг орган – тогаш органот што донесува решение го составува и со списите на предметот му го праќа на согласност на другиот орган, кој може да даде согласност со потврда на самото решение или со посебен акт, во кој случај решението е донесено кога другиот орган дал согласност а се смета како акт на органот што го донел решението. Членот 263 став 1 точка 3 од Законот определува дека надлежниот орган ќе го поништи конечното управно решение по правото на надзор ако не е донесено според законот или друг пропис заснован врз закон, а со кои е определено дека решението се донесува од еден орган со согласност, потврда, одобрение или мислење на друг орган.

4. Според член 8 алинеја 9 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е и локалната самоуправа.

Согласно член 115 од Уставот, општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на нејзината работа го врши Републиката (став 2); Републиката со закон може да и довери вршење на определени работи на општината (став 3).

Од изнесените уставни одредби произлегува дека локалната самоуправа е темелна вредност и дека, покрај со Уставот, и со закон може да се утврдат надлежностите на општината, како и со закон да и се довери вршење на определени работи на општината.

Со оглед на тоа што со оспорените делови од членовите 206, 207 и 263 на Законот се разработува постапката за водење и донесување на решение во случаите кога со општински пропис се определени повеќе општински органи да донесуваат управно решение, Судот утврди дека таквите законски одредби имаат основа во наведените уставни определби, поради што утврди дека неможе да се постави прашањето за нивната уставност.

Покрај тоа, Судот утврди дека не се доведуваат во прашање ниту другите темелни вредности на кои упатува подносителот на иницијативата (владеење на правото; поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска; основните слободи и права) и нивната уставна разработка (во врска со владеењето на правото – член 51; во врска со поделбата на власта – членовите 95 и 96; во врска со основните слободи и права – член 50 став 2), бидејќи општинскиот пропис е во согласност со Уставот и со закон, општинскиот пропис се однесува на општински орган кој донесува управно решение во врска со прашање од локално значење, а не на орган на државната управа и обезбедена е судска заштита против конечно управно решение на општински орган од аспект на водената управна постапка со оглед дека ја применува постапката пропишана со закон (управен спор).

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.8/2007
4 април 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи